Македонија
Преку снимки од надзорните камери околу мостот Гоце Делчев ќе се расветлуваат причините за несреќата

Обвинител од скопското основно јавно обвинителство извршил увид и презема дејствија за утврдување на фактите за настаната тешка сообраќајна несреќа во близина на мостот Гоце Делчев во центарот на Скопје во која загина пешак.
„Првичните сознанија упатуваат дека до несреќата дошло кога автомобил марка ‘бе-ем-ве’ со кумановски регистарски ознаки удрил во пешак кој ја преминувал улицата во непосредна близина на мостот“, соопштија од обвинителството.
По наредба на обвинителот ќе се врши обдукција на телото на починатиот, а од лицето кое управувало со автомобилот земени се примероци од крв и урина за да се утврди евентуално присуство на алкохол или други недозволени средства.
Со наредба на јавниот обвинител ќе бидат обезбедени и снимките од видеонадзорот на околните објекти со цел да се утврдат причините за несреќата.
Издадена е и наредба за технички преглед на автомобилот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ковачевски: Автокефалноста на МПЦ– ОА е историска вест и автентичен дел на македонскиот идентитет

Голем е денешниот ден, историски, кога ги чествуваме Светите браќа Кирил и Методиј, да ја добиеме и автокефалноста на нашата црква како рамноправна со другите и како признание за нејзиното наследство во духовната величина на древната Охридска Архиепископија, и како автентичен дел на македонскиот идентитет, истакнува премиерот Димитар Ковачевски по повод автокефалноста на Македонската православна црква.
„Се радуваме заедно со сите православни христијани во нашата земја на историската вест со која Македонската православна црква – Охридска Архиепископија се стекнува со автокефалност“, вели Ковачевски.
„Оваа со векови очекувана вест е соопштена денеска на заедничката служба со Српската православна црква, на која патријархот Порфириј соопшти дека одлуката МПЦ-ОА да биде прифатена како автокефална црква ќе биде предложена пред Вселенската патријаршија со препорака таа да биде прифатена од сите православни цркви. Нека е честит овој голем ден за сите православни верници и за сите граѓани“, изјави премиерот Ковачевски.
Македонија
Мицкоски за МПЦ: Да чекориме обединето кон заштита на нашиот идентитет

Голем ден за нашата света Македонска Православна Црква – Охридската Архиепископија, напиша на фејсбук лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Нашата црква мора да е обединета, нашиот Синод, свештенството, исто како што мора да биде обединет и нашиот народ, и тогаш сите искушенија, бури и премрежја ќе бидат премостливи. Да продолжиме да чекориме обединето“, напиша Мицкоски.
„Честитки за мудроста, обединетоста и достојноста на Синодот и неговото блаженство г.г. Стефан, за градењето на мостови, за бранењето на нашиот идентитет и вредности во кои веруваме, за премостените децениски и вековни јазови. После одлуката на Вселенската патријаршија, како и оваа денес, сведоци сме на историја важна за нашиот народ и нашата Македонија!“, вели во пораката на социјалните мрежи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Пендаровски: Одлуката на Српската православна црква ќе придонесе за исправање на историските неправди

Претседателот Стево Пендаровски, упати порака по повод донесената одлука од соборот на Српската православна црква за прифаќање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
„Упатувам честитки до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) г.г. Стефан и до сите граѓани од православна вероисповед по повод едногласно донесената одлука од соборот на Српската православна црква за прифаќање на автокефалноста на МПЦ-ОА. Ова е радосна вест за сите граѓани на земјава од православна вероисповед, која следи по одлуката на Вселенската Патријаршија за прием на нашата Црква во канонско единство и во евхаристиско општење“, вели во пораката Пендаровски.
„Одлуката на Српската православна црква ќе придонесе за исправање на историските неправди и отвора можност за нов и необременет духовен раст на Охридската Архиепископија. Верувам дека целиот процес на признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска Архепископија ќе заврши со скоро потпишување на Томосот од Вселенскиот Патријарх г.г.Вартоломеј, што ќе придонесе за исполнување на еден од нашите национални интереси и за напредок и помирување во македонското општество“, напиша шефот на државата.