Македонија
Премиерот Ковачевски во посета на Атина по повод 20-годишнината од самитот ЕУ – Западен Балкан во Солун и декларацијата од Солун
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, во Атина, ќе учествува на неформална вечера на лидерите од Западен Балкан и лидерите од ЕУ земји членки од регионот, чиј домаќин ќе биде грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. Неформалната вечера се одржува по повод одбележувањето 20 години од одржувањето на самитот ЕУ – Западен Балкан во Солун и декларацијата од Солун, известуваат од Владата.
Премиерот Ковачевски во Атина е придружуван од заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ.
Неформалната вечера ќе биде можност лидерите да разговараат за проширувањето и европската иднина на регионот на 20-годишнината од декларацијата од Солун и од самитот ЕУ – Западен Балкан, со која најконкретно беа отворени перспективите за членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ.
На неформалната вечера ќе учествуваат претседателите на Европскиот совет, Шарл Мишел, и на Европската комисија Урсула вон дер Лајен, лидерите на земјите од Западен Балкан – српскиот претседател Александар Вучиќ, црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, премиерката на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто, и косовскиот премиер Албин Курти, како и премиерите од земји членки на ЕУ од регионот и пријатели на проширувањето – на Хрватска, Андреј Пленковиќ, на Романија, Јон-Марсел Чолаку, и на Бугарија, Николај Денков.
Пред неформалната вечера премиерот Ковачевски ќе оствари средба со претседателката на Европската комисија, Урсула вон дер Лајен, се наведува во соопштението на Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
