Македонија
Премиерот Мицкоски вели дека во есенската кошница се производите кои се најкористени од граѓаните
Со есенската потрошувачка кошница се опфатени производи коишто се најкористени од страна на граѓаните, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски во одговор на обвинувањата од опозицијата дека се ограничува маржата на 70-тина производи за разлика од времето на СДСМ кога биле донесени мерки за намалување на повеќе од 500 производи.
– Оваа есенска кошница е таргетирана и е резултат на анкета што е правена со граѓаните за тоа кои се производите што оваа есен се најкористени. Иста таква кошница ќе има и пред новогодишните празници, ќе има и пролетна кошница така што нашата цел како Влада е производите кои се најупотребувани од страна на граѓаните да бидат опфатени со оваа мерка, истакна Мицкоски во изјава за медиумите дадена по посетата на општина Кавадарци.
За обвинувањата од опозицијата рече дека се безидејна порака и дека во нивно време данокот на додадена вредност бил зголемен од пет на десет проценти, а бил воведен и данок на луксуз.
Опозицијата денеска преку соопштение оцени дека мерките на Владата се задоцнети и дека нема да имаат никаков реален ефект врз намалувањето на цените на производите и врз стандардот на граѓаните.
– Наместо економска политика гледаме калкулантска политика на Владата на Мицкоски и тотална негрижа за стандардот на граѓаните. СДСМ на пример минатиот септември 2023 година донесе мерки за намалување на над 500 производи во 25 различни категории и реализираше антикризен пакет за помош на граѓаните вреден 662 милиони евра. Тоа е реална помош. Во соседна Србија веќе се спроведува одлука со која поевтинија над 700 производи, слично е во Црна Гора. Во исто време се случува за прв пат после пет години постојан раст да се намали просечната плата за речиси 1000 денари, наведува опозициската СДСМ во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

