Македонија
Пренџов: Од јануари 2023 сметките за електрична енергија ќе поскапат за дополнителни 5 отсто
„Денес во Собранието владиното мнозинство одби еден многу важен Предлог закон кој беше предложен од страна на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“, а тоа е да цената на ДДВ-то за потрошена електрична енергија остане на 5%. Денес владиното мнозинство не се охрабри да работи во интерес на граѓаните, туку исклучиво во интерес на банкротираната и најнеспособната Влада во историјата на Република Македонија“ рече на прес-конференција Љупчо Пренџов, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој напомена „ова одбивање денес значи дека од 1ви јануари 2023 година сметките за електрична енергија ќе поскапат за дополнителни 5%, а од 1ви јули 2023 година за дополнителни 13%“.
„Ова е срамота, затоа што сите владини претставници и сите пратеници од страна на владиното мнозинство кога го намалувавме ДДВ-то за електрична енергија на 5% велеа дека тој ќе трае се додека трае кризата. Кризата не се намали, не исчезна, туку напротив се зголеми. И во време на уште поголема криза тие се однесуваат како да не се од тука и цената за електрична енергија се покачува за дополнителни 5% од 1ви јануари 2023 година“ смета Пренџов.
Вториот закон кој беше одбиен беше „Викенди без ДДВ“.
„Едноставно Владата нема слух за помош на граѓаните и директно го покажуваат своето вистинско лице кое што пред секои избори, секоја прес конференција декларативно со зборови се грижат за интересите на граѓаните, а де факто и на дело го прават спротивното“ рече Пренџов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во Лондон на средба со шефицата на британската дипломатија, Ивет Купер
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Лондон оствари средба со државната секретарка за надворешни работи, Комонвелт и развој на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Ивет Купер.
„На средбата беше потврдена заедничката заложба за натамошно унапредување на стратешкото партнерство меѓу двете земји, како и за продлабочување на соработката во повеќе области од заемен интерес, со посебен акцент на економските односи, трговијата и инвестициите“, соопштија од Министерството.
Министерот Муцунски ја нагласил посветеноста на Владата кон спроведувањето на Договорот Влада со Влада, како и интересот за натамошни заеднички активности насочени кон привлекување британски инвестиции и дополнително зајакнување на економската соработка. Во таа насока, било разговарано и за следните чекори во развојот на стратешкиот дијалог меѓу двете земји.
На средбата станало збор и за Коридорите 8 и 10 како проекти од инфраструктурно и стратешко значење, при што соговорниците разговарале и за прашања поврзани со регионалната и европската стабилност и безбедност.
Притоа, тие размениле мислења и за важноста на соработката и партнерството во рамките на НАТО, актуелните глобални безбедносни предизвици, војната во Украина и состојбите на Блискиот Исток.
Македонија
Владата го изгласа пуштањето во употреба на „One Stop Shop“ со Албанија
Владата денеска го изгласа пуштањето во употреба на системот за заеднички гранични проверки „One Stop Shop“ со Албанија. Со ова се заокружува процесот на воспоставување на овој систем со трите соседни земји на кои не се дел од Шенген зоната, имајќи предвид дека истиот веќе функционира со Србија и Косово. За целосна финализација останува да се потпише договор меѓу двете министерства за внатрешни работи.
Портпаролката на Владата, Венера Азизи, изјави дека воведувањето на системот најпрво ќе започне на граничниот премин Ќафасан, а потоа ќе биде проширено и на останатите гранични премини со Албанија. Ова ќе овозможи поедноставно, побрзо и побезбедно преминување на државната граница, особено во летниот период кога значително се зголемува фреквенцијата на патници и кога во минатото граѓаните често укажуваа на долгите чекања на граничните премини.
Потребата од вакво решение најдобро ја потврдува фреквенцијата на патници на граничните премини со Албанија.
Во текот на 2025 година, на овие гранични премини биле регистрирани вкупно 4.581.724 патници, од кои дури 2.318.080 на граничниот премин Ќафасан. Овие бројки ја истакнуваат важноста од воведување на системот „One Stop Shop“, кој ќе овозможи побрз и поефикасен проток на патници и ќе придонесе за намалување на времето на чекање на границите.
Македонија
Граѓаните ќе се изјаснуваат кај матичен лекар дали сакаат да бидат дарители на органи по нивната смрт
Владата на предлог на Министерството за здравство денес го усвои предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земање и пресадување делови од човечко тело заради лекување.
Со предложените измени, секој полнолетен граѓанин, при посета на својот матичен лекар, ќе даде изјава дали се согласува или не по неговата смрт да биде дарител на органи и ткива заради лекување, а таа изјава ќе се евидентира во листата во националниот систем за електронски евиденции во здравството – Мој Термин. Законот предвидува и можност граѓанинот во секое време да ја промени својата одлука.
Со овие измени, првпат државата ќе има попрецизна слика за подготвеноста на граѓаните, како и за нивото на информираност и доверба кон органодарителството.
Истовремено, со предложените измени се проширува и кругот на живи дарители, така што покрај досегашните сродници ќе бидат опфатени и други сродници во странична линија до четврти степен, односно и првите братучеди, при што се задржува заштитниот механизам преку етичката комисија, која ќе ја проверува доброволноста на чинот и отсуството на принуда.
Дополнително, се предвидуваат и други решенија за олеснување на постапките, вклучително и поедноставување на административно-техничките чекори во делот на утврдување и потврдување на мозочната смрт.
„Со ова законско решение правиме важен чекор кон систем во кој волјата на граѓанинот ќе биде јасно изразена, поцврсто заштитена и подоследно почитувана. Чинот на органодарителство ќе произлегува од слободна и информирана одлука. Во исто време, со проширувањето на кругот на живи дарители создаваме нови можности за лекување, секогаш во строги медицински, етички и законски рамки“, вели министерот за здравство, Азир Алиу.
