Македонија
Препораки за пациентите со малигни заболувања и лица од особен ризик поврзани со Ковид-19

Пациентите кои страдаат од онколошки или хематолошки заболувања, како и други болести поврзани со имуносупресија (на пр. вроден недостаток на имуниот систем, трансплантација на органи или хематопоетски матични клетки, автоимуни болести кај кои е неопходен имуносупресивен третман), се особено изложени на ризик поврзан со инфекции предизвикани од респираторни вируси, како што е грипот. Ризикот од хоспитализација на лица со карцином како резултат на САРС-КоВ-2 вирусот е поголем отколку кај лица со споредлива возраст.
Бидејќи во моментов нема конкретни вакцини или антивирусни лекови против инфекција со вирусот САРС-КоВ-2, дефинирани се препораки што важат за сите пациенти и се темелат на засилена хигиена и рестрикција на контакти. Хигиената и честото миење раце, како и избегнување на допирање на лицето се основните препораки, како и избегнување посети во домот на пациентот од страна на семејството или пријатели, без разлика дали имаат респираторни симптоми. Основно е да се избегнуваат, кога е можно, места каде има повеќе луѓе. Надвор од дома, а особено при посети на болница за терапија или третмани, неопходно е да се носи маска за еднократна употреба која треба да ги покрива устата и носот и не смее да се допира со рацете откако ќе се намести.
Клиниката за онкологија ги спроведува сите неопходни и препорачани мерки за заштита од ширење на инфекцијата со вирусот со цел пациентите да може навремено и безбедно да ја примаат терапијата. Пациентите кои примаат зрачна, хемо или биолошка терапија не смеат никако сами да го прекинуваат третманот, туку мора да се консултираат со својот онколог дали има потреба од модификација на терапијата и како е најдобро истото да се спроведе.
Една од препораките е доколку е соодветно, да се одложи рутинската контрола во договор со онкологот кај оние пациенти кај кои терапијата е веќе завршена, а со цел да се ограничи посетеноста на здравствените установи кога не е неопходно и со тоа да се ограничи ризикот од изложеност на САРС-КоВ-2.
Во клинички услови се препорачува да се поделат онколошките и онко-хематолошките пациенти во групи, и тоа пациенти кои го завршиле терапевтскиот дел, односно пациенти кои не се на терапија, а одделно оние пациентите кои сè уште се лекуваат, потоа во посебна група пациентите на цитостатичен и зрачен третман, кои се со поголем ризик од заразни компликации, а издвоени треба да се и пациентите на третман со имунотерапија. Пациентите кои биле подложени на операција за карцином, исто така, можат да бидат изложени на зголемен ризик од Ковид-19, па треба да ги спроведуваат сите мерки за самозаштита.
Исто така, со цел поголема заштита Министерството за здравство ќе ја дистрибуира терапијата за пациентите за дел од онколошките заболувања, во регионалните онколошки центри. Така, пациентите за кои е возможно терапијата да ја примаат во локалните центри, нема да мораат да доаѓаат во Клиниката за онкологија за да примат терапија, туку тоа ќе можат да го сторат во најблиската болница. Потребно е само претходно да се консултираат со својот онколог во однос на точниот термин и локацијата, центарот каде ќе може да ја примат терапијата. Дисперзијата на дел од онколошката терапија е направена со цел поголема заштита на пациентите и да се намали ризикот од нивно изложување на вирусот.
И покрај зголемениот ризик од инфекции кај онколошките пациенти кои се на третман за својата болест, сепак основно е да знаат дека треба пред сè редовно да ја примаат својата терапија, треба самите себе да се заштитат со тоа што сите контакти поврзани со својата болест или терапијата да ги сведат на неопходен минимум и ќе бидат во постојана консултација со својот доктор за да ги дознаат навреме сите информации и новости.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ потврдува дека стои зад медиумот во кој со години Палевски беше ководител

СДСM потврдува дека стои позади медиумот каде Палевски беше години ководител, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС потврди дека стимулира медиуми да шират говор на омраза против Мицкоски и неговото семејство со што директно го изложуваат на ризик нивниот живот“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ,
Како што посочуваат, СДСМ потврдува дека е подготвена на секакви сценарија со кои ќе се обиде да ја дестабилизира Македонија.
„Нема да им помине, а со новата влада на ВМРО-ДПМНЕ, истрагата ќе биде проширена и истата ќе ги опфати сите учесници во овој грозоморен настан како и оние со кои Палевски соработуваше со месеци ширејќи говор на омраза“, истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Весна Петрушевска: Мајката и сестрата на Вања се болни, во целата колективна траума заборавивме на нив

Актерката Весна Петрушевска објави видео на својот „Инстаграм“ профил во кое вели дека сестрата на Вања била подложена на операција на срцето, а мајката има сериозни здравствени проблеми со дишењето.
„По целата оваа колективна траума, заборавивме на мајката на жртвата Вања и нејзината сестричка. Многу зборуваме за злосторниците и да, така треба, но ги заборавивме жртвите на насилство, во овој случај тие се директни жртви на насилство, нејзината мајка и нејзината сестричка. Само сакам да ви укажам дека треба да размислите пред што било да објавите или да коментирате. Да размислите на овие две невини суштества чијашто тага во овој момент е немерлива, нивниот живот е скратен, тие се живи мртовци. Тагата е огромна“, вели Петрушевска.
Додека се зборува за камерите, „цитроенот“, за прес-конференцијата, вели актерката, никој не праша што се случува со мајката на Вања и нејзината сестричка.
„Тоа е поразот наш, и тоа е она што нас ќе нè зафркава во овој животен век. Не сум сигурна дали оставаме добар свет за оние генерации коишто доаѓаат“, вели Весна во видеото.
View this post on Instagram
Денес за првпат се огласи мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, која кажа дека има хронична болест, но се држи, а другата ќерка моментално е болна, но сите се надеваат дека ќе биде добро. Во разговорот, мајката им порача на новинарите да не ја прашуваат ништо за нејзината друга ќерка и за тоа како таа се справува со ситуацијата. Не сака да каже колку години има другото девојче, и во моментов најважно и е да ја заштити.
Мајката на Вања во разговорот рече и дека се уште не може да разбере што се случило, а за поранешниот сопруг кажа дека биле во добри односи поради децата, но не знае што правел тој и со кого комуницирал.
Македонија
Ковачевски за обвинувањата дека доцни истрагата: Мицкоски се поставува како истражител и обвинител, ако има докази нека ги достави

Лоцирани и приведени се извршителите на грозоморниот чин, а на прес – конференции и преку соопштенија јавноста е известена за сите преземени мерки од институциите за убиствата на 14 годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Вака премиерот Димитар Ковачевски одговори на забелешките од опозицијата дека доцни истрагата. Рече дека не сака да навлегува во коментари кои се однесуваат на работата на институциите, но не штедеше зборови за однесувањето на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.
„Што се однесува до коментарите на лидерот на опозицијата тој во многу случаи се има поставено и како истражител и како обвинител и така натаму. Нема да навлегувам во тоа со што сака да се бави, меѓутоа прикривање на докази, за кои вели дека ги има, е исто така кривично дело и затоа доколку има докази треба сите да ги достави до Министерството за внатрешни работи или до Обвинителството. Бидејќи се работи за еден грозоморен чин кој што е направен од нелуѓе, кои треба да бидат изведени пред лицето на правдата и согласно законите да бидат најстрого казнети“, рече денес премиерот Ковачевски по презентацијата на нова лабораториска опрема на Фармацевтскиот факултет.
ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Мицкоски ја обвинија власта дека се направени низа пропусти во истрагата за убиствата на Палевски и побараа објаснување зошто веднаш МВР не тргнала во потрага по возилото на убиениот Панче туку истрагата е водена бавно и со пропусти.
На ваквите обвинувања, денес одговори и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. За него тие се политиканство од најдолен вид, апелираше на одгворно однесување и најави дека ќе се испитуваат коминикациите на осомничените и со лица надвор од групата вмешана во убиствата.