Македонија
Преспанци ќе добијат можност сами да предложат како да се уредат 30 локации на кои досега на диво трупаа ѓубре

Купишта ѓубре безмалку на секоја улица и силна смрдеа ги пречекуваат и оние малкумина туристи што ќе одлучат да ја посетат Преспа ова лето. Диви депонии има насекаде. Општина Ресен изброја најмалку 30 и ги стави на листа за чистење со европски пари. Чистењето почна, но општинарите велат дека тоа е процес што ќе трае оти целта им е не само да ги исчистат дивите депонии, па за кратко тие повторно да се наполнат, туку, покрај чистењето, да ја кренат јавната свест кај жителите, да најдат заеднички решенија и да се искорени навиката ѓубрето да го оставаат малку понастрана од дворот.

Дивите депонии во Преспа ќе се чистат од јуни годинава до 2027 година, вели градоначалникот на Ресен Јован Тозиевски
„Програмата ‘ЕУ за Преспа’ не е само еден проект, туку мноштво одобрени проектни апликации. Сите имаат крајна цел – да ја подобрат животната средина, а со тоа и квалитетот на животот во Преспа. Проектите се имплементираат од разни субјекти, граѓански организации и сите според програмата се системски поврзани меѓу себе во делот на активностите што треба да се спроведуваат и да постигнат позитивни резултати и индикатори. Програмата ‘ЕУ за Преспа’ во три одвоени апликации има активности за чистење на дивите депонии. Тие зависат директно од имплементаторите и ќе се одвиваат во период од јуни годинава до крајот на 2027 година. Општина Ресен во овој дел несебично ги поддржува и логистички преку ангажирање приватни субјекти, а и ЈКП ‘Пролетер’ излегува во пресрет на вакви активности своеволно и ќе ги поддржува и во иднина ваквите иницијативи“, вели градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски.
Почнато е расчистување на три диви депонии. Градоначалникот Тозиевски, според обемот на депониите и нивната просторна достапност, очекува чистењето да продолжи и во наредниот период, а предвидено е со сите проекти од програмата да се исчистат 30-ина диви депонии до 2027 година.
Заедно со чистењето Општината ќе бара мислење од жителите и за начинот на кој е најсоодветно да се уреди исчистениот простор.
„Предвидено е во самата програма и проектни апликации за некои од депониите да се направи преуредување за кое преку инфо и едукативни работилници месното население ќе ја даде идејата за тоа што ќе има на тие места. Преуредувањата ќе се направат со дел од средствата од проектот ‘ЕУ за Преспа’“, најави градоначалникот Тозиевски.
Многу од дивите депонии се направени покрај местата предвидени за отпадот од пестициди, па градоначалникот вели дека доколку се направат добри концепти за собирање, одлагање и постапување со пакувањата и отпадот од пестициди, можеби ќе има обновување на некои пунктови со ваква намена. И за овие прашања градоначалникот очекува да се бараат конкретни одговори во периодот што следува оти проектот „ЕУ за Преспа“ тукушто почна.
Општината работи и на идеја за нов начин за собирање на отпадот од пестициди. Градоначалникот Тозиевски вели дека се на добар пат и дека за кусо време ќе може да се пофалат со добар модел за постапување со овој специфичен отпад.
Легалната депонија во Ресен бесплатна, а дива депонија расте на чекор од неа
Заедно со чистењето на депониите на жителите на Ресен ќе им бидат поделени 2.400 канти за селектирање отпад, се планира повторно да почне да работи компостарницата за биолошкиот отпад, која не е во функција седум години, а Јавното комунално претпријатие „Пролетер“ ќе почне да го собира ѓубрето и од неколкуте села од кои досега не го собирале. Директорот на „Пролетер“, Марчел Русу, вели дека го засилиле возниот парк на претпријатието со пари од проектот „ЕУ за Преспа“, па сега може да ја покриваат 100 отсто територијата на општината.

Отккао сум директор вратите на депонијата се отворени, физичките лица бесплатно можат да депонираат отпад, вели директорот на ЈКП „Пролетер“, Мачело Русу
„Останати се пет-шест села во кои никогаш досега воопшто не се собираше отпад. Крушје, Златари, Лева Река, Горно Дупени, Кривени. Сега ќе собираме од сите села, вклучително и оние од кои не се собирало. Паралелено со тоа, во градот почнуваме со делење канти за селекција на отпадот, добиени од проектот ‘ЕУ за Преспа’, во друга боја, наменски, жолти, за собирање пластика и хартија во прво време, а во исто време преку ‘Пакомак’ го селектираме и стаклото, нула отпад спроведуваме и за електричниот отпад, така што не сме на нула, туку тргнува некаква селекција“, вели директорот Русу.

Дива депонија на 30 метри од влезот на легалната депонија во Ресен
Најголем проблем директорот Русу смета дека се дивите депонии, кои ги има насекаде, па дури и на само неколку чекори од легалната депонија. Ниската свест кај жителите тој вели дека е причината поради која ѓубрето го оставаат покај улиците иако користењето на легалната депонија, како ретко каде, во Ресен е бесплатно.
„Изминативе три и пол години откога сум назначен за директор на Јавното комунално претпријатие, сме ги отвориле вратите на постојната депонија физичките лица бесплатно да си го одлагаат отпадот за да не се создаваат вакви диви депонии. И на 30 метри од легалната депонија покрај патот има купишта исфрлен отпад. До свеста на луѓето е. Имаме отворени врати, велиме, еве, повелете, истурете, но сепак има луѓе што избираат ѓубрето да го остават на најблиската дива депонија“, рече директорот Русу.
Во некоја од наредните фази од проектот „ЕУ за Преспа“, директорот Русу вели дека не е исклучена можноста да постават контејнери на некои места, кои сега се диви депонии, оти со обновениот возен парк ќе може од повеќе места организирано да го собираат отпадот. Сепак, очекувањата не му се големи оти, како што вели, „чиста Преспа не може да се случи со волшебно стапче“.
Ниската свест главна причина за создавањето диви депонии
Екоактивистите од Преспа имаат големи очекувања од најавената селекција на отпадот во Ресен. Нивниот став е дека дивите депонии се резултат на ниската свест за животната средина, па очекуваат многу работи да се сменат со проектот „ЕУ за Преспа“.

Марија Ефтимовска од „Екогерила Преспа“ смета дека причина за дивите депонии е ниската свест на жителите
„Според мене, најопасните депонии се оние со отпад од пестициди. Тоа е посебен отпад, што претставува и опасност сам по себе. Може да се сретне на сите диви депонии затоа што секое население, каде што има бавчи и овоштарници, си го одлага во најблиското место на кое се создава дива депонија. Причина за тоа е најмногу немањето совесност кон природата и кон она како ние треба да ѝ вратиме на природата и немањето совест дека ако си ги исчистиме нашиот двор, овоштарникот или домот, каде тоа ѓубре го одлагаме? Го одлагаме понатаму во поголемиот наш двор бидејќи и Преспа како регион и Земјата како планета е дом на секого од нас“, вели Марија Ефтимовска од „Екогерила Преспа“.
Безбројни се депониите кои нивното здружение ги исчистило, но за кусо време повторно се појавиле на истото место. Главно ги чистеле дивите депонии на крајбрежјето и на локации за кои Општината нема надлежност за чистење. Нивните активисти, заедно со голем број граѓани и вработените во ЈКП „Пролетер“, се носители на акциите за чистење во Преспа.
Со оваа содржина, „Макфакс“ ја поддржува кампањата за управување со отпад „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Армијата ја засилува својата борбена готовност, промовирани новите артилериски орудија „Боран“

Денеска во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски беше промовирана нова артилериска батерија составена од шест хаубици 105 mm, „Боран“ и друга придружна опрема, кои се набавени од Турција во рамки на процесот за модернизација и опремување на Армијата.
На промоцијата, премиерот Мицкоски истакна дека „нема повеќе импровизации, нема повеќе застарена опрема и декларативна поддршка”, туку реални инвестиции, план, стратегија, има волја и одговорност.
„Со оваа набавка, ја градиме државата која самоуверено стои рамо до рамо со сојузниците. Македонија која се грижи за своите војници, која ја почитува својата Армија и која знае дека силна Армија значи сигурен народ. На сите припадници на Армијата – ви честитам.
Оваа опрема е за вас. За вашата безбедност, за вашата способност и за вашата посветеност кон татковината. А вие сте нашиот прв бедем и гордост на државата. Македонија мора да успее. А ќе успее само ако е силна, самостојна и сигурна“, рече Мицкоски.
Министерот Мисалјовски истакна дека Министерството инвестира и ќе продолжи да инвестира во Армијата која „се гради континуирано, со секој изминат ден“. Градењето на македонските одбранбени капацитети, рече, значат силна и опремена Армија, секогаш подготвена да одговори на потребите на граѓаните и безбедноста на државата.
„Оваа опрема е произведена во Турција согласно највисоките НАТО стандарди. Набавката на оваа воена опрема преку договорот Влада со Влада упатува една јасна порака, дека ние имаме огромна доверба во високиот квалитет на производите од турската воено-наменска индустрија“, рече министерот.
Мисајловски им се заблагодари на амбасадорот Фатих Улусој, одбранбеното аташе полковникот Реџаи Јилмаз како и на сите инволвирани лица за искрената поддршка и посветеност и порача дека соработката е обострана, а успешен пример за тоа е и Рамковниот договор за воена соработка кој беше потпишан минатата година.
Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски порача дека со набавката на хаубиците „Боран“ започнува реализацијата на една од клучните компоненти во рамки на проектот „Опрема и муниција за индиректна огнена поддршка“ и директно придонесува за исполнување на нашите обврски од пакетот на НАТО Цели на способности зададени во 2021 година и потврдени со новиот пакет на цели од 2025 година.
„Се работи за ново модерно вооружување кое ги поседува бараните тактичко-технички карактеристики. Турските вооружени сили го добија ова вооружување во 2021 година, а само четири години подоцна е дел и од нашата Армија, со што сме првата земја во Европа која го поседува. Обезбедувањето на овие артилериски средства значително ги зајакнува капацитетите за индиректна огнена поддршка на Армијата, а истовремено се постигнува и посакуваната интероперабилност за учество во НАТО водени операции“, потенцираше генералот.
Амбасадорот на Турција, Фатих Улусој подвлече дека соработката во полето на одбранбената индустрија претставува важен дел од билатерални односи и дека стабилноста и безбедноста на Балканот преставува приоритет на турската надворешна политика.
„Денес заеднички ги согледуваме конкретните примери од нашата соработка во полето на воената и одбранбената индустрија. БОРАН хаубиците на МКЕ и системите за команда и контрола на огнена поддршка на АСЕЛСАН кои Северна Македонија ги набави од нашата земја се важен чекор во достигнување на НАТО стандардите од страна на македонската армија. Цениме дека нашите компании, кои произведуваат по европски стандарди и по ниски цени, ќе продолжат да придонесуваат во напорите за модернизација на нашиот сојузник, Армијата на Северна Македонија според стандардите на НАТО“, истакна амбасадорот Улусој.
Шесте хаубици „Боран“ се дел од декларираната батерија од артилерискиот баталјон во рамките на Лесната пешадиска баталјонска група на Армијата.
Македонија
ЗНМ: Пресудата за новинарот Стојановски е чекор напред, но правдата за новинарите сè уште не е завршена

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ја поздравува одлуката на Основниот граѓански суд Скопје, со која се утврдува повреда на правото на слобода на изразување на новинарот Влатко Стојановски од неделникот „Фокус“ за случајот од 27 април 2017 година во Собранието на Македонија.
„Оваа судска пресуда, која следуваше по одлуката на Уставниот суд од 2023 година, претставува значаен чекор напред во домашната судска пракса и потврда дека државата има обврска активно да ги заштити новинарите во ситуации на ризик. Граѓанскиот суд утврди дека Стојановски бил изложен на непријателска и опасна средина додека професионално си ја извршувал својата новинарска задача и дека институциите не презеле соодветни мерки за да обезбедат негова безбедност, со што се повредило неговото уставно загарантирано право на слобода на изразување. Судот донесе пресуда за делумен надомест на нематеријална штета, што испраќа јасна порака за одговорноста на државата да ги штити медиумските работници.
Оттука, сакаме да ја истакнеме важноста на оваа судска пресуда како позитивен пример за примена на европските стандарди за слобода на медиумите и охрабрување на новинарите во вршење на нивната професионална должност, без страв и притисоци.
Во споредба со другите слични случаи од настаните од 27 април 2017 година, за новинарката Душица Мрѓа тужбеното барање беше делумно усвоено, слично како и за Влатко Стојановски. За Горан Трпеноски повторувањето на постапката беше одбиено, но по поднесена жалба, се чека одлука од Апелациониот суд. Во случаите на колешките Наташа Стојановска, Билјана Николовска, како и колегите Игор Јанковски и Томе Ангеловски, постапките се сè уште во тек пред Уставниот суд откога Основниот суд не ја следеше насоката од претходната уставно-судска пракса.
Во овој момент единствените случаи со позитивен исход се оние на Душица Мрѓа и на Влатко Стојановски, но ниедна од овие пресуди не е правосилна, а другите, и по повеќе од 8 години, се наоѓаат во разни фази пред македонските судови.
Овие судски примери ја истакнуваат итната потреба од доследна примена на европските стандарди и создавање стабилна судска пракса, која ќе ги штити новинарите како носители на јавниот интерес. Само така може да се обезбеди средина во која тие ќе може слободно, безбедно и професионално да си ја извршуваат својата улога во демократското општество“, се наведува во соопштението на Здружението на новинарите на Македонија.
ЗНМ повторно апелира до надлежните институции, вклучително и судските органи и Министерството за внатрешни работи, да обезбедат ефикасна и активна заштита на новинарите гарантирајќи ги нивната безбедност и правото на слободно изразување во сите околности.
Македонија
„Законот за верски училишта е направен во согласност со уставните одредби и важечките законски прописи“, реагира ВМРО-ДПМНЕ

„СДС забораваат да кажат дека токму решението за регулирање на статусот на училиштето на Исламската верска заедница, кое го донесе нивниот премиер, Талат Џафери, беше укинато од Уставниот суд поради тоа што го прекршуваше принципот на секуларност на државата“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција на Kристина Kостова.
„Новиот закон за верски училишта кој го предлага Владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ е изготвен врз основа на уставните одредби, кои предвидуваат верските заедници да можат да основаат училишта, како и согласно сите претходно пристигнати сугестии во надлежното министерство.
Законското решение ги става учениците од овие училишта во еднаква положба, односно се изедначуваат нивните права со правата на останатите ученици во другите училишта. Тоа е суштината, примена на принципот на еднаквост на сите ученици, односно еднаков пристап од образование.
Па така, доколку ученик од средно верско училиште сака да се запише на факултет кој е надвор од областа која ја изучувал во средното образование, наместо училишна, потребно е да одбере државна матура, на која ќе треба да го полага соодветниот предмет, Тоа значи дека треба да се подготви за полагањето, да го совлада материјалот по тој предмет.
Нема ништо противуставно. Едноставно, се нуди решение за долгогодишен предизвик кој учениците од верските училишта ги ставаше во нееднаква положба со сите останати ученици.
СДС не мора да го поддржи предлогот. Тие ниту работеле, ниту ќе работат во интерес на младите и воопшто на граѓаните на Македонија. Нивните лоши политики во образованието и сите други сфери, иселија 17 илјади ученици и 7 илјади студенти во период од 7 години“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.