Македонија
Пристигнати 220 онлајн апликации за субвенции за набавка на инвертер клима уреди

Град Скопје информира дека од почетокот на отворањето на јавниот повик за субвенции за инвертери поднесени се 220 апликации, што говори за голем интерес на граѓаните за добивање средства за надоместок на дел од трошоците.
Според проценките за исплата во максималниот износ остануваат финансиски средства за уште околу 120 барања. Доколку се исполни бројката од околу 340 барање, онлајн аплицирањето автоматски ќе биде прекинато за да се разгледаат барањата и согласно тоа да се направи проценка на финансиските средства.
Во Буџетот на Град Скопје за 2022 година за оваа намена се предвидени 24 милиони денари.
Повикот ги опфаќа граѓаните кои купиле инвертер од 1 јануари, до завршувањето на повикот на 01.11.2022 години или до денот на исцрпување на средствата. На граѓаните ќе им бидат целосно надоместени трошоците за набавка на инвертер уред, но не поголема од 62.000 денари во нето износ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре сончево и топло време, попладне нестаблно со пороен дожд и грмежи

Времето утре ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност и со слаб северозападен, а во западните делови умерен западен ветер. Попладне и во вечерните часови ќе има локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 29 до 37 степени. УВ=7
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Доцна попладне и во вечерните часови во делови од котлината ќе има повремен пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Во вториот ден од викендот ќе се задржи сончево и топло време, а во попладневните и вечерните часови ќе има појава на локална нестабилност со пороен дожд и грмежи. Од понеделник ќе има стабилизирање на времето со благ пораст на дневните температури.
Македонија
Утре во Скопје ќе има посебен сообраќаен режим

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека на 25.6.2022 година (сабота), поради одржувањето на Парадата на гордоста, ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај на сообраќајниците во централното градско подрачје на Скопје.
За време на движењето (по потреба) за сообраќај ќе бидат затворени улиците 11 Октомври, Димитрие Чуповски, Васил Главинов, булеварот ВМРО, булеварот Илинден, улицата Аминта Трети“ и улицата 1732.
МВР апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите што ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Програмата за поддршка на печатените медиуми ќе се преточи во системско законско решение

Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација и Асоцијацијата за заштита на националните печатени медиуми (АЗНПМ), денеска во Владата на Република Северна Македонија организира јавна дискусија на тема „Утврдување модел на системско решение за поддршка на печатените медиуми“.
Воведни обраќања имаа министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, генералниот секретар на Владата, Методија Димовски, претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски, и претседателот на АЗНПМ, Лирим Дулови, по што следуваше дискусија со присутните претставници на печатените медиуми.
Во оваа пригода министерот Алити истакна дека подемот на новите технологии ја смени и реалноста на медиумскиот простор, што се одрази врз квалитетот на информирање и особено врз финансиската одржливост на печатените медиуми. Токму поради ова, како што истакна, Владата на Република Северна Македонија од 2018 година преку годишни програми обезбедува финансиска поддршка за печатените медиуми, а веќе размислува и за модел за континуирана системска поддршка.
Генералниот секретар на Владата, Методија Димовски, оваа дебата ја оцени како чекор кон изнаоѓање квалитетно решение укажувајќи на исклучително тешкиот период во време на ковид-пандемијата кога дел од средствата за поддршка на печатените медиуми беа редуцирани. Димовски истакна дека од исклучително значење е сегашната програма за поддршка на печатените медиуми да се преточи во системско законско и инклузивно решение, со посебен осврт на регионалните медиуми и културната разнообразност на медиумскиот амбиент во државата.
Претставниците на АЗНПМ, ЗНМ и на печатените медиуми го потврдија значењето на владината помош за печатените медиуми во изминатите години укажувајќи на зголемените трошоци за нивна продукција, како и за важноста од нивното опстојување како бастиони на професионализмот и хроничари на историјата на државата.
Тие укажаа на важноста од подобрување на социјалниот статус на професионалните новинари и амбиентот во кој тие работат апелирајќи за зголемување на продукцијата, квалитетот на медиумските содржини и производи и бројот на новинари вработени во овие медиуми.
На крајот на дискусијата заеднички беше оценето дека оваа дискусија е само еден сегмент во заедничките заложби за изнаоѓање модел за сочувување на печатените медиуми преку предлог-законско решение за нивна поддршка, која ќе се разгледува преку инклузивна дебата во наредниот период.