Македонија
Рустеми и неколку други лица под истрага за злоупотреби при јавна набавка во ЈП „Државни патишта“

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против пет физички и едно правно лице во врска со злоупотреби при јавна набавка за избор на фирма за физичко обезбедување на 14 наплатни станици на Јавното претпријатие за државни патишта.
Против тогашниот управител на фирмата од Кичево и правното лице е поведена истрага за кривично дело злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство од член 275-в од Кривичниот законик, а за другите четворица – тогашниот директор на претпријатието, еден од потписниците на договорот и двајца надлежни за контрола на реализацијата се води постапка за кривични дела што опфаќаат злоупотреба на службената положба и овластувањето и фалсификување службени исправи.
Станува збор за договор за јавна набавка склучен на 8.8.2022 година, со кој осомничениот управител на агенцијата за обезбедување се обврзал две години да врши континуирано физичко обезбедување 24/7 на сите 14 наплатни станици на Јавното претпријатие за државни патишта. Иако во согласност со потпишаниот договорот бил должен, не се придржувал кон обврската и за целиот период од договорот вршел само делумно физичко обезбедување, најчесто само во прва смена, а на договорниот орган му фактурирал услуги како да било вршено 24/7 физичко обезбедување за целиот период на договорот сѐ до неговото раскинување.
Тогашниот директор на јавното претпријатие бил должен да се грижи за законитоста во работата и за примената на прописите, статутот и другите акти, како и да врши контрола дали извршувањето на договорот за јавна набавка е во согласност со условите, но не ја извршил таа должност и го пропуштил должниот надзор над носителот на јавната набавка иако знаел дека физичкото обезбедување се врши само делумно.
Двајца осомничени раководители на одделението за наплата на патарини и контрола исто така имале задолжение да го следат договорот, како и неговото исполнување, да вршат контрола во извршувањето, одобрување работни налози за извршување на услугата, испратници, следење на квалитетот на извршените услуги и проверка на достасаните фактури и да изготвуваат извештаи дали договорот е целосно реализиран. Таквите контроли не ги вршеле во целост и иако знаеле дека обезбедувањето се извршува само делумно, најчесто во прва смена, ги потпишувале барањата за одобрение за плаќање.
Вториот потписник на договорот бил запознаен со бараната спецификација, но и покрај тоа ги одобрувал барањата и одобренијата за плаќање по што ги одобрувал и достасаните фактури, кои потоа биле реализирани во корист на агенцијата за обезбедување.
На овој начин другите осомничени на осомничениот носител на набавката му овозможиле да прибави противправна имотна корист во износ од 46.918.079 денари и со тоа му нанеле штета од големи размери на Јавното претпријатие за државни патишта.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за првиот осомничен, а за другите се предложени мерки на претпазливост, соопштија од таму.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Македонија годинава ќе биде со најнизок економски раст во регионот

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска беше во посета на Радовиш, каде што се сретна со граѓаните и разговараше за предизвиците со кои се соочуваат во секојдневниот живот.
„По десет месеци од новата власт, разочарувањето е големо. Цените продолжуваат да растат, платите стагнираат, а граѓаните сè потешко врзуваат крај со крај“, истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Филипче нагласи дека СДСМ со месеци дава конкретни предлози и закони за раздвижување на економијата и зголемување на платите, но дека власта останува глува.
„СДСМ со месеци дава конкретни предлози и закони со кои ќе се раздвижи економијата и ќе се зголемат платите, но власта е глува. Со месеци предупредувавме дека економијата тоне, а денес таа потврда стигна и од проекциите на Светската банка. Македонија, за жал, оваа година ќе биде со најмал економски раст во регионот. Владата ветуваше дека ќе бидеме лидери во регионот, но очигледно ќе бидеме последни. Ова е резултат на погрешни економски политики, но и целосна негрижа за граѓаните“, изјави Филипче.
Во своето обраќање, тој подвлече дека СДСМ останува на страната на граѓаните и ќе продолжи да работи за подобар живот за сите
„СДСМ ќе продолжи да работи и нуди решенија, силно верувам дека граѓаните ќе ја препознаат искрената намера и чесните политики кои се наменети за подобар живот“, додаде претседателот на СДСМ.
Македонија
СДСМ: Тошковски мораше да го признае скандалот со братот на Стефковски – треба да си даде оставка

Откако СДСМ денеска го објави скандалот со братот на градоначалникот Стефковски со видео докази, Тошковски беше принуден јавно да го признае. Ниту ќе го признаел, ниту ќе бил било кој санкциониран за ова, иако јавна тајна е дека функционерите на ДПМНЕ се однесуваат како шерифи, а Тошковски тоа добро го знае, велат од СДСМ.
„Денешното признание на Тошковски потврдува две работи: прво, дека СДСМ изнесува вистини и, второ, дека функционерите на ДПМНЕ, нивните браќа, сестри и роднини не ги почитуваат законите, а Тошковски тоа го овозможува. Граѓаните не се наивни — да не објавеше СДСМ, Тошковски ќе го криеше и натаму скандалот“, велат од СДСМ.
Според нив, веќе не се ни бројат скандалите кои го тресат МВР.
„Владее хаос, своеволие кои допрва ќе излегуваат на виделина. Уште што треба да се случи за Тошковски да поднесе оставка? СДСМ ќе продолжи гласно да ја брани правдата, законитоста и интересите на граѓаните“, велат од СДСМ.
Македонија
Гаши засега ќе се воздржи од коментари за претседателката на Антикорупциска

Во врска со актуелните настани поврзани со претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, од кабинетот на Претседателот на Собранието, Африм Гаши, велат дека тој засега ќе се воздржи од коментари, а ако наводите се потврдат во судска постапка, тој ќе иницира постапка за разрешување.
„Почитувајќи го начелото на презумпција на невиност и независноста на судските органи, Претседателот на Собранието се воздржува од какви било прерани коментари. Основен приоритет е да им се овозможи на надлежните институции да ја завршат својата работа без било какви притисоци или влијанија. Сепак, доколку наводите бидат потврдени низ судска постапка, Претседателот на Собранието ќе постапи без двоумење и ќе иницира соодветна собраниска процедура за разрешување“, се наведува во соопштението од Кабинетот на Африм Гаши.
Одговорноста за зачувување на кредибилитетот и интегритетот на институциите, велат од таму, е врвен приоритет и обврска која не трпи компромис.
Претседателката на антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, е осомничена во дополнетата истрага за предметот „Адитив“. Таа се сомничи дека преку апликациите за пораки „Вибер“ и „Воцап“ му одавала службени тајни на друг обвинет за поведени постапки за отворање предмети и одлуки против сега обвинетите фирми и лица во предметот „Адитив“, како и податоци за проверка на имотот и на неговото семејство.
Покрај тоа што ѝ e одземен пасошот, Кривичниот суд определи и забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело, што подразбира дека осомничената не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на ДКСК, а воедно не може да гласа и да распределува предмети.