Македонија
При влез во ресторан ќе се покажува лична карта, а следните 10 дена се период за едукација на угостителите

Инспекторатите нема да ги казнуваат гостите во угостителските објекти, туку фирмите доколку не се почитуваат протоколите за работа, најави директорот на Пазарниот инспекторат, Стојко Пауновски.
Тој рече дека угостителите ќе бидат одговорни да бараат и лични карти од гостите за да видат дали се од исто семејство, а со тоа да ги сместат на маса со четири стола. Казнувањето ќе почне по 10-дневната едукација, која ја најави претседателка на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, но доколку се забележи дека и по едно укажување на угостител, тој повторно прави прекршок, тогаш ќе се казни веднаш.
„Контролата ќе биде насочена кон кафетериите и угостителската дејност. Дали има двајца или четворица на маса, сигурно дека тоа е одговорност на оној што треба да ги спроведува протоколите, а тоа се тие што вршат угостителска дејност. Инспекторите се тие што, по укажувањата, постапуваат и преземаат соодветни мерки. Од нашата свест и совест ќе зависи дали ќе се олеснуваат мерките. Протоколите се донесени за да ги спроведуваат угостителите и тие се одговорни да бараат лични карти, тие се одговорни да им даваат соодветни места на оние што ќе дојдат во нивните објекти и тие треба да ги преземаат мерките кон протоколите. Келнерот, односно газдата на угостителскиот објект, е тој што треба да ги спроведува протоколите. Инспекторите нема да ви бараат лична карта бидејќи ние вршиме контрола на угостителите“, рече директорот на Пазарниот инспекторат, Стојко Пауновски.
Целта на одложеното казнување е на секој угостител да му се укаже дека постои протокол и мерки што мора да се почитуваат, рече Филиповска-Грашкоска, претседателка на Инспекцискиот совет.
„Планирано е во наредните десетина дена, од денес до крајот на наредната недела, овие тимови да вршат информативни посети и да ги едуцираат угостителските објекти. Се надевавме дека тоа е доволен период да се известат сите, па ако треба, ќе се продолжи. Целта е еднаш на секој угостител да му се укаже и образложи протоколот и доколку се забележи дека и покрај укажувањата, тие не ги почитуваат, тогаш нормално е дека ќе има казни. Фокусот за почеток е да им се објасни на сите угостители кои се мерите и што е тоа што мора да го почитуваат“, истакна Филиповска-Грашкоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Започна „Бела ноќ“ во Скопје

Изложби, перформанси, инсталации, концерти, театарски претстави и филмски проекции ќе се одржуваат вечер во главниот град во рамки на 19. традиционалната културна манифестација „Бела ноќ 2023“.
Централната манифестација ќе се одржи пред порта „Македонија“. Скопјани ќе имаат можност да уживаат во композициите на маестро Кире Костов во изведба на Андријана Јаневска, Наде Талевска, Дани Димитровска и Ламбе Алабаковски, придружувани од Биг бенд оркестарот, под диригентската палка на Љупчо Мирковски, проследени со специјално визуелно шоу со 3Д-мапирање на портата. Ќе претходи рок-концерт на музичкото училиште „Ентерпрајз“.
Првото издание на „Октомвриски музички поход“ ќе биде кај „Школка“, во Градскиот парк, каде што ќе настапат: групата „Педро Хоризонте“, Стефан Петановски бенд, Занаду бенд, Димиш бенд и диџеите Раста Грл, Чарли и Јаска.
Во ГТЦ, пак, ќе може да се види изложбата „Игри и мечтаења“ на Друштвото на ликовните уметници, а на Факултетот за драмски уметности ќе може да се проследат повеќе театарски претстави, како и филмска и музичка програма. На плоштадот „Филип Втори“ повеќе културно-уметнички друштва ќе изведат традиционални македонски ора.
Во Кинотеката на Македонија ќе може да се проследат македонски филмски и музички достигнувања, а во галеријата „Остен“ ќе биде поставена изложбата „Право на јавни простори“ од Факултетот за архитектура и дизајн на Универзитет „Американ колеџ“. Во Капан ан ќе биде прикажан проектот „Никеја“ со Славе Димитров и Весна Ѓиновска-Илкова, а во Домот на културата „Кочо Рацин“ ќе биде поставена изложбата „Култура во кутија“ на културното јадро „Доминиум“.
Во ноќниот клуб „Пјур“ (Pure) ќе биде одржан „Скопски моден фестивал“ (Skopje Fashion festival), на кој ќе се претстават модните дизајнери Ивана Кнез, Џорџе Башаревиќ, како и Бошко и Цеце Т.
Програмата ќе ја збогатат и културните институции: Културно-информативен центар – Скопје, Детски културен центар „Карпош“, Музеј на Град Скопје, Музеј на современата уметност, Библиотека „Браќа Миладиновци“, НУ Национална галерија, НУ Музеј на македонската борба и самостојност и НУ Турски театар.
Сите настани се од отворен карактер и се бесплатни за посетителите. И оваа година е обезбеден бесплатен јавен превоз за сите граѓани за време на одржувањето на „Бела ноќ 2023“. Бесплатниот превоз ќе може да се користи од вечер, од 18 часот, до 5 часот во недела (1 октомври 2023).
Македонија
Откако протекоа документи за токсично млеко и јогурт, утре директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство ќе има прес-конференција

Откако ВМРО-ДПМНЕ денеска објави документи за токсично млеко и јогурт во Македонија, и побараа одговорност од АХВ, попладнево од Агенцијата најавија дека директорот утре ќе го каже својот став.
„Директорот на Агенција за храна и ветеринарство Николче Бабовски, утре, во 11 часот ќе одржи прес конференција. На прес конференцијата директорот Бабовски ќе одговори за прозивките за работењето на Агенцијата“, стои во поканата.
Претходно, Цветан Трипуновски, претседател на комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ рече дека „се работи за протеински јогурт увезен од Република Србија, и од него се гледа зголемено ниво на амфлатоксин, вториот документ е лабораториски извештај за млеко од една млекарница од Република Македонија, која исто така покажува присуство на амфлатоксин над дозволената граница“.
Трипуновски праша дали протеинскиот јогурт од соседна Србија и млекото од млекарница во Македонија се пуштени во промет, или истото е преработено и се наоѓа на некој по рафтовите ширум маркетите во Република Македонија?
„Овие документи се уште еден показател дека контролата на млекото и млечните производи, како домашни, така и од увоз, АХВ не ги прави согласно потребите да ги заштити граѓаните од злоупотреби. Сакам да нотирам и дека Националниот систем за брзо известување не функционира, односно вакви известувања не се нотирано“, истакна Триупуновски
Македонија
Што го врти светот: Кои се зелени работни места во Македонија?

Во Македонија постојат зелени работни места, но многу од нас не сме свесни што всушност е зелено работно место и дали нашето спаѓа во таа категорија.
Втората епизода на поткастот “Што го врти светот?” беше базирана на темата Екологија и пари. Оваа тема беше дискутирана од страна на водителката Јована Аврамовска Николовска и Маја Марковска, еко активист и извршна директорка на една од најстарите еколошки организации во регионот.
Во поткастот беа споменати и зелените работни места во Македонија. Позитивна промена се гледа во нашата земја, бидејќи се инвестира во екологијата и се повеќе бизнисите се насочуваат кон зелени работни места. Според Маја, зелено работно место треба да е многу пристојна работа, која не треба да е ново отворена, туку може веќе и постоечка, која што помага за одржливост на животната средина и за намалување на емисии на стакленичките гасови. Маја вели дека зелени работни места во Македонија се сите работни места во хидроцентралите, градежништво со природни материјали, како на пример клесачи на камења, и сите индустрии кои се занимаваат со групен транспорт.
Проблемот во Македонија, Јована и Маја го гледаат во не водење на статистика за зелени работни места. Оваа статистика би придонела до инвестирање и подобрување на истите. Според Марковска, Македонски железници имаат потенцијал да бидат најеколошко јавни претпријатие кое ќе отвори многу и квалитетни зелени работни места.
Поткастот е реализиран од Здружението за истражувања и анализи ЗМАИ, а целиот поткаст можете да го следите на Youtube каналот или на Spotify.
(ПР)