Македонија
Продлабочување на меѓународна соработка помеѓу земјите од регионот и пошироко, за сузбивање на тероризмот

„Насилниот екстремизам претставува најексплоатираната база за терористичко делување. Затоа од огромна важност е воочување на потребите и причините што можат да доведат до оваа појава, бидејќи ваквите состојби претставуваат закана за просперитетот, владеењето на правото, развојот на модерното општество и севкупната регионална стабилност. Предизвиците со коишто Министерството за внатрешни работи се соочува, во насока на сузбивање на транснационалниот организиран криминал, од година во година стануваат сè покомплексни и наложуваат продлабочување на меѓународна соработка помеѓу земјите од регионот, но и пошироко, особено во делот на меѓународната правна помош“, ова го истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во своето видеообраќање на денешната меѓународна конференција на тема „Сеопфатен пристап во борбата против транснационалниот тероризам: глобални предизвици и одговори на тероризмот“, којашто ја организираше Американскиот универзитет на Европа – ФОН, заедно со Корот на карабинерите, како дел од активностите за имплементација на твининг-проектот на Европската Унија, којшто се однесува на зајакнување на капацитетите за координација во спречувањето на насилниот екстремизам и борбата против тероризам.
Целта на твининг-проектот е зајакнување на ефикасноста и ефективноста на националните органи за гранична контрола, управување со миграциските текови, борба против тероризмот и организираниот криминал, а негов специфичен фокус е зајакнување на техничките и административни капацитети за откривање, истрага и спречување тероризам.
„Потребен е сеопфатен пристап за борба против терористичките напади. Мораме да го прекинеме циклусот со рано откривање на потенцијалните закани со тоа што ќе знаеме какви активности да преземеме за да се бориме против споменатите напади и ќе сфатиме дека сите ние имаме голем удел во борбата против тероризмот“, истакна во своето обраќање Паоло Воленте, претставник од Корот на карабинерите.
Зборувајќи на темата „Интелигенција со отворен код“ Франческо Ди Џузепе од Корот на карабинерите истакна дека интернетот стана главниот систем кој криминалците и тероризмот го користитат за комуникација и пренесување информации, како и материјална поддршка за планирани терористички акти, од кои сите бараат специфични технички знаења за ефективна истрага за овие дела. Во овој контекст, според Џузепе исклучително се важни подготовките на работната средина (оперативен систем,
иртуелни машини, виртуелни приватни мрежи, прелистувачи итн.), и главните алатки и процедури за враќање на добиените податоци.
Генералниот директор на АЕУ – ФОН, Сефер Цаноски, на почетокот на конференцијата изрази жалење за загинатите сограѓани во сообраќајната несреќа во Република Бугарија, при што заедно со останатите присутни изразија почит кон настраданите со едноминутно молчење.
„Теодор Рузвел рекол – направете што можете, со она што го имате, каде што се. Во овие тешки времиња на пандемијата и во овој свет на брзи промени во кој денеска живееме, ние универзитетите имаме обврска да ја задржиме не само вековната улога која ја имаме да креираме и да пренесуваме знаење, туку и да ги подготвиме нашата професорска, студентска и општествена заедница за новите предизвици кои ги носи денешното време на дигитализација и глобализација. Да одиме напред базирани на најдобриот учител – науката. Научните собири на универзитетите биле и ќе останат најдобрите места за тоа“, истакна во своето обраќање Цаноски.
Ректорот на Американскиот универзитет на Европа – ФОН, Мирко Трипуноски, потенцираше дека Универзитетот со денешната конференција дава конкретен придонес во развојот на капацитетите на националните безбедносни служби и вештините за борба против организиран криминал и тероризам, како и во развојот и примената на алатките кои се неопходни за решавање на меѓународните безбедносни предизвици под покровителство и во соработка со ОН, НАТО, ЕУ и ОБСЕ.
Конференцијата на тема „Сеопфатен пристап во борбата против транснационалниот тероризам: глобални предизвици и одговори на тероризмот“, Американскиот универзитет на Европа – ФОН ја реализираше заедно со Корот на карабинери од Република Италија, која претставува модерна национална полициска сила со воен статус во постојан сервис на јавната безбедност, а со финансиска поддршка од Европската Унија.
На конференција која се одвиваше на хибриден начин, со физичко присуство и онлајн заради ковид-протоколите кои ги наметна пандемијата, учествуваа околу триесетина учесници, од седум држави и девет државни и приватни универзитети, пред сè истражувачи и експерти во референтните области од Италија, Грција, Шпанија, Бугарија, Хрватска, Србија, од нашата земја и се разбира од АУЕ ФОН Универзитетот, кој има долгогодишно академско искуство во адресирањето на сите најсуштински проблеми во областа, стекнато низ наставните и научни активности до повеќе факултети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тешка сообраќајка во Чаир: Крв на улицата, еден возач однесен во болница

Тешка сообраќајка се случи вечерва во Чаир, во близина на стадионот. Во несреќата учествувале автомобил марка „фолксваген“ и моторцикл. Според информациите на „Макфакс“ од терен, на асфалтот има траги од крв, а возачот на моторциклот со Брза помош е однесен во болница. На улицата е растечено и масло од моторциклот.
Неофицијално, до несреќата дошло кога автомобилот му го пресекол патот на моторциклот, а тој удрил во левата страна од „фолксвагенот“.
По сообраќајката, на помош притрчале минувачи, кои се обиделе да му помогнат на возачот на моторциклот. Се обиделе да му го спречат крварењето, а го потурале и со вода.
На терен е излезена и полицијата. „Макфакс“ се обрати за детали, кои се најавени за подоцна. Во тек е увид.
Македонија
СДСМ: По сите скандали на Милошоски тој треба да си даде оставка, нема образ да зборува за македонските интереси

Македонија
Спасовски: Заврши времето на двојните стандарди, битката против криминалот не трпи селективност

Во интервјуто за Радио Слободна Европа, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, ги коментираше обвинувањата од опозицијата во врска со наводни повластени криминални структури, категоризирајќи ги како комплетни дезинформации кои никако не соодветствуваат со реалноста.
Наведувајќи дека располага со информации за средби на дел од овие криминални структури токму со највисоките претставници на опозицијата, најверојатно поттикнати дека на тој начин ќе може да се помогне во некој друг аспект, тој порача дека овие активности не смеат да бидат со цел да се даде некаква политичка поддршка на било кој криминалец во државата.
Покрај ова, Спасовски истакна дека најголемиот дел од криминалните групи коишто опозицијата ги посочува во своите дезинформации, веќе се наоѓаат на издржување казна затвор и дека станува збор за достапни и лесно проверливи информации, додека за сите други криминални групи кои се занимаваат со рекет, уцени и други криминални активности, борбата интензивно продолжува.
„Не можете во исто време да имате борба против криминалните структури и да заштитувате некого. За тоа сведочат граѓаните, за тоа сведочат и сопствениците на угостителските објекти и оние кои ги посетуваат. Нема никаква селективност, бидејќи битката против криминалот не може да подразбира селективност. Заврши времето на наши и ваши, на заштитени и привилегирани, наспроти сите останати. Заврши времето во кое вие како политичар ќе преговарате за да амнестирате некои свои, кои што имаат криминални активности, визави т.н. „уставобранители“ коишто се во затвор, а за нив нема да гласате во Собранието. Знаете, тие двојни стандарди веќе не поминуваат“, потенцираше министерот Спасовски. Одговарајќи на прашањето до каде е истрагата за неодамнешното убиство на членови на криминални структури во угостителски објект под Кале, министерот Спасовски посочи дека има сериозен напредок во истрагата, со обезбедени добар дел аргументи, факти и докази коишто одат во прилог на целосна разврска на овој случај. „Мотивите се пресметки помеѓу криминални групи или внатре во криминална група и тоа на крај истрагата ќе го покаже и ќе го докаже. И токму тука сме насочени со акцијата ‘Безбеден град’ – да се оневозможи такви криминални структури да ги загрозуваат мирот, стабилноста и јавниот ред и мир на граѓаните. Затоа ќе бидеме уште пожестоки и поинтензивни, а оваа акција во следниот период ќе ја прошириме и по другите градови, бидејќи не сакаме да оставиме простор такви криминални структури да бидат формирани во било кој град во државата“, беше категоричен Спасовски.