Македонија
Продолжува штрајкот во училиштата и градинките

И денеска продолжува штрајкот на вработените во градинките и основните и средните училишта.
Првиот човек на СОНК, Јаким Неделков, во текот на вчерашниот ден обвини за притисоци за прекин на штрајкот во неколку градинки и најави дека ќе поднесат и кривични пријави на местата каде што се вршеле притисоци.
Неделков се надева дека денеска ќе седнат на маса со надлежните и ќе најдат заедничко решение.
Министерството за труд и социјална политика вчера соопшти дека од вкупно 75 јавни установи за згрижување и воспитување деца од предучилишна возраст, штрајк има во 54, а во 21 нема.
Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, го поддржува синдикалното право на штрајк, но рече дека тоа треба да биде последниот чекор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Комисијата за односи со верските заедници: Ги подржуваме мудрите чекори во црковната дипломатија

Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи со особена внимателност ги следи актуелните случувања околу меѓународната активност на нашата Македонска православна црква – Охридска архиепископија и интеракцијата со сестринските помесни православни цркви и ги подржува мудрите чекори во понатамошната црковна дипломатија, објавија од оваа институција.
„Радува тоа што после Одлуката на Вселенската патријаршија со која се призна и прифати во канонско единство нашата древна и славна Охридска архиепископија се отпочна и со евхаристиско општење помеѓу помесните Македонската и Српската православна црква, во кои се воцрквуваат блиските народи македонскиот и српскиот“, е наведено во соопштението.
Според комисијата разрешувањето на македонското црковно прашање е процес во кој, како што велат, верниот македонски народ и црковниот клир со децении се соочуваат со безброј предизвици, препреки, неправди и понесуваат голема жртва, но во светло на конечното препознавање на канонската исправност и автокефалниот статус кој во полнота го живее Македонската православна црква – Охридската архиепископија од православната екумена, патот на македонската црква говори за нејзината смиреност, длабока и древна духовност која повеќе од милениум го чува светото црковно предание, е посочено во напишаното од страна на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.
Македонија
(Видео) Стоилковски: Нема терапија за заболени од карцином, тендерот не е по мерка на ДУИ СДСМ?

Власта на СДСМ и ДУИ повторно ги доведува животите на пациентите во опасност, овој пат пациентите со карцином. Неодговорноста на СДСМ и ДУИ веќе цел месец ги остави без терапија пациентите со колоректален, оваријален и цервикален карцином. За појаснување, биолошката терапија за пациентите болни од карцином е од животно значење за нив, а оставањето без терапија е животозагрозувачки, изјави на денешната прес-конференција Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека во ризик се доведуваат и пациентите со рак на бели дробови, рак на бубрег и рак на дојка, за коишто резервите на терапија ги има само за кус период од неколку месеци. Терапија нема затоа што Власта на СДСМ и ДУИ, Министерството за здравство и Беким Сали не извршиле и не прават набавка.
Стоилковски повика на најитно решавање на проблемот со тендерот за набавка на биолошка терапија. Можеби овој тендер не е по мерката на СДСМ и ДУИ, но тој е неопходен за животот на многу пациенти.
Со секој поминат ден без решена набавка на биолошка терапија за различни видови карцином, СДСМ и ДУИ на душа носат десетици човечки судбини и се директно одговорни за последиците.
И еден ден повеќе поминат со СДСМ и ДУИ е премногу, изјави Стоилковски.
Македонија
Вархеји ја повика Софија во јуни да даде согласност за старт на преговорите со Скопје

Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Оливер Вархеји очекува Софија во рок од три недели да се согласи за почеток на преговорачкиот процес со Скопје. Ова го истакна тој по средбите во Бугарија со претседателот Румен Радев, премиерот Кирил Петков и министерката за надворешни работи Теодора Генчовска,
„За три недели се враќам во Софија“, напиша на Твитер Вархеји по вчерашните состаноци со бугарскиот државен врв.
Вархеји посочува дека неговото враќање во Софија е да најде основа и поддршка од Бугарија за почеток на преговорите со Република Северна Македонија и Албанија во јуни.
Според Вархеји, стабилноста на Западен Балкан не може да се потцени, па затоа започнувањето на разговори со Скопје и Тирана би било огромен придонес во оваа насока.
„Важноста да имаме стабилен и просперитетен Западен Балкан нема цена. Во овој контекст, значаен придонес би бил одржувањето на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија. Треба да работиме на ова заедно“, напиша Вархеји.
Утрово бугарскиот премиер, Кирил Петков, запрашан дали се обврзал да и’ даде зелено светло на Северна Македонија, рече: Премиерот нема самостојни договори. Ако нешто се случува, тоа мора прво да се заснова на Министерството за надворешни работи, кое ќе ги извести владата, Коалициониот совет и парламентот да одлучат.
Бугарскиот претседател Румен Радев вчера одговарајќи на новинарски прашања рече дека тој секогаш го бранел бугарскиот национален интерес и не чувствувал никаков притисок врз бугарската позиција за Северна Македонија.
„Постојано изјавував секаде дека ја бранам бугарската позиција и таа добива се повеќе разбирање. Исклучително е важно да се има комуникација со сите лидери на ЕУ и не само со нашите стратешки партнери од САД, со сите европски институции за да се најде јасно, одржливо, неповратно решение за прашањето“, рече Радев.
Потпретседателката Илијана Јотова ја коментираше резолуцијата усвоена во Европскиот парламент за преговорите со македонската страна, велејќи дека бугарските европратеници не ги заштитиле доволно интересите на Бугарите во Северна Македонија.
Претходно, Европскиот парламент ги повика Бугарија и Северна Македонија да го решат својот спор надвор од процесот на пристапување во Унијата.