Македонија
Променливо облачно со повремен пороен дожд и грмежи, особено во источните делови
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремен пороен дожд и грмежи, особено во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Локално ќе има услови за краткотрајно невреме. Минималната температура ќе биде во интервал од 14 до 21, а максималната ќе достигне од 26 до 33 степени. UV=7
Во Скопје ќе биде променливо облачно со повремен пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 32 степена.
За време на викендот и во понеделник времето ќе биде стабилно и потопло, а повторно дестабилизирање се очекува од вторник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Герасимовски: Личните асистенти се веќе во училиштата, продолжуваме со инклузивниот пристап
Општина Центар обезбеди лични асистенти за 23 ученика со посебни образовни потреби, со што во целост им одговори на барањата на основните општински училишта за овој вид инклузивна поддршка. Од општинските служби најавуваат дека по адаптацијата на првачињата, можно е да се јави потреба од зголемување на бројката на лични асистенти за што локалната самоуправа има обезбедено средства во буџетот. Потенцираат дека повеќето ангажирани асистенти имаат долгогодишно искуство во оваа проблематика, а меѓу нив има лиценцирани и стручни лица.
„Запознат сум со профилот на личните асистенти со кои ги потпишавме договорите за работно ангажирање во проектот „Образование за сите”. Можам да кажам дека и годинава имаме квалитетен кадар. Асистентите се од голема помош за севкупниот наставен процес. Со нивна поддршка на учениците им се обезбедува полесен пристап и движење низ училишните простории, совладување на образовните содржини и адаптација и прифаќање во средината“, посочува градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.
Личните асистенти се ангажирани со скратено време од 20 работни часа неделно, во период од 9 месеци.
За нивниот ангажман добиваат паричен надоместок во висина од 15.000,00 денари (нето-износ), со вклучен данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување предизвикано од повреда на работа и професионална болест.
Општина Центар е една од ретките општини во државата која години наназад доследно и со свои сопствени сили го финансира проектот „Образование за сите“.
Македонија
Мицкоски: Повеќе од 18 милиони евра ќе бидат вложени за реконструкција на студентските домови
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, на новинарско прашање, во врска со реконструкцијата на државниот студентскиот дом „Стив Наумов“ изјави:
„Повеќе од 18 милиони евра ќе бидат вложени за реконструкција на студентските домови, но не само во Скопје туку и во другите градови, каде што имаме универзитетски кампуси и центри. 18 милиони евра ќе бидат вложени за двата студентски дома во Скопје, тоа се „Кузман Јосифовски- Питу“ и „Стив Наумов“.
Премиерот информираше дека ќе следи реконструкција и на другите студентски домови во државата како еден од главните приоритети на Владата. Реконструкцијата на државните студентски домови „Кузман Јосифовски- Питу“ и „Стив Наумов“ е во тек, истата се очекува да биде завршена следниот период.
„Тие два студентски дома ќе бидат реконструирани и таму е почната реконструкцијата. Во периодот кој што следи очекуваме таа да биде завршена. Мислам дека во моментов се изведуваат електричните инсталации, но исто тоа ќе биде проектирано и во другите универзитетски центри во државата. Така што, тоа е и едно од оние ветувања кое што го ветивме за студентите и за младите“, истакна премиерот Мицкоски.
Македонија
Мицкоски: Многу бргу од денеска почнува изградбата на спортската сала во Воената академија
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски, денеска, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека многу бргу од денес почнува изградбата на спортската сала во Воената академија.
„Преку Министерството за спорт, во склоп на Воената академија, ќе почне реализацијата и на таа спортска сала, и тоа многу бргу. Тоа е еден од оние проекти што се дел од капиталните инвестиции, ние мораме да имаме повеќе капитални инвестиции, со што ќе ја зголемиме економската активност на компаниите кај нас, а со тие капитални инвестиции ќе го зголемуваме домашниот бруто-производ, така што и тоа е едно од оние ветувања што ќе почне со реализација бидејќи го помина владиниот филтер во текот на вчерашната владина седница“, изјави претседателот на Владата, Мицкоски.