Контакт

Македонија

Промовиран дигитален регистар на македонски туристички водичи

Објавено пред

 

По повод Светскиот ден на туристички водичи, денеска, беше промовиран веб дигитален регистар на активни и квалификувани туристички водичи во Македонија.

Регистарот јавно е достапен на www.tourguides.mk и е изработен од Асоцијацијата на туристички водичи, со поддршка на швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ (Increasing Market Employability) како дел од активностите за унапредување на туристичката понуда во Македонија.

Туристичките водичи, според Елена Иванова, менаџер на секторот туризам во Програмата за зголемување на пазарната вработливост, се една од најважните алки во вредносниот синџир во туризмот која има сериозно влијание врз доживувањата на туристите.

„Истражувањата на терен покажуваат дека околу 65 отсто од доживувањето на турата е директен резултат на квалитетот на туристичкиот водич. Од нив зависи како туристот ќе ја доживее и со какви впечатоци ќе замине од одредена дестинација. Затоа, помогнавме да се креира овој дигитален, јавно достапен, регистар на квалификувани туристички водичи кој постојано ќе се надополнува. Следната фаза ќе вклучува и можност за резервација и рангирање на водичите според задоволството на клиентите. ИМЕ програмата ќе работи и на подобрување на вештините на туристичките водичи, пред сé во областа на безбедноста на туристите и на подобрување на стандардите во нивната работа“, нагласува Иванова.

Веб регистарот може да го користат туристичките оператори, но и туристите, за спроведување организирани тури со активни водичи. Регистарот, во кој се вклучени сите видови туристички водичи, содржи информации за квалификацијата на туристичкиот водич и неговата сертификација, јазиците кои ги говори, типот на тури кои ги води, регионот во кој работи и контакт информации.

Овој регистар овозможува пристап до активни и професионални водичи кои ја познаваат туристичката дејност и кои, на овој начин, ќе добијат дополнителна можност за промоција на својата работа, објаснува Бранко Босилков од Асоцијацијата на туристички водичи.

„Правивме обид, за прв пат, да ги обединиме сите туристички водичи на едно место. Регистарот постојано се ажурира и затоа ги повикуваме сите активни туристички водичи да нѐ контактираат и да достават информации за да ги вклучиме во регистарот“, изјави Босилков.

Регистарот, технички изработен од ITEA Solution, засега содржи информации и контакти од околу 340 активни водичи. Во иднина, регистерот треба да прерасне во интернет платформа на која водичите ќе имаат можност за меѓусебна комуникација и размена на искуства и информации од терен./крај/со/бб



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија

СДСМ: Странска разузнавачка компанија ангажирана за следење на опозицијата

Објавено пред

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) обвини дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ангажирал странска приватна разузнавачка компанија за следење на опозицијата и, како што велат, фабрикување афери.

Во соопштението се наведува дека станува збор за Black Cube, израелска приватна разузнавачка компанија, која СДСМ ја опишува како „приватен Мосад“, позната по „следење, собирање информации, провокации и фабрикување афери против политички цели“.

„Мицкоски и неговата група ја ангажирале оваа компанија за да ги следи функционерите на СДСМ, особено претседателот Венко Филипче“, се наведува во соопштението.

Од СДСМ тврдат дека тим на „Black Cube“ неодамна престојувал во Скопје и одржал состаноци во хотел, на кои, како што посочуваат, присуствувал и бизнисмен близок до ВМРО-ДПМНЕ, кој требало да го финансира ангажманот.

Партијата оценува дека целта е „да се следи опозицијата, да се собираат информации и да се фабрикуваат афери за да се дискредитира СДСМ“.

Во соопштението се прави и споредба со Унгарија, при што се наведува дека вакви методи претходно биле користени од Виктор Орбан, а се споменуваат и наводни активности поврзани со избори во други земји.

„Ова не е случајност. Ова е класичен автократски модел: кога легалните инструменти не функционираат, се ангажираат приватни разузнавачки агенции за да се прават лажни афери и да се заплашува опозицијата“, наведуваат од СДСМ.

Во реакцијата се додава дека, и покрај овие наводи, партијата ќе продолжи да инсистира „на вистината, на независното правосудство и на европскиот пат на Македонија“.

Прикажи повеќе...

Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: Чекаме СДСМ да расчисти со светот и да стане опозиција во Македонија

Објавено пред

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека Венко Филипче и СДСМ стануваат сѐ поарогантни и дека делуваат целосно отуѓени од реалноста, оценувајќи дека наместо да се занимаваат со состојбите во Македонија, се фокусираат на политички случувања во други држави.

„Чекаме Филипче и СДС да расчистат со политичките случувања во другите држави, за да се вратат во реалноста и да почнат да бидат опозиција во Македонија“, велат од партијата.

Во соопштението се наведува дека СДСМ не се соочува со сопствените слабости, „и покрај реакциите од јавноста дека Филипче ја води партијата во бездна“, како и покрај јавните настапи на нивни поранешни членови и функционери.

ВМРО-ДПМНЕ се осврнува и на изборите во Унгарија, наведувајќи дека по победата на партијата Тиса, која според нив е сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ, а не на СДСМ, опозициската партија „очајнички бара некоја утеха занимавајќи се со избори во друга држава и туѓи политички приказни“.

„Филипче на пример, се однесува како тој лично да има удел во победата на таа партија. Од друга страна, сестринската партија на СДСМ, на истите тие избори доживеа дебакл. За тоа досега нема коментар“, се вели во реакцијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ понатаму посочуваат дека Филипче коментирал и за стратешкиот договор со Велика Британија, тврдејќи дека станува збор за договор за носење мигранти во земјава, но дека по демантите од институциите и од британскиот амбасадор, „останаа без коментар“.

Во реакцијата се споменуваат и тарифите од страна на САД, при што владејачката партија наведува дека по потпишувањето заедничка изјава со САД и намалувањето на тарифите, од СДСМ повторно немало коментар.

„На никој не му е јасно што прави Филипче. На Филипче не му е јасно што прави Филипче“, стои во соопштението, каде ВМРО-ДПМНЕ оценува и дека тој ги продолжува, како што велат, „антидржавните политики“ од времето на Зоран Заев.

Во продолжение, партијата наведува дека СДСМ се скарала со сопартијци, оттурнала поранешни функционери, влегла во конфликт со медиуми и новинари, а сега, како што тврдат, „отворено иницира кавги со други држави и нивни претставници во земјава“.

„СДСМ се сведе на 130 илјади гласови по локалните избори минатата година, а ќе се сведе на уште помалку на следни избори, според тоа како Филипче ја води партијата“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштението се додава дека преку, како што велат, „ПР-от на Башановиќ истата матрица продолжува“, обвинувајќи дека СДСМ се занимава со лаги и конструкции и постојано се претставува како жртва.

„СДС и Венко Филипче да почнат да се занимаваат со партијата, затоа што со ова темпо ќе ја доведат до раб на исчезнување“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Прикажи повеќе...

Македонија

ДУИ: Алармантен пад на странските инвестиции

Објавено пред

Демократската унија за интеграција (ДУИ) алармира за сериозен пад на странските директни инвестиции во Македонија, повикувајќи на политичка одговорност од актуелната власт.

Според партијата, во 2025 година инвестициите се намалиле за 61% во однос на претходната година, достигнувајќи вредност од 468 милиони евра, што го оценуваат како „еден од најслабите резултати во регионот и тежок сигнал за економијата на државата“.

Во соопштението се нагласува дека странскиот инвеститор бара правна сигурност, функционални институции, политичка стабилност, професионална администрација и јасна евроатлантска перспектива, додавајќи дека „кога државата создава неизвесност, политички тензии и недостаток на стратешка насока, капиталот избира други дестинации“.

Од ДУИ предупредуваат дека последиците од ваквиот пад се директни и сериозни: „Падот од 61% значи помалку работни места, помало производство, помали можности за повисоки плати и помалку шанси за младите“.

Партијата ја критикува Владата дека наместо ветениот економски развој и рекордни инвестиции, резултатите се спротивни, наведувајќи дека „внатрешната политичка изолација, влошувањето на меѓуетничките односи, затегнатите односи со меѓународните партнери и застојот на европскиот пат создаваат директни економски последици“.

„За оваа состојба мора да има јасна политичка одговорност. Влада која за кратко време ја носи државата на дното во регионот по странски инвестиции, нема кредибилитет да бара трпение од граѓаните“, се наведува во соопштението.

Од ДУИ порачуваат дека „оставката на оваа влада е првиот неопходен чекор за враќање на довербата, стабилноста и развојната перспектива на државата“.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија10 минути

СДСМ: Странска разузнавачка компанија ангажирана за следење на опозицијата

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) обвини дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ангажирал странска приватна разузнавачка компанија за следење...

Македонија17 минути

ВМРО-ДПМНЕ: Чекаме СДСМ да расчисти со светот и да стане опозиција во Македонија

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека Венко Филипче и СДСМ стануваат сѐ поарогантни и дека делуваат целосно отуѓени од реалноста, оценувајќи дека наместо...

Македонија23 минути

ДУИ: Алармантен пад на странските инвестиции

Демократската унија за интеграција (ДУИ) алармира за сериозен пад на странските директни инвестиции во Македонија, повикувајќи на политичка одговорност од...

Свет35 минути

Тензии во Ормускиот теснец: спротивставени позиции и глобална загриженост

Тензиите околу Ормуски теснец и понатаму се високи, додека светските лидери изнесуваат спротивставени ставови за решавање на кризата. Додека американскиот...

Свет44 минути

Tрамп најавува објава на интересни НЛО-документи

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека неговата администрација пронашла низа многу интересни документи поврзани со НЛО, додавајќи дека првите...

Македонија49 минути

Сончево време со температура до 25 степени

Времето денес ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во источните делови ќе има повремен локален дожд, а во југоисточните...

Спорт10 часа

Френк Лампард по 25 години го врати Ковентри во Премиер лигата

Ковентри се врати во Премиер лигата по 25 години чекање. Освоениот бод во драматичната завршница на гостувањето кај Блекбурн Роверс,...

Спорт10 часа

(Видео) Интер сигурно чекори кон шампионската титула

Фудбалерите на Интер го победија Каљари на домашен терен со 3:0, во 33-то коло од Серија А. Од самиот почеток,...

Спорт11 часа

Почина легендарниот Оскар Шмит

Тажна вест, доцна во петокот, пристигна од Бразил. Оскар Шмит, еден од најголемите стрелци во историјата на кошарката, почина на...