Македонија
Проштална средба на Димитров со австралиската амбасадорка Стјуарт

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска имаше средба со нерезидентната амбасадорка на Австралија во Северна Македонија, Рут Стјуарт.
Вицепремиерот Димитров ѝ се заблагодари на австралиската амбасадорка во заминување за нејзината принципиелна и посветена работа во насока на промовирање и збогатување на пријателството и соработката меѓу Северна Македонија и Австралија и нивните народи, грижата за македонската дијаспора таму, како и придонесот за развој на споделените вредности.
„Демократските вредности и стремежи кон еднаквост, слобода и достоинство коишто ги делиме на билатерален план нè сплотуваат и создаваат општествена поврзаност меѓу нас. Австралија е најуспешниот пример за мултикултурализам и промовирање на концептот на праведна шанса без оглед на културолошкото и јазично потекло, каде што различностите се слават како најголеми придобивки. Нашата Македонија иако мала, отсекогаш била доволно голема за да ги обедини и да ги акомодира различностите и има заслужено место во европското семејство. Горди сме што нашата посветеност за негување добри односи, градење внатрешна кохезија и владеење на правото, се препознаени не само регионално и во Европа, туку и на другите континенти“, нагласи Димитров.
Елаборирајќи ги постигнувањата за време на нејзиниот мандат, амбасадорката Стјуард ги истакна одлучните и зрели чекори на Северна Македонија за постигнување напредок во евроинтегративниот процес, како и подобрување на животот на македонските граѓани.
„Зајакнувањето на демократските институции и реформскиот процес во клучните области, како што се владеењето на правото и борбата против корупција, се во насока на обезбедување стабилност, просперитет и благосостојба на државата и регионот, но се многу важни и за привлекување на интересот на австралиските компании за инвестирање во Северна Македонија и унапредување на билатералната и мултилатерална политичка, економска и културна соработка“, рече таа.
Соговорниците според соопштеното од кабинетот на Димитров, размениле мислења и за актуелните меѓународни случувања и напорите за надминување на пандемијата од Ковид-19. На средбата биле разгледани можностите за интензивирање на односите во областите од заемен интерес што можат уште повеќе да ги доближат двете земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Осуда од Ковачевски за каменувањето на македонскиот клуб во Бугарија: Очекувам да го санкционираат вандализмот во најкраток рок

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски најостро го осудува вандалскиот чин, на каменување на македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров” во Благоевград.
Тој преку својот Фејсбук профил, порача дека очекува во најкраток можен рок, институциите во Република Бугарија да ги најдат сторителите и соодветно да ги казнат.
„Каменувањето на македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров” во Благоевград е чин на вандализам кој најостро го осудувам. Ваквите активности не соодвествуваат на договорената политика за унапредување на добрососедските односи, взаемното почитување и пријателство меѓу две соседни држави. Очекувам од страна на надлежните институции во Бугарија во најкраток можен рок да се пронајдат и санкционираат сторителите и да се осуди вандализмот. Северна Македонија во духот на европските вредности, ќе продолжи со заложбите за зацврстување на дипломатската и позитивна агенда меѓу Северна Македонија и Бугарија“, пишува во објавата на премиерот Ковачевски.
Македонија
ЦУК: Пожар кај селото Миладиновци

Искрење на бандера, предизвика пожар помеѓу селото Миладиновци и рафинеријата ОКТА.
Центарот за управување со кризи на својот фејсбук профил објави дека во моментот се интервенира на негово гаснење.
,,Во 19:05 часот на телефонскиот број 112 пријавен е пожар помеѓу селото Миладиновци и рафинерија ОКТА кој настанал како резултат на искрење на бандера и истиот се проширил на околната сува трева. Во моментот на местото на настанот се екипи на БППЗ на Град Скопје и полиција. Се интервенира на негово целосно гаснење и во моментот нема опасност од негово проширување”, се вели во соопштението од ЦУК.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ го осуди демолирањето на македонскиот клуб во Благоевград: Да запре говорот на омраза кон Македонците во Бугарија

ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува демолирањето на македонскиот клуб во Благоевград. Вандализмот не е добрососедство и не може да биде. Негирањето на Македонија, но и на Македонците во соседството е пред се резултат на поданичкиот однос на власта, која го дозволи и мотивира тој однос, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека сега Ковачевски и Пендаровски на дело гледаат кај ја донесоа државата и македонскиот народ. Народот не смее да биде жртва на власта, затоа и ВМРО-ДПМНЕ бара промени. Потребна е власт која ќе се грижи за народот.
Упатуваме апел и до Бугарија и до меѓународните институции во таа земја, што побрзо да се откријат вандалите, истите да се казнат и да се запре со говорот на омраза против Македонците, се вели во соопштението.