Македонија
Проштална средба на министерката Петровска со амбасадорката на Обединетото Кралство, Галовеј

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Министерството оствари средба со амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј, по повод завршувањето на мандатот амбасадорка во земјава.
Министерката Петровска изрази голема благодарност до амбасадорката Галовеј за нејзиното лично залагање и несебичната поддршка за нашата земја во процесот на интеграцијата во НАТО и Европската Унија и особено за нејзиното залагање за развој на армиските капацитети. Таа потенцира дека средствата и опремата кои беа донирани од страна на Обединетото Кралство, особено во поглед на опремување на Лесната пешадиска баталјонска група и единицата за АБХО, советодавната улога во насока на подобрување на оперативните способности на Армијата и процесот на трансформација, но и за школувањето, заедничкиот тренинг, развојот на декларираните НАТО-единици, развојот на родовата перспектива, се дел од вкупната соработка со Обединетото Кралство и затоа Република Северна Македонија Ви е благодарна.
Петровска и Галовеј го истакнаа значењето на досегашната интензивна соработката на двете земји во областа на одбраната и изразија обострано задоволство за постигнатото во изминатиот период и посочија дека оваа соработка ќе продолжи со ист интензитет.
Амбасадорката Галовеј посочи дека Обединетото Кралство ќе продолжи да ја поддржува нашата Армија преку обуки, заеднички вежбовни активности, како и школувањата во високите одбранбени школи. Како пример ја посочи вежбата „Брз одговор – 22“ каде на дело се покажаа како сојузниците заедно функционираат односно се покажаа заедничките способности на армиите и нивната интероперабилност која се градеше во изминатиов период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вархеји очекува Скопје и Тирана во наредните денови да ги отворат пристапните преговори со ЕУ

Говорејќи пред членовите на Европскиот парламент и парламентите на земјите на патот кон членство во ЕУ, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји изјавил дека во сегашниот променет геополитички контекст, Западен Балкан останува приоритет за ЕУ, пишуваат српските медиуми.
„Посветени сме, повеќе од кога било, да го внесеме целиот регион во ЕУ. Сега е поважно од кога било да работиме на тоа не само брзо, туку и со сета посветеност и волја“, кажал тој.
Еврокомесарот за проширување изјавил дека очекува Скопје и Тирана „во наредните денови“ да одржат меѓувладини конференции и да ги отворат пристапните преговори.
Според него, поддршката на ЕУ за Западен Балкан се рефлектира не само во процесот на пристапување, туку и во заедничкиот пристап на ЕУ за механизмите за набавка на храна и енергија, како и во Европскиот економски инвестициски план, кој треба да му донесе на регионот до 30 милијарди евра во инвестиции.
„Без соодветна регионална соработка, без разлика дали преку Берлинскиот процес, заедничкиот регионален пазар или отворениот Балкан, земјите од регионот не можат да имаат корист од економскиот инвестициски план. Секој што ја поткопува или блокира регионалната соработка, врз основа на правилата на ЕУ и со присуство на ЕУ, го поткопува економскиот и инвестицискиот план и напредокот на регионот“, заклучил Вархеји.
Македонија
Димитрoв: Ако потрае играта со зборови од историското „Не“ ќе остане само прашина

Поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров повикува на итна реафирмација на македонските позиции во однос на спорот со Бугарија и францускиот предлог.
„Очајот на (дел од) владата за лажен успех оди дотаму што четирите услови на премиерот гласно и јасно изговорени од сред Брисел, се стопија прво на два зборови, “протокол” и “отворање”, па за 24 часа само на еден збор “протокол”.
Од повикот на шефот на дипломатијата пред три дена бугарскиот парламент да не го усвојува предлогот бидејќи тоа “ќе го блокира долгорочно европскиот процес” за само еден ден потоа токму усвојувањето на предлогот стана “голем напредок”.
Ако потрае оваа агонија на игра со зборови и позиции уште малку, веројатно предлогот ќе им стане целосно прифатлив и ваков каков што е, а од историското НЕ ќе остане само горчливата прашина. За жал, ако навистина дојде до тоа – ќе ја дишеме сите долго, заглавени во ќорсокакот“, напиша на социјалните мрежи Димитров.
Затоа, сугерира тој во напишаното, најитно е потребна гласна реафирмација на македонските позиции и дома и надвор, за да ги чујат, како што вели, сите кои можеби не сакале да ги слушнат, вклучувајќи го и еврокомесарот Вархеји.
„Во вакви услови, кога јавноста е оставена да се храни само со полуинформации, како очекувате да нема грижи и дилеми? Абе за НАС се работи, за секој од нас. Има да одговарате на секое ново прашање, а не уште да обвинувате. Па, министри кои се закануваат со кривичен прогон на свесни граѓани кои целосно се вложиле да спречат национална катастрофа нагалено наречена “државна стратегија” нарекувајќи го тој автентичен чин “хибриден напад” треба веднаш да ги снема од владата. Ако тоа не се случи, одговорноста ќе падне на целата влада. Граѓанското несогласување и активизам е срцето на демократијата. Ако до овој најнов срам проблемот беше надворешната божем-политика што со зборовите на Петков доведе до “неверојатен дипломатски успех” за Бугарија, со сесрдна помош и соучесништво на македонската влада, сега проблем е и овој беден обид за божем заплашување“, нагласува во напишаното Димитров.
„Имаше две неспорни области на напредок последниве години, токму надворешната политика и слободата. Како стоиме денес нервозни господа во тие области, ако надворешната политика дозволи ваков дебакл што го гледаат сите со отворени очи, и дома и надвор, распрскувајќи ги македонските црвени линии на парчиња, а министри се закануваат токму кон слободните граѓани кои се обидуваат да ја намалат штетата,што веќе секако е огромна?“, потенцира поранешниот министер за надворешни работи на социјалните мрежи.
Македонија
Бочварски: Преку капитални проекти ги развиваме туризмот и локалната економија во Берово

Градежништвото во овие времиња на светска економска мора да го држиме на високо ниво заради стабилизирање на економскиот раст на државата. Затоа за нас најважно е капиталните инвестиции во континуитет да се реализираат, истакна министерот Бочварски, кој денеска престојуваше во работна посета на општина Берово.
Министерот и градоначалникот на општина Берово, Звонко Пекевски, извршија увид во изградба на водоснабдителниот систем за туристичката населба Беровско Езеро.
Проектот, кој е во вредност од 7,3 милиони денари, се работи во соработка со Општината. Водоводниот систем е целосно изграден, следната недела ќе се изврши испитување на новата мрежа. Дополнително, ќе се гради нова секундарна водоводна мрежа до постојните објекти, со што ќе се поврзат со чиста вода за пиење.
„Берово и Малешевијата се значаен регион, каде што е потребно во континуитет да го развивме туризмот од сите аспекти и истовремено и да им ги подобриме условите за живеење на граѓаните. Еден од тие проекти што е од особено значење за подобрување на условите за развој на туризмот е реконструкција на водоводната мрежа во туристичката населба Беровско Езеро. Ова е заокружување на претходно изградената фекална канализација, исто за оваа населба, со што веруваме дека значително се подобрени условите за развој на туризмот во овој дел од градот“, изјави Бочварски.