Македонија
Работната група ја усвои Предлог иницијативата за уставните измени, соопшти Министерството за правда

Работната група на денешната седница ја усвои Предлог иницијативата за потребата од измени на Уставот со насоки за изменување и дополнување на Уставот на Република Северна Македонија, соопшти Министерството за правда.
Предлогот, како што информираат од ѕтаму, ќе се достави до Владата која ќе треба да ја проследи иницијативата до Собранието каде ќе ги помине сите работни тела.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ковачевски- Мецола: Силна поддршка од Европскиот парламент за продолжување на европскиот пат на Македонија

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски денеска се сретна со претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, на маргините од вториот Самит на Европската политичка заедница кој се одржува во Кишињев, Молдавија.
Фокус на разговорите беше ставен на евроинтеграцискиот процес на земјава, при што претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола изрази силна поддршка Северна Македонија да продолжи по европскиот пат.
„Двајцата се согласија дека улогата на Собранието на Македонија е клучна и дека одлуката која треба наредниот период да се донесе, е тешка, но државничка одлука. Таа одлука е крајно обврска на секој пратеник поединечно, и на Собранието како законодавен дом во кој директно се претставени граѓаните, кои сакаат европска иднина и сакаат да живеат во земја членка на ЕУ, но тука, дома, во Северна Македонија.
Тоа не може да е одлука на еден човек, една влада или една партија и токму затоа и премиерот Ковачевски и ПЕП Мецола ја потенцираа важноста на овој процес и апелираа до Собранието да ја донесе вистинската одлука која ќе овозможи просперитет и европска иднина за граѓаните на Северна Македонија“ се вели во владиното соопштение.
Во овој контекст беше истакната и посветеноста на пратениците на Европскиот парламент за напредокот на земјата во процесот на пристапување во членството во ЕУ.
Македонија
(Видео) Ковачевски се сретна со премиерот на Молдавија: Единствено целосно обединета Европа ќе овозможи безбедна и стабилна иднина за целиот континент

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски на маргините од вториот Самит на Европската политичка заедница во Кишињев, Молдавија се сретна со премиерот на Молдавија, Дорин Речан.
Во фокус на разговорот беа повеќе теми, меѓу кои билатералната соработка, евроинтеграциските цели на двете земји, како и безбедносните предизвици во Европа.
Премиерот Ковачевски потенцира дека Молдавија и Македонија делат ист стратешки надворешно-политички приоритет – членство во ЕУ. Притоа, упати честитки за стекнатиот кандидатски статус на Молдавија во ЕУ, доделен минатата година.
Двајцата премиери го истакнаа значењето на евроинтеграцискиот процес во функција на зацврстување на мирот, стабилноста и просперитетот на целиот европски континент.
Притоа, премиерот Речан истакна дека Република Северна Македонија го заслужува своето место во Европската Унија, што на земјата секако ќе и донесе подобра иднина.
Воедно тој потенцираше дека како земја користат искуство на Северна Македонија, во успешно водење политики, како за визната либерализација со ЕУ.
Македонија
Левицата: Уставните измени се правна рамка за бугаризација на Македонија

Антимакедонската власт на СДС и ДУИ заедно со нивните западни партнери продолжува да го множи македонскиот народ со нула туркајќи уставни измени за кои против се изјаснуваат над 80 % од Македонците. Со закана дека добри односи со НАТО и ЕУ Македонија може да има само со Бугари во Уставот и со манипулации дека таквите измени се „технички“, а не суштински, се релативизира уште едно национално предавство, велат од Левицата.
Левицата уште еднаш предупредува на далекосежните правни последици од уставните измени, на кои нашиот источен сосед со иредентистички и асимилаторски намери кон Македонија жестоко инсистира. „Ова е од причина што со внесувањето на ‘самоосвестените’ македонски Бугари во Уставот на Република Македонија, покрај финансирањето на великобугарската пропаганда со народни пари, Бугарија добива и правна рамка за своите понатамошни уцени и барања за законски измени со кои би се спроведувала бугаризација на Македонија.
Македонскиот народ има право да знае дека уставните измени ќе претставуваат правен основ за Бугарија во текот на преговорите за влез во Европската Унија да бара од Македонија: измена во Законот за празниците на Република Македонија, со цел прогласување празник и неработен ден за припадниците на бугарската заедница – 3 март, денот на потпишувањето на Санстефанскиот договор, со кој територијата на Македонија требало да ѝ припадне на Бугарија;
Обезбедување задолжителни пратенички места за припадниците на заедниците, со што бугарски националшовинисти по автоматизам би се стекнале со пратенички имунитет и слобода од собраниска говорница да го негираат македонскиот идентитет и да шират бугарска иредентистичка пропаганда во законодавниот дом на Република Македонија;
Зголемување на квотите за вработување во државните институции за припадниците на заедниците, со што изјавувањето на бугарската етничка припадност би било услов за вработување во државни институции и извршување функции“, додаваат од оваа партија.
Ваквите намери на Бугарија, според Левицата, ги обелоденија и бугарските европратеници преку амандмани на нацрт-извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија, преку кои бараат Европската Унија да ја потврди потребата не само од уставни измени туку и од законски измени за промоција на бугарската заедница во Македонија.
„Левицата останува најголем сојузник на македонскиот народ против ова национално предавство на квислиншкиот СДС и жестоко ќе се спротивстави на уставните измени наложени од Бугарија“, се истакнува во соопштението од оваа партија.