Македонија
Радев: Паднаа маските, власта во Скопје се плаши да препознае „Бугарин“ и „бугарскo“
Маските конечно паднаа. Новата власт кај нашиот сосед јасно покажа дека најголемиот страв на политичката класа во оваа држава е да го препознае самото постоење на зборовите „Бугарин“ и „бугарски“ во РСМ. Ова како што пренесуваат бугарските медиумите, пред новинарите го изјавил бугарскиот претседател Румен Радев.
„Сега станува многу јасно зошто во пролетта 2021 година, како претставник на Бугарија во Советот на ЕУ, подолг период го преместив фокусот на европските институции и лидери од заштитата на нашата историја, култура и јазик во заштитата на правата на Бугарите. Стана јасно зошто ја покренав идејата за нивно вклучување во уставот на земјата како важен предуслов за почеток на преговорите за членство и ја бранев оваа кауза до самиот крај“, вели Радев.
„Но денес конечно маските падна кај нашиот сосед и јасно се покажа дека најголемиот страв на политичката класа во оваа земја е да се препознае самото постоење на зборовите „Бугарин“ и „бугарски“ во РСМ. Ова е политика насочена директно против европските принципи и донесени одлуки со консензус на сите земји-членки против меѓународните обврски преземени од РСМ, но особено против сопствените граѓани, кои јасно ги декларираа своите амбиции за европски развој на земјата. Очекувам итни конкретни дејствија и од бугарската влада и од европските институции за почитување на европските принципи и норми во процесот на проширување, за гарантирање на неповратност и одржливост во афирмацијата на принципите на демократијата и главните критериуми во почитувањето на човековите права. Ако ЕУ не се заложи за европската перспектива на Балканот, врз основа на јасни принципи, норми и вредности, тогаш порано или подоцна Балканот ќе ја соочи Европа со балканизација“, рече претседателот Румен Радев, пишуваат медиумите во Бугарија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во „Синџир“ обвинети петнаесет лица вработени во УЈП
И покрај поднесениот Обвинителен акт за предметот познат во јавноста како „Синџир“, предметниот обвинител Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција предметниот јавен обвинител продолжи со постапување. Постапката е како резултат на индиции што произлегоа од доказите што обвинителството ги достави до судот со поднесување на обвинителниот акт во предметот „Синџир“.
Врз основа на дополнително обезбедениот доказен материјал денеска до Основниот кривичен суд Скопје обвинителството поднесе Обвинителен предлог против петнаесет лица вработени во Генералниот даночен инспекторат на УЈП и Регионалните дирекции на УЈП во Скопје, Битола и Прилеп. На сите обвинети им се става на товар дека сториле продолжено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување, информираа од Обвинителството.
Станува збор за службени лица во Управата за јавни приходи кои во посочениот период биле главни генерални инспектори или вршители на должност, нивни заменици, управници на регионалните дирекции, началници на даночни инспекторати и раководители на Одделенијата за регистрација и утврдување на даноци во регионалните дирекции, членови на телата за одобрување на ДДВ побарувања со барање за враќање при регионалните дирекции, самостоен даночен советник за анализа на ризик и планирање на контроли и инспектор за даночни обврзници.
Според дејствијата содржани во диспозитивот на предлогот обвинетите во периодот од 01.01.2019 до 31.12.2021 година како службени лица во Управата за јавни приходи, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, не ја извршиле својата службена положба и овластување со намера да прибават за друг значителна имотна корист или на друг да му нанесат значителна имотна штета. Притоа, постапиле спротивно на одредбите од Законот за даночна постапка, Законот за управата за јавни приходи, Правилникот за систематизација на работни места во Министерството за финансии, Управа за јавни приходи, Процедурата за надворешна контрола, Упатството за одобрување и враќање на даночно побарување за ДДВ и Правилникот за внатрешна организација на Управата за јавни приходи. Така, во зависност од нивните службени овластувања не ја организирале и координирале работата на Генералниот даночен инспекторат со функциите на Регионалните даночни инспекторати во Скопје, Прилеп и Битола, за дел од даночните обврзници не извршиле соодветно рангирање според степенот на ризичност и самостојно не издале налози за контроли, не изготвиле предлог листи на даночни обврзници за вршење надворешна контрола, иако дел од обврзниците според степенот на ризик припаѓале во ризични даночни обврзници каде задолжително било потребно да се извршуваат надворешни контроли. Така, за дел од кривичноодговорните правни лица опфатени во предметот „Синџир“ кои како даночни обврзници поднесувале задолжителни даночни пријави и годишни завршни сметки во Регионалните дирекции Прилеп, Битола и Скопје, по основ на непресметан и неплатен данок прибавиле значителна имотна корист во износ од 167.918.419 денари предизвикувајќи штета на УЈП во вкупен износ од 206.456.437 денари.
Заедно со Обвинителниот предлог, имајќи ги предвид околностите сврзани за личноста на обвинетите, околностите под кои е сторено делото, особено имајќи предвид дека обвинетите се службени лица кои во вршење на својата служба го имаат сторено кривичното дело и дека може да бидат недостапни на органите на прогонот и на тој начин да го оневозможат непреченото водење на постапката, предметниот обвинител поднесе и посебен предлог со кој предлага судот спрема обвинетите да определи мерки на претпазливост. Воедно, укажувајќи дека во Специјализирано судско одделение за судење на кривични дела од областа на организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје веќе се постапува по предмет оформен по обвинителен акт на ОЈО за ГОКК од 22.01.2024 година против физички и правни лица обвинети за кривични дела Злосторничко здружување од чл. 394 ст1 и 2, Даночно затајување од чл. 279 ст. 2 в.в ст. 1 чл.45 и Перење пари и други приноси од казниво дело по чл. 273 ст.1 од КЗ, предметниот обвинител достави и посебен предлог да се спроведе единствена постапка и поднесениот обвинителен предлог да биде споен во веќе оформениот предмет. Како образложение на предлогот обвинителството укажа дека постои меѓусебна врска помеѓу извршените кривични дела сторени од страна на обвинетите наведени во обвинителниот предлог и кривичните дела сторени од страна на обвинетите наведени во поднесениот Обвинителен акт, како и дел од доказите кои веќе се доставени со претходно поднесениот обвинителен акт.
Македонија
Мицкоски патува во Брисел: Ќе ја пренесам фрустрацијата на народот, пречките за ЕУ се вештачки наметнати
Премиерот Христијан Мицкоски, заедно со министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски, и министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, ќе престојува во работна посета на Брисел.
Мицкоски во Брисел, заедно со лидерите од Западен Балкан, ќе присуствува на ручек организиран од претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен.
Потоа ќе оствари средба со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, како и со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархељ.
Премиерот рече дека на средбата ќе ја пренесе фрустрацијата на македонскиот народ дека имаме вештачки наметнати пречки за продолжување на преговорите со Европската Унија.
„Повеќе од една и пол деценија не сме во можност да почнеме преговори со ЕУ оти има вештачки наметнати пречки, кои ниту една друга земја ги немала“, рече Мицкоски.
Состанок е предвиден и со генералниот директор на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (ГД НЕАР), Герт Јан Компан.
Оваа дипломатска средба на претседателот на Владата, Мицкоски, е со цел интензивирање на досегашната соработка и е важна за процесот за пристапување на Северна Македонија кон Европската Унија.
На состаноците ќе бидат опфатени низа прашања, кои се однесуваат на регионална стабилност, зголемена економска соработка, усогласување на реформите со европските стандарди, владеење на правото и бескомпромисната борба на Владата против корупцијата и криминалот.
Македонија
Меџити: Целосна поддршка за инвестиции во зелени бизниси
Првиот потпретседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска учествуваше на конференцијата: „Бизнис-ангели и претприемачки екосистем во Република Северна Македонија. Mожности и предизвици“, на која го истакна значењето што им го давааат Владата и Министерството со кое раководи на инвестициите во зелените бизниси.
Меџити, поканет на конференцијата од министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, рече дека Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање му даваат приоритет на зеленото претприемаштво и важната улога што ја имаат бизнис-ангелите во оваа насока како инвеститори на овие бизниси.
„Бизнис-ангелите не се само финансиски поддржувачи, туку тие се визионери, кои исто така обезбедуваат капитал и менторство во најранливите фази од животот на еден стартап-бизнис. Нивните инвестиции промовираат проекти што се занимаваат со итни еколошки прашања – намалување на емисиите на јаглерод, грижа за водата, управување со отпадот и создавање одржливи енергетски решенија“, рече Меџит, додавајќи дека светот се соочува со итна потреба од еколошки решенија, а токму зелените бизниси растат со иновативните идеи. Првиот вицепремиер Изет Меџити додаде дека ги поддржува бизнис-ангелите во зелените сектори бидејќи го тие го премостуваат јазот помеѓу иновативноста и реализацијата, инвестираат во високоризични сектори со зелена технологија, која традиционалните инвеститори може да ја избегнат.
„Бизнис-ангелите овозможуваат револуционерни технологии, како што се обновливи извори на енергија, еколошки материјали и иновации за заштеда на вода, и затоа сме посветени на создавање екосистем, кој не само што ги поддржува претприемачите туку исто така ги овластува бизнис-ангелите да направат влијателни инвестиции во зелени бизниси“, рече Меџити.
Денешната конференција ја организира Министерството за економија и труд, во соработка со ЕУ-делегацијата во Скопје, а на неа учествуваа владини претставници, стопански комори во земјата, академици и бизнисмени, кои беа вклучени во неколкугодишниот проект со наслов „Корпоративна општествена одговорност и бизнис-ангели – движечка сила за приватниот сектор“, која има цел да го зголеми бројот на компании со еколошки дејности.