Македонија
Радев: Се врши притисок врз Бугарија преку европските институции да го укине ветото за Северна Македонија

Се врши притисок врз Бугарија преку европските институции да го укине ветото на преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија, изјави бугарскиот претседател Румен Радев на националната конференција за европската перспектива за добрососедски односи меѓу двете земји.
„Се користат секакви механизми за лобирање и притисок на заднината на војната во Украина, што според европските институции е аргумент за итна интеграција на Република Северна Македонија во Европската Унија, дури и по цена на тешки компромиси во наша страна, а во име на стабилноста на Европа, се разбира, како што тие го разбираат овој проблем во Брисел“, изјави Радев, пренесе „бнр.бг“.
Изјавата на шефот на државата одекна и во бугарското Народно собрание.
Претседателот на пратеничката група на БСП, Георги Свиленски, го предупреди премиерот Кирил Петков дека нема да биде премиер доколку се откаже од ветото наметнато врз Северна Македонија.
„Доколку премиерот реши да направи нешто сам, јасно е каков е исходот – тој повеќе нема да биде премиер“.
Според Екатерина Захариева од ГЕРБ , контрадикторните сигнали што ги емитува бугарската влада ја ослабуваат позицијата на Софија:
„Ако премиерот Петков им каже дека ќе го укине таканареченото вето без Република Северна Македонија да преземе ништо, нормално е притисокот да се зголеми, така што вината е во мешаните сигнали на владата“, рече Захариева.
Атанас Михнев од Промената продолжува ја обвини ГЕРБ за европскиот притисок:
„Прочитајте текст од 26 март 2020 година од првиот онлајн Европски совет, во кој се вели дека сите европски лидери се согласиле Северна Македонија и Албанија да почнат преговори за членство во Европската Унија. На овој Европски совет присуствуваше еден поранешен премиер. Сигурен сум дека вие можете да се сетите кој беше премиер на тој датум. Разберете дека кога нашиот поранешен премиер првин рече ‘да’, а потоа рече ‘не’, нормално е да има тензија од страна на нашите партнери на оваа тема бидејќи тоа е уште еден чекор што Бугарија ја прави несигурен партнер.
Предупредување дојде и од Има таков народ. Станислав Балабанов рече: Се надевам дека премиерот и луѓето што постапија во поинаква насока од декларацијата на Националното собрание, Советодавниот совет за национална безбедност и договорот за добрососедство, навреме ќе ги ревидираат своите ставови.
Истовремено, ВМРО протестира за, како што велат, одбрана на бугарскиот национален интерес во Северна Македонија. Повод за демонстрациите е денешниот датум кога се навршуваат 119 години од смртта на Гоце Делчев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Кривични пријави за двајца управители во ЕВН и за петмина други за продажбата на парцели во Делчево

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против седум лица за продажбата на парцели на ЕВН во Делчево за изградба на фотонапонски централи.
Како што се наведува, седумтемина од кои двајца управители во ЕВН, биле роднински и пријателски поврзани. Успеале да убедат сопственици на приватно земјиште во Делчево да им биде откупен имотот по одредена цена, но да се согласат во документите да стои дека го подаруваат. Подарениот имот за неколку дена го продале на ЕВН за 1,5 милион евра.
„ Првопријавениот и второприjaвениот во својство на управители на ЕВН-Електрани Македонија свесно и со однапред утврдена намера со изготвување на анализи на трошоци и добивки со лажни податоци, прикривајќи суштински факти, лажно презентирајќи несоодветни земјишта како да се соодветни за намената за која се купуваат поради фактот што одредени земјишта не ги исполнуваат условите за пренамена на земјоделско во градежно земјиште и одредени земјишта се во несоодветна категоризација на земјиште за намена за која се купуваат, презентирајќи пазарни цени кои не соодветствуваат со реалните пазарни цени на земјиштата за конкретната категоризација и класа на земјишта прикривајќи го фактот дека пријавените физички лица-продавачи се меѓусебно поврзани, го довеле во заблуда Управниот одбор на ЕВН да донесе одлука за склучување договори за купопродажба на недвижен имот за изградба на фотонапонски централи“, соопшти Управата.
Македонија
Тренчевска: Оваа Влада ги зголеми платите на вработените во градинките 36 отсто

Од 2017 година и направената анализа на состојбата во градинките утврдена е очајна состојба. Се утврди недостиг на приближно 2.000 работни места, а повеќето од тие што работеа во нив беа вработени со договор на определено време. Сите тие со доаѓањето на оваа Влада добија решенија на неопределено време. Од 2018 до 2022 година вкупно оваа Влада има дадено согласности за вработување за 2.385 лица“, рече министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, одговарајќи на пратеничко прашање за состојбата со вработени во градинките.
Таа посочи и дека Министерството за труд и социјална политика има доставено барања за согласности до Министерството за финансии, што ќе претставува зголемување на бројот на вработувања, особено кај што има пензионирања, трајни откази и нови капацитети.
Министерката се осврна и на платите на вработените во градинките, кои во 2019 година оваа Влада ги зголеми 21 %, а со новата спогодба со СОНК дополнително платата на воспитувачките и негувателките ќе биде зголемена 15 % , што претставува зголемување од 36 % зголемена плата во 2022 година за разлика од времето кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, кога платата на вработените во градинките беше зголемена едвај 4 %.
Таа рече дека сите вработувања во градинките се на товар на државата, на Министерството за труд и социјална политика, како и материјалните трошоци, како и дека со ребалансот на буџетот се предвидени и зголемувања на блок-дотациите на материјалните трошоци затоа што оваа Влада има слух и ја зема предвид состојбата на економската и на енергетската криза со која сите се соочуваме.
Исто така, се зголемуваат блок-дотациите и за нови вработувања, сè со цел опфат на што поголем број деца во предучилишните установи.
„Од почетокот на 2017 година до денес имаме изградено 69 детски градинки, со опфат на 4.300 деца. Во тек е изградбата на 28 градинки, од кои 13 ќе бидат отворени до крајот на оваа година и со тоа ќе се зголеми опфатот на нови 1.360 деца. До крајот на 2023 година ќе бидат завршени уште 15 нови градинки и зголемен опфат за нови 1.905 деца. Ова е потврда колку се инвестира во детската заштита“, рече Тренчевска.
Македонија
Трајковски: Не е точно дека сум ја повлекол кандидатурата за претседател на НСДП

Секое кандидирање и евентуално повлекување на кандидатура е лично право на кандидатот, реагира организацискиот секретар на НСДП, Кристијан Трајковски.
Тој смета дека информирањето на јавноста во негово име од страна на други членови на НСДП е манипулативно, неетичко и крајно дискредитирачко и дезинформирачко.
„Од таа причина ги информирам медиумите и јавноста дека ваквата постапка ме поттикнува уште посилно да продолжам во мојата борба за слободна и демократска НСДП. На 4 јуни, на петтиот конгрес на партијата, во согласност со Статутот на партијата, ќе се самокандидирам за иден претседател на НСДП, а информациите за повлекување на мојата кандидатура се невистинити.
Нема да дозволам да ја изневерам довербата на членовите на НСДП, како и нивната искрена желба за демократски промени во партијата и воедно ги повикувам сите делегати и членови на 4 јуни да постапат во согласност со сопствеото убедување, волја и морал и да имаме вистински демократски конгрес, кој на крајот ќе нè обедини во водењето на партијата“, порача Трајковски.
Претходно, НСДП преку соопштение информира дека Трајковски ја повлекол својата кандидатура за претседател на партијата.