Македонија
Разбиена група која крадела и во странство продавала македонско културно наследство

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, по неколкумесечна предистражна постапка, донесе наредба за истрага против осум лица, кои се занимавале со нелегална трговија со македонско културно наследство.
Како што информираат од Обвинителството, двајца од нив, кои во случајот ќе се водат како првообвинети, во периодот од мај минатата година до денес, со цел да стекнат противправна имотна корист, создале група, на која ѝ се придружиле и другите шестмина.
Осомничените одделно и заедно присвојувале и продавале предмети заштитени како културно наследство и природни реткости.
Употребувајќи сонди и детектори за метал, без дозвола од надлежен орган, испитувале локалитети на целата територија на државата.
Како ориентација користеле сателитски снимки, карти и рачно напишани текстови и преданија, а потоа со употреба на хилти, копачи и други градежни алати и градежна механизација правеле археолошки ископувања и минеролошко петрографски истражувања.
Откриените артефакти, иако знаеле дека потекнуваат од извршено кривично дело, ги присвојувале и ги прикривале на непознати безбедни локации или во своите домови.
Потоа стапувале во контакт со непознати лица припадници на групата, кои биле по потекло од Грција, Турција, Албанија, Хрватска, Србија и од САД и како на заинтересирани купувачи им ги продавале добрата по однапред договорена сума.
Купувачите артефактите ги изнесувале надвор од границите на Македонија, со што трајно го оштетиле археолошкото, историското, музејското и уметничкото истражување на државните научни институции и ѝ нанеле непроценлива штета на државата.
Осумтемина се осомничени дека со преземените дејства, освен злосторничко здружување, сториле и уште три други кривични дела: присвојување добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости, изнесување во странство добра под привремена заштита и прикривање.
Карактеристично за овие групи, освен што недозволено користат детектори за метал, сонди и други алати за скенирање на длабочина, со себе недозволено држат и оружје, па, така, некои од обвинетите сториле и кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје.
Групата оперирала на регистрирани и нерегистрирани археолошки локалитети, и тоа: Вртекица, Сливица, Герман, Белица, Горна Јаболчица – Кичевско, Долно Јаболчиште – Велешко, Мочурлива Вода, Чатал Камен, Туњ, Чиндиро Кале, Медов Дол, Градиште – Црно Езеро, Ломница, Ченгово Кале, Бајрамова Круша, Ивањевци, Болдовенци, Журче – Крушевско, Ловор, Лопатица и на други локации.
Во денешната акција спроведена од страна на МВР, под раководство на предметниот обвинител, при претрес на домовите на осомничените пронајдени се артефакти и предмети од културно наследство со непроценлива вредност, сопственост на државата, како и природни реткости и други скапоцени предмети прибавени со кривично дело и тие ќе бидат предадени на идентификација.
Воедно, приведени се сите осомничени и во текот на денешниот ден ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје.
Надлежниот обвинител, ценејќи дека се исполнети законските услови, до судија на претходна постапка ќе достави предлог за определување притвор за шестемина осомничени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Партијата на Палевски: Ако се докаже дека тој и другите членови се виновни, нека бидат најстрого казнети

Политичката партија Десна, чијшто претседател е Љупчо Палевски – Палчо кој е осомничен за убиството на 14-годишната Вања и велешанецот Панче, изразија сочувство на семејствата за загубата на нивните најблиски, коментирајќу дека се во шок и неверување од информациите за убиствата.
„Бараме за своите членови и претседателот на партијата, доколку се докаже дека се виновни, да бидат најстрого казнети. Во меѓувреме апелираме да се почитува уставно загарантираната Презумција на невиност на осомничените и обвинетите, додека не се докаже спротивното.
Пред Обвинителството и органите на прогонот претстои тешка и деликатна задача во целост да ги разоткријат сите елементи на овие настани. Заради тоа, ние членовите на партијата, им стоиме на располагање на органите на прогонот, со цел на расветлување на кривично правниот настан и изведување пред Судот на сторителите на овие грозоморни случаи“, велат од партијата.
Десна, согласно Статутот на партијата, најави дека ќе ги замрзне членството, функциите и активностите на обвинетите до крајот на процесот.
Македонија
159 санкции за непрописно вградени фолии

Во периодот од 01.11.2023 до 30.11.2023 Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата.
При контролата санкционирани се 159 учесници во сообраќајот.
На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци.
]
Македонија
Лога: Насилството врз жените и девојчињата не смее да биде приватна работа, кривична одговорност мора да има

Министерот за правда Кренар Лога присуствуваше на Регионалната конференција ,, Обединети против насилство -Доста е” која се одржа во Приштина.
,,Насилството спрема жените и девојчињата е меѓу најзастапените повреди на човековите права. Тоа не смее да биде приватна работа и мора да има соодветен кривично правен одговор. Поради тоа неопходно е нашите активности dа вклучуваат: Криминализирање на делата на насилство према жените и девојчињата”,рече во своето обраќање министерот за правда Кренар Лога.
Како што вели тој на глобално ниво податоците покажуваат дека:
„Повеќе од пет жени или девојки се жртви на убиства секој час од некој во нивното семејство, Речиси секоја трета жена била изложена на физичко и/или сексуално насилство барем еднаш во животот. 86% од жените и девојките живеат во земји без правна заштита од родово базирано насилство. Со овогодинешната кампања инвестирај за превенција на насилството спрема жените и девојчињата се приклучуваме на 16 дена активизам против родово базираното насилство кој започна на 25 ноември на Меѓународниот ден за елиминација на насилството спрема жените а ќе заврши на 10 декември кога ќе го одбележиме денот на човековите права“, рече Лога и додаде:
„Република Северна Македонија беше меѓу првите земји која што во 2011 ја потпишаа Истанбулската Конвенција, која влезе во сила во Јули 2018 година Во фебруари 2023 година е донесен Законот за изменување и дополнување на Кривичниот Законик со кој се изврши хармонизирање со Истанбулската конвенција. За прв пат се криминализира родово базираното насилство врз жените кое означува насилство насочено против жената поради нејзина припадност на женскиот род. Се воведуваат нови кривични дела: Фемицид односно убиство на жена ило девојче до 18 години, Осакатување на женски полови органи, Демнење и Полово вознемирување“, вели Лога.
Според него за да се спречи виктимизација, жртвите на сите форми на насилство спрема жените и девојчињата потребно е да добијат навремена и сеопфатна заштита преку сервиси и услуги за подрршка и заштита.
„Унапредувањето на системот на пристап до правда за жртвите е приоритет во програмските активности на Министерството за правда. Во 2022 година се донесе Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство.
Истражувањето на ОБСЕ за насилството врз жените во Северна Македонија од 2019 година покажа, меѓу другото, дека 45% од жените доживеале психичко, физичко и/или сексуално насилство извршено од сегашен или поранешен интимен партнер.
Значителен дел од жените во Северна Македонија (37%) посочиja дека нивните пријатели би се согласиле дека жената треба да го слуша својот сопруг. Речиси половина сметаат дека семејното насилство е приватна работа и треба да се постапува во рамките на семејството, а 32% сметаат дека е важно мажот да и покаже на својата партнерка кој е шеф. Овие традиционални верувања претставуваат значителен предизвик за борба против насилството врз жените во Северна Македонија“, заврши Лога.