Македонија
Рашковски реагира за мекиците што ги делеше младината на ВМРО-ДПМНЕ

Ексгенералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, реагира на акцијата на УМС ВМРО -ДПМНЕ, кои денеска делеа мекици на минувачи, со цел, како што рекоа, да му помогнат бидејќи „сега кога повеќе не е на функција и кога повеќе не дели мекици за своите деца, неговите приходи се сигурно намалени“.
Рашковски од името на своето семејство иронично им се заблагодари за грижата во однос на нивната финансиска состојба по неговото заминување од Владата и им порача да се занимаваат со други теми, како што се сообраќајните незгоди или новите технологии.
„Навистина сте се потрудиле да бидете забавни и со високо ниво на сатиричност со спроведувањето на вашата акција, но додека вие си играте со мојот и со угледот на мојата фамилија и за времетраењето на вашата акција, на неколку метри од вашиот перформанс, во тој период својот живот во сообраќајни незгоди го изгубија две лица. Додека вие правите перформанси за забава, нашата земја, за жал, сѐ уште сме на врвот на листата по број на жртви од сообраќајни незгоди. Наместо млади и прогресивни луѓе, како што се претставувате, да се занимавате со нови технологии што треба да нѐ направат европска држава и да ни го олеснат секојдневието, вие подлегнувате на ниски страсти и недостоинствена политика од која никој нема никаква корист“, вели Рашковски.
Во реакција тој ги повика младите од ВМРО-ДПМНЕ да присуствуваат на секое судење за лично да се уверат дека во неговото работење нема ниту едно криминално дејство, ниту еден денар, пари на граѓаните, не се злоупотребени ниту, пак, е прекршена каква било процедура при јавните набавки.
„Јас нема да ви сугерирам од каде потекнува мојот и имотот на моето семејство, кој е плод на 20 години работен ангажман, за кои средства може слободно да проверите дека секоја година уредно се пријавувани како до УЈП така и до ДКСК, туку доколку ги следите судењата, самите сакам да заклучите дека целокупниот имот е стекнат на легален начин. Од вас како прогресивни сили очекувам да поддржите проекти што спасуваат животи независно од политичката определеност на учесниците во сообраќајот“, порача Рашковски.
На акцијата со мекиците претходеше вчерашната изјава на Драги Рашковски, кој по судското рочиште, рече дека не постои промена во неговата имотна состојба, освен во подароците што ги добивале неговите деца по повод родендени, крштевки, мекици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Грковска: На Законот за заштита на укажувачи не треба да се гледа само како на алатка во борбата против корупцијата

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, денеска се обрати на конференцијата на тема „Пет години од имплементацијата на Законот за укажувачи“, организирана од „Транспаренси Интернешнл Македонија“. Грковска во својот говор се осврна на значењето на Законот во борбата против корупцијата, но и на улогата што укажувачите ја имаат при зајакнување на демократските капацитети на општеството.
„На Законот за заштита на укажувачи не треба да се гледа само како на алатка во борбата против корупцијата, туку и како механизам кој ќе ја зајакне демократијата, владеење на правото, конкурентноста и општеството во целина. Пет години од имплементација на Законот е вистински период во кој може да се воочат сите предности, но истовремено и сите слабости. И една ваква работилница е одлична можност низ отворена дискусија, од личните искуства, да се најден начин како овој Закон подобро да се имплементира. Укажувачите се чувари на јавното добро, тие се важен елемент во заштитата од сите форми на злоупотреби. Да потсетам дека благодарение на две лица со интегритет, професионалци во својата област кои буквално го ставија својот живот на коцка, успеавме да ја откриеме најголемата злоупотреба на системот и најголемото непочитување на човековите права и злоупотреба на приватноста“, порача Грковска.
Грковска ја истакна и важноста од подигнување на свеста за јавното добро и општественo одговорно кај секој поединец во општеството.
„Ние за жал, во трката што ја носи модерното време, како да го изгубивме чувството дека треба да се грижиме за општественото добро. Тоа што се случува во изминатите години, во одредени области е за поздравување, меѓутоа мислам дека има уште многу простор за работа за да ги воспоставиме принципите за тоа што значи добро владеење, што значи општествена одговорност и како сите ние како граѓани треба да се однесуваме“.
Заедно со вицепремиерката Грковска на конференцијата се обратија и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, Народниот правобранител Насер Зибери, а модератор и домаќин на конференцијата беше Слаѓана Тасева, претседателка на „Транспаренси Интернешнл Македонија“.
Македонија
Пендаровски: Опасноста од нови војни повторно тропа на европска врата

По повод предадените апликации на Финска и Шведска за членство во НАТО, претседателот Стево Пендаровски ја даде следнава изјава:
„Денешното истовремено предавање на официјалните писма за барање за прием во најмоќната воена алијанса е испишување на уште една страница од историските промени во сојузништвото. Искрено ја поздравувам и поддржувам кандидатурата на овие значајни земји за просперитетот и безбедноста на Европа. За жал, фактот дека земји со традиционална воена неутралност со огромно мнозинство одлучуваат да ја променат, зборува дека опасноста од нови војни повторно тропа на европска врата. Со цел сеопшто посакуваниот траен мир да прерасне во реалност, проширувањето на алијансата е добра вест.
Ја поздравувам оваа одлука и упатувам поддршка за брз прием на земјите кои несомнено ќе дадат придонес во колективната безбедност. Тоа е одлука на суверени земји кои имаат право на сопствени одлуки, особено кога се работи за добросостојбата на нивните граѓани. Северна Македонија, како најнова земја членка на најмоќниот воено-политички сојуз, има чест да ја продолжи политиката на отворени врати со нашите партнери, Финска и Шведска, особено имајќи го предвид политичкиот, безбедносниот и географскиот контекст.
Со полноправното членство на Шведска и Финска, НАТО ќе се зајакне особено во неговото источно крило, од каде и доаѓаат најголемите предизвици, што е случај со руската воена агресија на Украина.
Дополнително, одличните билатерални односи со овие две пријателски земји ќе добијат на уште посилен интензитет преку идното сојузништво, со кое се зацврстува и партнерската соработка во сферите на заеднички интерес, вклучително и нивната принципиелна поддршка за уште едно сојузништво во рамките на Европа“ , изјави претседателот Пендаровски.
Македонија
Милошоски: Во најкус рок седница за тешките повреди на Етичкиот кодекс од страна на Џафери

Денес пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ поднесе барање до пратеникот Панчо Минов, претседател на комисијата за деловнички прашања и прашања од етичкиот кодекс, да закаже во најкус можен рок седница на којашто ќе се расправа за тешките повреди на етичкиот кодекс од страна на пратеникот и претседател на Собранието Талат Џафери, коишто беа направени на 11 мај годинава, информира Антонијо Милошоски, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ние сите бевме сведоци, целата јавност ги виде тие тешки повреди и слушна, бидејќи тоа беше пренесувано во живо на радиодифузниот сервис на МРТВ и сите ги имаме и тие снимки и затоа во прилог доставивме и снимка до господинот Панчо Минов за да има материјали врз основа на коишто ќе може да работи оваа комисија. Тоа што сакам да го истакнам е дека најмалку четири пратеници од нашата пратеничка група биле сведоци на овој немил настан, биле внатре во самата просторија каде што на еден вулгарен и недоличен начин претседателот Џафери ги понижувал и им вршел притисок на вработени во службата во Собранието и истите тие пратеници ќе бидат расположени да посведочат кога ќе закаже господинот Минов ваква комисија за оваа тешка повреда на Етичкиот кодекс“, рече Милошоски.
Потсети дека Талат Џафери лично на 11 јуни 2018 година го има потпишано Етичкиот кодекс за однесувањето на пратениците во Собранието, каде што, како што појасни во член 14, е предвидено како тешка повреда на кодексот доколку некој пратеник врши притисок или недостоинствено се однесува кон вработени во Собранието.
„Ако ова важи за сите пратеници, треба да важи и за првиот меѓу еднаквите, затоа што Етичкиот кодекс не би имал смисла ако не важи за пратениците од владејачкото мнозинство. Апелирам, особено до пратеничките од понежниот пол, од владејачката коалиција да се придружат на оваа иницијатива, да се расправа на седницата за прекршување на Етичкиот кодекс и да се донесе одредена санкција затоа што навредите, омаловажувањата и вулгарностите беа родово базирани на стереотипите на коишто очигледно сè уште во својот софтвер ги има Талат Џафери иако е претседател на Собранието“, наведе Милошоски.
Изрази надеж дека пратеникот Панчо Минов нема да одолговлекува и дека ќе ја закаже седницата во најкус можен рок за да можат како што рече со аргументи да донесат и санкција за спикерот Талат Џафери.