Македонија
Реакција на изјавата на министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова
Изразуваме загриженост што процесот на реализација на најголемата инвестиција од независноста на државата повторно се внесува во контекстот на дневно политичката агенда. Освен што изминатите денови се зголеми интензитетот на пласман на манипулативни и лажни вести, се создава впечаток дека противниците на рудникот не се свесни за евентуалните правно финансиски последици од непостапувањето во согласност со позитивните законски прописи. Апелираме до носителите на државни функции да се воздржуваат од изнесување лични ставови.
Облигациониот однос меѓу „Еуромакс ресоурсис“ и Владата е државна работа, која произлегува од правно валидни акти потврдени со одлуки на суд, а не приватен и личен однос меѓу случајни познајници. Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, има обврска да биде свесна на евентуалните правни последици од денешната нејзина изјава со која изрази личен став дека, генерално, е против рудници. Тоа прејудицира дека таа може да одлучува субјективно и пристрасно кога „Еуромакс ресоурсис“ ќе го достави дополнувањето на елаборатот за влијание врз животната средина до МЖСПП, студија која всушност ќе ги демантира сите манипулации за наводната штетност на рудникот врз здравјето и животната средина. Истовремено, најавата за повторно преиспитување на веќе донесената одлука на Владата, патем чиј министер е и таа, за спојување на концесиите, чиј носител е „Еуромакс ресоурсис“, е доказ за креирање амбиент на правна несигурност.
Жалиме што ваквите политички ставови потсетуваат на предизборниот период во 2020 кога и некои други министри изјавуваа дека нема да ги почитуваат тогашните одлуки на Управниот и на Вишиот управен суд, кои правосилно го поништија решението на Државната комисија за одлучување во управна постапка кое се однесуваше на барањето дозвола за експлоатација. Мора да напоменеме дека вака срочените изјави и ставови се потенцијален доказ против државата во евентуална постапка пред меѓународна арбитража. Директно го загрозуваат меѓународниот имиџ на државата, која како полноправна членка на НАТО и држава што претендира да стане полноправен член на ЕУ, меѓу другото, има и обврска да обезбеди правна сигурност и ефикасност во спроведувањето на законите за домашните, но и за странските инвеститори. Цврсто сме убедени дека планираната инвестиција е во најдобар интерес на државата, нејзиниот долгорочен економски развој и на локалните заедници. Реализацијата на овој проект е сигурно вин-вин сценарио: и економски развој, повеќе работни места, приход за граѓаните и безбедна, здрава животна средина.
Противниците на инвестицијата манипулираат со стари технолошки податоци, недостиг на факти и застарени информации. Потенцијално штетните материи се целосно исклучени од процесот на експлоатација, ризикот од излевање е комплетно елиминиран, водата го заобиколува јаловиштето и ќе биде целосно оставена на располагање на земјоделците. Создадовме целосно нов технолошки проект за да обезбедиме стопроцентно отстранување на сите грижи на населението и целосно безбедна и здрава околина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Општина Центар утре без вода поради уличен дефект
Од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека утре, 16 декември 2025 година (вторник), поради уличен дефект на булеварот „Св. Климент Охридски“, спроти Соборниот храм, ќе има прекин на водоснабдувањето.
Без вода ќе останат корисниците на потегот од крстосницата со булеварот „Партизански одреди“ до паркингот ЈАТ.
Прекинот е најавен во периодот од 08:30 часот до завршување на санацијата на дефектот, соопштуваат од претпријатието.
Засегнато подрачје е Општина Центар.
Македонија
СДСМ: Судот го потврди пуштањето на Јанева, сценариото на ДПМНЕ се реализира
Денеска Кривичниот суд и официјално потврди дека на Катица Јанева ѝ е одобрен условен отпуст од затвор, велат од СДСМ.
„Отпустот започнува од 21.12.2025 година и трае до 21.08.2026 година. Од вкупната затворска казна од 7 години, дозволен е условен отпуст од 8 месеци.
Овие факти и периодот токму сега и до летото наредна година, во целост го потврдува сценарио од стратегијата на ДПМНЕ кое целосно го разоткивме.
Зошто сега?
Затоа што темата со мигрантите за пари стана национална тема, корупциските скандали за наместени тендери покажуваат како се крадат 14,5 милиони евра преку 161 тендер, затоа што кога нема пари во буџетот за плати и пензии а граѓаните тоа го чувствуваат секој ден.
Затоа што сега и гори на власта под нозе“.
Нивното сценарио, додаваат од партијата, е до изборите кои ги планираат наредната година.
„Јанева треба да биде искористена како алатка на ДПМНЕ во нивната црна кампања и во нападите врз СДСМ.
Кривичните пријави и политичкиот прогон, лажните вести и манипулациите, нападите врз медиумите и спроведувањето на српското сценарио во Македонија веќе не се доволни. Власта ја губи контролата и затоа мора да ги засилува нападите.
Како? По добро познати српски рецепти.
Исто како случајот со Дијана Хркаловиќ во Србија. Копи-пејст медиумска стратегија, со истите методи, истите наративи и истата цел: дефокус од суштинските проблеми и напад врз опозицијата“.
СДСМ, како што истакнуваат, јасно порачува: „Нема да ви помине Катица. Нема да ви поминат мигрантите за пари. Нема да ви помине ниту едно сценарио за манипулација и дефокус. Народот ви подготвува крај“.
Македонија
Стојкоски: Стоп за дезинформации и паника, во општина Ѓорче Петров нема, ниту ќе има мигрантски кампови
Стоп за дезинформации и паника. Советот на Општина Ѓорче Петров јасно и недвосмислено ја отфрла секоја лага и манипулација поврзана со наводно прифаќање мигранти или изградба на мигрантски кампови, напиша на социјалните мрежи Александар Стојкоски, градоначалник на општината Ѓорче Петров.
„Во нашата општина нема, ниту било побарано, ниту ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови или трајно сместување мигранти.
Свесното ширење дезинформации создава страв, несигурност и ја нарушува стабилноста и соживотот во локалната заедница. Тоа не е политика – тоа е неодговорност“.
Стоиме цврсто во заштита на безбедноста, јавниот ред, меѓуетничката стабилност и мирниот живот на нашите граѓани, порачува Стојкоски.
Ги повика сите политички чинители на одговорен јавен говор и почитување на фактите.
„Мнозинството во Советот предводено од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија ги усвои следните заклучоци:
Нема мигрантски кампови во општината;
Не е побарано ниту не е договорено прифаќање мигранти;
Ннема да биде дозволено трајно сместување мигранти;
Заклучоци:
Се осудуваат лажните информации и политичките манипулации
Се констатира дека дезинформациите создаваат паника и несигурност
Се потврдува јасна политика против нелегалната миграција
Се дава поддршка на мерките на Владата за безбедност и стабилност
Се штитат меѓуетничките односи, мирот и соживотот.
Општината останува цврсто посветена на безбедноста и мирниот живот на граѓаните“.

