Македонија
Ревакцинирани 45 проценти од полнолетните граѓани во државата

Вчера и во петокот аплицирани се вкупно 4.418 дози вакцини, од кои 1.132 се аплицирани како прва доза, 3.129 се ревакцинирани, а 157 граѓани примиле трета доза вакцина, соопштија од Министерството за здравство.
Заклучно со 9 октомври вкупно се вакцинирани 795.186 граѓани, ревакцинирани се 748.563, а трета доза примиле 782 граѓани.
Според здравствените власти, 53% од граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирани, а 33% од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.
„Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 47% , а со две дози опфатени се 45% од граѓаните над 18 години“, пишува во соопштението од здравство.
Според бројот на аплицирани вакцини, 38% од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35% од популацијата во државата примила две дози вакцина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Нашите мисли и молитви се со семејствата на загинатите и повредените“, порака на Арсовска

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска по катастрофалниот земјотрес во Турција со порака„ Нашите мисли и молитви се со семејствата на загинатите и повредените во катастрофалниот земјотрес во Газиантеп, Р.Турција“.
До градоначалникот на Газиантеп, додава таа, испративме и писмо со сочувство и ја понудивме нашата помош доколку тоа е потребно.
„Градот Скопје е град на солидарност кој никогаш нема да ја заборави помошта, поддршката и солидарноста на братскиот турски народ.
До Советот на Град Скопје испративме барање на следната седница советниците да одлучуваат за хуманитарна помош за настраданите во катастрофалниот земјотрес“, напиша Арсовска на социјалните мрежи.
Македонија
Барање за итна седница на Советот на Град Скопје за помош на настраданите во земјотресите во Турција

Советничката група на СДСМ и коалицијата, како и советниците од политичката партија ДУИ и советници од ДОМ и ЛДП, денеска поднесоа барање за свикување итна седница на Советот на Град Скопје.
На вонредната седница предвидена е една точка на дневен ред, односно одлука за давање помош на настраданите граѓани во катастрофалниот земјотрес во Република Турција за што е подготвена и доставена соодветна предлог-одлука.
Според предлог-одлуката, се предвидува, како израз на солидарност кон граѓаните на Република Турција од подрачјата зафатени со катастрофалниот земјотрес, да се додели парична помош во износ од шест милиони денари, односно речиси 100.000 евра.
Овие средства може да се обезбедат од буџетот на Град Скопје за 2023 година, односно потпрограма А0, ставка 412, односно постојана резерва (непредвидливи расходи).
Се очекува претседателот на Советот веднаш да свика вонредна седница, а од мнозинството советници одлуката да биде изгласана.
Град Скопје како град на солидарноста и пред своите граѓани и пред светот има одговорност во согласност со своите можности да му помага на секој град што се соочува со несреќи и природни катастрофи, каков што е стравотниот земјотрес во Турција.
Македонија
Преговорите со ЕУ ќе ги отстранат сите пречки во трговијата, почна билатералниот состанок за Поглавјето 1

Денеска, во Брисел почна билатералниот скрининг-состанок за Поглавјето 1, „Слободно движење на стоките“, кое е дел од вториот кластер „Внатрешен пазар“.
Македонската делегација ја предводи заменичката на главниот преговарач на Република Северна Македонија со ЕУ, Дрита Абдиу-Халили, која ги посочи напредокот и спроведените реформи во ова поглавје со конкретни активности.
„Со почитување на обврските од Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) од 2009 година донесовме сеопфатна хоризонтална стратегија за слободно движење стоки и целосно имплементиравме акциски план за усогласување со членовите 34-36 од ТФБЕ, кои резултираа со вкупно 42 правни акти, кои беа идентификувани како мерки со еквивалентно дејство на квантитативни ограничувања, кои беа укинати или изменети до 2016 година. Во моментот, со поддршка на техничката помош на ЕУ, во рамките на ИПА-проектот ‘Зајакнување на внатрешниот пазар’, почнавме со подготовка на нова стратегија, ажурирана со најновото европско законодавство и продолживме со сеопфатен преглед на законодавството релевантно од гледна точка на предизвикување нецарински пречки во трговијата со цел да се подготви нов акциски план со рокови за отстранување на овие пречки“, истакна, меѓу другото, во својот говор заменичката на главниот преговарач, Дрита Абдиу-Халили.
Таа исто така укажа дека имаме уште за работа во областа на ова поглавје и дека се потребни посуштински реформи потенцирајќи дека несомнено отворањето на поглавјата за време на преговорите за полноправно членство во ЕУ, како и континуираната поддршка од Европската комисија, ќе го дадат потребниот поттик за подлабоко и повеќе ефикасно спроведување на реформите во однос на слободното движење на стоките.
Слободното движење на стоките е една од четирите основни слободи на ЕУ. Принципот на слободното движење на стоките значи дека производите произведени во земја членка на Европската Унија може слободно да циркулираат во други држави во рамките на единствениот пазар на ЕУ.
Единствениот пазар на ЕУ е основан пред 30 години, има 415 милиони потрошувачи и сочинува 18 % од глобалната економија. Трговската размена на стоки меѓу Северна Македонија и Европската Унија зафаќа вредност повеќе од 10 милијарди евра, односно 5,2 милијарди евра увоз на стоки од земјите на ЕУ и 5 милијарди евра извоз на стоки од нашата земја во земјите на Европската Унија.
Усогласеното европско законодавство за производи, кое треба да се транспонира, го претставува најголемиот дел од acquis. Повеќе од суштинско значењето да се има доволен административен капацитет за известување за трговските ограничувања и спроведување хоризонтални и процедурални мерки во областите, како што се: стандардизација, оцена на сообразност, акредитација, метрологија и надзор на пазарот.
Презентациите на преговарачкиот тим за Поглавјето 1, „Слободно движење на стоките“, ќе продолжат во следните четири дена, а в петок почнува билатералниот скрининг за Поглавјето 4, „Слободно движење на капиталот“.