Македонија
Реновирани тоалетите во ООУ “Кирил Пејчиновиќ” во Кисела Вода
Учениците од ООУ ,,Кирил Пејчиновиќ” учебната година ја започнаа со реновирани тоалети. Градежните активности траеја во текот на летото и вклучија промена на санитарните елементи, реконструкција на подот, на ѕидовите и плафонот.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес го посети ова училиште, каде се инвестираше и во изградба на спортски комплекс со фудбалско и кошаркарско игралиште, терени за одбојка и за пинг понг. Во моментот, во напредна фаза е проектот за доградба на објектот кој ќе овозможи сите ученици да посетуваат настава само во прва смена.
– Образованието е столб на нашата заедница и е основа за иднината на нашите деца. Затоа, како општина, континуирано работиме на подобрување на инфраструктурата на нашите училишта. Конкретно, во ООУ ,,Кирил Пејчиновиќ” летото го искористивме за темелна реконструкција на санитарните јазли кои претходно беа во катастрофално лоша состојба. Се работеше од под до плафон и резултатите се видливи. Сакам да се заблагодарам на Светска Банка за поддршката на овој проект бидејќи инвестирањето во подобри услови за учениците значи инвестиција во подобра иднина за целото општество. Ќе потсетам дека во изминатиот период Општина Кисела Вода во дворот на овој училишен објект изгради спортски комплекс со фудбалско и кошаркарско игралиште, терени за одбојка и за пинг понг. Во моментот, активно работиме на проектот за доградба на училишниот објект, што ќе овозможи сите ученици да посетуваат настава само во прва смена. Ова не само што ќе го подобри квалитетот на образованието, туку и ќе им овозможи на учениците повеќе време за воннаставни активности и одмор. Остануваме посветени на својата мисија за создавање модерни и безбедни услови за сите ученици, преку континуирани инвестиции во реновирање и унапредување на училишните објекти. Само преку вакви активности можеме да изградиме подобра иднина за сите деца и да создадеме заедница која е здрава, образувана и подготвена за сите предизвици што ги носи утрешниот ден- изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меџити-Вал: заедничка цел зајакнување на правната држава, борбата против корупцијата
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска беше домаќин на работна средба со амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Република Северна Македонија, Килиан Вал.
Меџити и Вал разговараа за можностите за соработка во континуирано партнерство со цел унапредување на приоритетните реформи во согласност со заложбите на ОБСЕ.
Двајцата соговорници се согласија дека имаат за цел зајакнување на правната држава, борбата против корупцијата, родовата еднаквост и зајакнувањето на младите, додека промовирањето на транспарентноста, човековите права и одржливиот развој за доброто на сите граѓани остануваат заедничка цел.
Меџити повтори дека е максимално посветен на напредокот на интеграциската агенда на земјата кон зачленување во Европската унија, како единствено решение и со масовна поддршка од граѓаните.
Македонија
(Видео) Во Прилеп утре Ден на жалост, по трагичната несреќа во која загинаа три медицински лица
Во Прилеп, утрешниот ден се прогласува за Ден на жалост поради трагично загинатите медицински лица, кои утрово ги загубија животите во тешка сообраќајна несреќа на магистралниот пат Прилеп-Битола.
Одлуката беше донесена од страна на Советот на Општина Прилеп на вонредна седница.
Прилепскиот градоначалник Борче Јовчевски во своето обраќање рече: „Како градоначалник, како лекар, но пред се како човек утрово со тага ја примив веста за прераната смрт на нашите сограѓани, на еден прекрасен тим на специјалисти и медицински кадар. Еден тим кој животот го посвети во давање на помош и спасување на животи. Дури и на тој пат одеа да спасат животи. Прилеп и Македонија губат врвни луѓе, посветени на својата професија“, нагласи тој.
Несреќата се случила утрово при судир на автомобил во кое биле медицинските лица и товарен камион.
Македонија
Ковачки: Работите во судството се катастрофално лоши, потребни се оставки во судски совет, генерален ремонт и реизбор
„Работите во судството ни се лоши, катастрофално лоши и тоа е оценка на сите од надвор и од внатре“, истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки на денешната собраниска Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.
Тој посочи дека поради нула ажурност на судовите резултатите се катастрофални.
„Резултатите се катастрофални со ажурност нула на судовите. Од одредени судови се праќаат по други, од едни апелациони подрачја во други се праќаат на испомош затоа што нема судии“, вели Ковачки.
Правдата генерално во Република Македонија, според него ја нема, судство, обвинителство, како што вели, „таа спрега е скапана и тука ние не може да направиме исчекор без генерален ремонт. Мора да имаме генерален ремонт и реизбор“, потенцираше Ковачки.
Тој е дециден дека сите во судскиот совет треба да си дадат оставки.
„Судски совет како што сега е поставен треба да си дадат оставки затоа што доведоа до тие 2% доверба“, укажа Ковачки.