Македонија
Ресторан на нива, одморалиште издавано без согласност, градинка без деца оти нема пат – ревизијата утврди серија нерегуларности во Свети Николе
Државниот завод за ревизија утврди серија нерегуларности во работењето на Општина Свети Николе за 2024 година поради што изрази неповолно мислење за реалноста и за објективноста на финансиските извештаи, како и за усогласеноста со законската регулатива и воспоставените политики.
Според ревизијата, Општината со несоодветно постапување овозможила бесправно изградени објекти на земјоделско земјиште да вршат дејност. Од вкупно 110 барања за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, 79 не биле доставени до надлежното министерство за добивање согласност, а за некои од нив не бил извршен ни увид на самото место.
Ревизорите утврдуваат дека за објект на земјоделско земјиште со катастарска култура „нива“, за кое барање било поднесено уште во 2017 година, не е спроведен увид, ниту е побарана согласност од надлежното министерство. Иако објектот извршувал угостителска дејност, контролата на МВР и ДЗС во април 2025 година резултирала со решение за забрана за користење.
Дополнително, во 2024 година одобренија за поставување урбана опрема биле издадени само за три објекти, а другите угостителски објекти користеле јавна површина без одобрение и без уплатена комунална такса. Општината нема донесено годишна програма за поставување привремени објекти, ниту издадени одобренија за нивно поставување.
Ревизијата нотира и дека Општината не остварува приходи по основ на комунални такси за користење музика во јавни локали, реклами и огласи, а нема ни програма за туристичка пропаганда. Нема воспоставен зелен катастар, нема стратегија и годишна програма за зеленило, ниту приходи по основ на надомест за одржување градско зеленило.
Во однос на работењето на објектот „Детско одморалиште во Стар Дојран“, ревизијата утврдува дека Општината извршувала услуги за сместување, без согласност од надлежните институции, дека сметките се издавале без спецификација од фискална каса, а сместувачките капацитети биле застарени и руинирани.
Изградената детска градинка „Рахилка Гонева“ во село Ерџелија, вредна 437.154 евра, не е пуштена во употреба бидејќи не се обезбедени средства за пристапен пат од 793.821 евро и не е инсталирана потребната опрема за третман на вода за пиење.
Општината исто така има ненаплатени побарувања од 1.070.520 евра, резултат на непреземени мерки за наплата и неутврдена старосна структура на побарувањата. Побарувањата за одржување јавна чистота меѓу општината и ЈКП „Комуналец“ не се усогласени за 8.650.000 денари, а комуналното претпријатие нема уплатено 27.419.000 денари во буџетот на Општината.
Ревизорите нотираат дека некои од даночните обврзници со нов или дополнителен имот не се задолжени со данок на имот, а последното ажурирање на регистарот е направено во 2021 година.
Дополнително, утврдени се слабости во евидентирањето на имотот, неевидентирано земјиште, несоодветно книжење на инвестициите по нивното завршување, непостоење материјална евиденција при прием и издавање материјали, како и слабости во спроведувањето на пописот на средствата и обврските.
Државниот завод за ревизија даде препораки за надминување на утврдените состојби и преземање мерки од страна на надлежните институции и одговорните лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

