Македонија
Ристовска: Ниеден медиум не е под истрага на СЈО
Ниеден медиум не е под истрага на Специјалното јавно обвинителство, појасни обвинителката Ленче Ристовска пред да почен да одговара на новинарски прашања, по денешната прес-конференција на која објавија четири нови истраги.
Таа најостро ги демнатираше тврдењата дека СЈО врши притисок врз медиумите.
„Ниеден медиум не е под истрага и не е отворена истрага за да се зборува дека ние правиме приотисок. За правилно и објективно информирање сите медиуми треба да бидат информирани за работата на СЈО“, изјави Ристовска.
Таа објасни кривичните дела на поединци не се кривични дела на медиумот и замоли некои медиуми да не шпекулираат затоа што СЈО е професионална институција и не врши притисок на медиуми.
Инаку, СЈО денеска отвори четири нови истраги за финансиски криминал, против четири лица наречени „Табла“, „Триста“, „Тотал“ и „Тифани“./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одложена одлуката за Законот за јазиците, Костадиновски уверува дека нема да дозволи судот да биде уценуван
Првин ќе се слушне мислењето на експертите, а потоа ќе се одлучува за Законот за употреба на јазиците. Уставниот суд денеска со пет гласа „за“ и еден „против“ одлучи првин да одржи подготвителна седница, на која ќе бидат повикани странки – и оние што го оспоруваат законот и оние што го поддржуваат, но, пред сè, експертите.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, пред новинарите изјави дека сведоци сме на непримерно и политичко насилство, влијание, притисоци и уцени врз Уставниот суд, што е резултат на едно фрапантно отсуство на елементарна политичка и уставна култура.
Тој уверува дека одлуката за законот ќе биде донесена за неколку месеци и нема да дозволи натамошни притисоци, уцени и закани.
„Секој што мисли дека владеењето на правото, правната држава, ќе ја попречат со политичко влијание и со манипулации, воопшто да не се трудат. Такво нешто нема да се случи“, рече Костадиновски додавајќи дека Уставниот суд е чувар на Уставот.
Тој целосно ги отфрла изјавите дека гласањето е етничко коментирајќи дека сите сме еднакви пред Уставот и законот, а тие се судии и одлуките треба да ги носат без оглед на националноста, социјалната положба, верата.
Законот за употреба на јазиците, по пет години од стапувањето во сила, беше прва точка на дневниот ред на седницата, која беше бојкотирана од судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари, а набргу салата ја напушти и судијата Фатмир Скендер.
Венециската комисија претходно имаше забелешки за Законот за јазиците укажувајќи дека не е прецизно наведено кои одредби важат само за албанскиот јазик, а кои и за другите јазици на заедниците.
ДУИ од неделата протестира пред Уставниот суд, а владејачката коалиција од албанскиот блок „Вреди“ уверуваше дека албанскиот јазик не е загрозен.
Македонија
Меџити на министерскиот совет на енергетската заедница во Австрија: во фокусот управување со водите, надградба на патоказот за декарбонизацијата
Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити денес отпатува на работна посета на Виена, Австрија, каде ќе учествува и ќе има обраќање на 22-от Министерски совет на Енергетската заедница, што ќе се одржи на 12 декември.
На овој годишен состанок, каде Меџити присуствува заедно со министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, ќе се дебатира околу теми поврзани со идното воведување на дополнителни законодавни обврски од областите нa управувањето со водите, живеалишта и дивите птици (измените од 2009 на ЕУ директивата), како и околу надградбата на патоказот за декарбонизацијата.
Енергетската заедница е меѓународна организација која ја олеснува енергетската соработка на ЕУ и деветте договорни страни: Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Грузија, Молдавија, Црна Гора, Србија и Украина, а има и три постојани набљудувачи: Ерменија, Норвешка и Турција. Нејзина главна цел е да ги приближи договорните страни на ЕУ преку олеснување на реформите и постепено проширување на правото на ЕУ за енергија, животна средина и клима.
Македонија
Oбвинителството оформи предмет за Груби и за судијата Беџети, кои се на црната листа на САД
Обвинителството оформи предмет со кој се опфатени поранешниот прв вицепремиер Артан Губи и судијата Енвер Беџети, кои се ставени на црната листа на САД поради корупција.
Од Обвинителството на брифинг со новинарите рекоа дека предметот е доставен до надлежно обвинителство за прибирање докази. Ќе се испитува кој е давател на поткупот, кој е примател на поткупот, дали имало тргување со влијанија.
Груби и Беџети беа ставени на црната листа поради примање поткуп во врска со предметите што се воделе против ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, a американската амбасадорка во земјата, Ангела Агелер, вчера рече дека Вашингтон ја разгледува можноста и за дополнителни санкции.
Агелер на прес-конференцијата прашана од новинарите дали ќе ги обезбедат доказите пред македонските власти рече дека САД не може да ги споделат поради прашања поврзани со приватноста, меѓутоа нема ни потреба со оглед на тоа што доказите се достапни.
„Интересно е што се соочуваме со критики во стилот: ‘Зошто го правите ова кога никој не е гонет и нема акција во земјата’. Но, ние не го спроведуваме законот во оваа држава“, рече Агелер додавајќи дека по нивната одлука, понатаму домашните власти може да преземат.
„Кога ние можевме да ги собереме доказите, можат и тие“, рече амбасадорката.
Претходно, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го повика Обвинителството да постапи.
„Во меѓународното право и во меѓусебните односи постојат начини да се дојде до тие докази и да се почне постапка тука бидејќи во спротивно ние не рагираме кога мора да реагираме и со тоа го толелираме беззаконието. Очекувам јавниот обвинител да почне да постапува“, изјави вчера Давкова.
Претседателката дополнително како загрижувачки момент го истакна и тоа што на листата на САД се најде и името на судија од Македонија бидејќи, како што рече, судот треба да биде синоним за почитување на правото и правдата.
По објавата на црната листа од страна на САД, Груби изјави дека целиот свој јавен живот го посветил на одбраната на западните демократски вредности и секогаш посветено работел за членството на земјата во НАТО и во Европската Унија поради што оваа одлука го засега директно и лично.
„Ќе се обврзам со сета посветеност и максимално, заедно со сите наши пријатели и партнери, со кои ја споделувавме визијата и работевме со години за интеграција на земјата во евро-атлантските структури, целосно да го разјаснам ова прашање“, вели Груби.
Тој додаде дека танспарентноста и посветеноста на демократските вредности и понатаму ќе бидат главниот столб на секоја негова акција.