Македонија
Ристоска: Поради мојата кандидатура за судија во ЕСЧП, цел сум на клевети и напади
Во изминатиот период, поради мојата апликација за кандидат за судија во Европскиот суд за човекови права, цел сум на неосновани напади и клеветнички изјави, објави обвинителката Ленче Ристоска.
„Денес упатив барање за јавно извинување до Драган Павловиќ-Латас за клевети искажани во емисијата ‘Само вистина’, емитувана на ‘Канал 5’ на 16.5.2025 година, во која лажно тврди дека неовластено сум зела износ од 100.000 евра според Агенцијата за борба против корупцијата и дека немам ни стаж. Имајќи предвид дека ДКСК за мене никогаш немала поведено каква било постапка поврзана со примањата што ги имам остварувано како обвинител во СЈО, како и дека сум дел од правосудниот систем од 2009 година, барав јавно извинување за ваквите клевети“, напиша Ристоска на „Фејсбук“.
Како што наведува, причината поради која смета дека е неопходно да реагира е што постапката за избор на кандидатите е во сензитивна фаза. „И Владата на Република Северна Македонија сè уште се нема произнесено по предлогот на комисијата, па ваквиот интенциозен јавен напад, освен штета на мојот интегритет, може да нанесе директна штета во однос на мојата позиција во понатамошниот тек од постапката“, пишува Ристоска.
Конечно, додава таа, немам апсолутно никаков проблем со тоа некој да смета дека има други кандидати што ја заслужуваат позицијата судија во Европскиот суд за човекови права повеќе од мене, но во духот на праксата на Европскиот суд за човекови права неопходно е изјавите и коментарите што се даваат во јавноста да бидат базирани на точни и проверени информации со цел поттикнување објективна и издржана јавна дебата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пронајден романски државјанин изгубен кај Матка, ЦУК и МВР координирале ноќна потрага
Странски државјанин од Романија бил успешно пронајден по координирана акција на Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Министерството за внатрешни работи, откако се изгубил при самостојно движење во реонот на Матка.
Од ЦУК информираат дека повикот за помош бил примен преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во 21:55 часот. Лицето се изгубило во близина на пештерата Врело, на подрачјето на Општина Сарај.
ЦУК ја утврдил приближната локација преку повикот на 112
Веднаш по пријавата, ЦУК ги известил надлежните институции, меѓу кои Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување и Црвениот крст на Република Северна Македонија, за нивно вклучување во потрагата.
Преку постојана комуникација со изгубеното лице, операторите на ЦУК успеале да ја утврдат неговата приближна локација врз основа на координатите и податоците добиени преку повикот на бројот 112.
На лицето му било посочено да остане на местото каде што се наоѓа, бидејќи поради ноќните услови, непристапниот терен и дезориентацијата, тоа било најбезбедната опција и овозможувало полесно спроведување на спасувачката акција.
Потрагата траела до раните утрински часови
Во акцијата се вклучиле припадници на МВР – Единицата за видео надзор и реконструкција при СВР Скопје и Полициската станица Сарај, во координација со ЦУК.
Поради тешко пристапниот терен од страната на Матка, спасувачката екипа пристапила преку Националниот парк „Јасен“.
Во потрагата со теренско возило учествувал и директорот на ЦУК, Мухамед Али, како поддршка на полициските екипи на терен.
Пронајден во стабилна состојба
По неколкучасовна потрага, во 03:45 часот лицето било успешно пронајдено.
Според информациите од ЦУК, мажот бил видно испаничен и дезориентиран, но бил во стабилна здравствена состојба.
По пронаоѓањето, тој бил пренесен во Полициската станица Сарај, каде што Министерството за внатрешни работи презело понатамошни активности согласно своите надлежности, со оглед дека станува збор за странски државјанин.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС, Левица и ДУИ го блокираат Изборниот законик поради страв од изборен пораз
ВМРО-ДПМНЕ ги обвини СДСМ, Левица и ДУИ дека се обединети во блокада на донесувањето на нов Изборен законик и дека, како што наведуваат, однапред создаваат алиби за изборен пораз.
Во соопштението од партијата се оценува дека наместо да го поддржат законот со кој би се вградиле препораките за подобрување на изборниот процес, трите партии намерно ја забавуваат постапката и бараат нови изговори.
„На јавноста и е јасно дека ова не е борба за подобар Изборен законик, туку обид однапред да се создаде алиби за изборниот пораз што ги очекува. Венко Филипче после 4 месеци преговори во Собранието за Изборниот законик најде нов изговор и се сети дека му се потребни експерти. СДС ќе бара оправдувања, Левица ќе измислува нови конструкции, а ДУИ ќе продолжи да бега од одговорност. Но фактите се јасни, трите партии не сакаат реформи и токму тие се виновни што новиот Изборен законик се уште не е донесен. На Македонија и се неопходни функционални институции и фер изборен процес, а не опструкции мотивирани од теснопартиските интереси на СДС, ДУИ и Левица“. Македонија е признаена како лидер во Реформската агенда а тоа што не се носи новиот изборен законик е вина на СДС, Левица и ДУИ., пишуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
СДСМ: Македонија повеќе не е на европската мапа, Мицкоски ја турна државата во изолација
Последните пораки од Европската Унија се најсилниот доказ дека Македонија повеќе не е на европската агенда, оцени СДСМ.
Од опозициската партија велат дека додека ЕУ отвора нови кластери и поглавја со други земји кандидати, Македонија повторно останува надвор од европските процеси.
„Украина и Молдавија ги отвораат преговорите, Црна Гора и Албанија напредуваат, а нашата држава не е дел од европската динамика. Ова е директна последица на однапред смислените политики на Христијан Мицкоски и организираната криминална група ВМРО. Наместо напредок, Македонија денес е заглавена, заложник на лажните ветувања на Мицкоски, неспособноста за државна политика и криминал“, се наведува во соопштението.
СДСМ вели дека застојот во евроинтеграциите има и економски последици, бидејќи земјите кои напредуваат кон Европската Унија добиваат значителна финансиска поддршка за развој.
„Оваа политичка изолација што ја направи Мицкоски има и сериозни економски последици. Додека земјите што напредуваат кон Европската Унија добиваат милијарди евра неповратна европска поддршка за развој, Македонија се задолжува со нови милијарди евра кредити, а граѓаните живеат со сè пониски плати, пад на инвестициите и сè послаба економија. Црна Гора добива 3,2 милијарди евра, Хравтска досега има добиено 30 милијарди евра. Toa се пари за подобро образование, здравство, поддршка за земјоделците, силна економија и подобар животен стандард. Со блокада на европската иднина, Македонија ризикува да остане последна во регионот поради интересите на една криминална група која се плаши од правда и од Европа“, пишуваат од СДСМ.
