Македонија
Родителите против дигитализација: Преку референдум ќе ги спасиме нашите деца

Oдборот на граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ денеска одржа протест пред Министерството за образование, противејќи се на законските иницијативи кои предвидуваат дигитализација на учебниците.
Протести се одржуваат во повеќе градови, а ги организираат родителите кои одбиваат нивните деца да учат од таблет.
„Одиме пред се првенствено на референдум, и тоа ќе одиме на задолжителен референдум, не на консултативен и ќе ги видиме ставовите и мислењата на сите родители. Очајно ме молат пензионирани академици, професори, наставници, стручни лица, не молат нас родителите да ги спасиме нашите деца и тоа ни дава поттик да одиме понатаму со цел да го спречиме овој предлог закон. Се протестира во повеќе градови и ќе се чуе родителскиот глас. Политиката да се држи настрана од нашите деца, денес се слуша гласот на родителите. Не сакаме монолог, сакаме да се чуе нашето незадоволство, сакаме дијалог“, изјави еден од родителите, учесник на денешните протести.
Од Министерството за образование веќе изјавија дека нема да се откажат од носењето нов закон за учебници за основно и средно образование.
„Со новите наставни програми, учениците се ставаат во центарот на образовниот систем. Министерството за образование и наука ги разбира дилемите што ги имаат родителите. Промените од есен ќе стартуваат во прво и четврто одделение“, изјавија вчера од МОН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце и Пелинце се чека околу еден час на Богородица околу 40 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
На ГП Богородица времето на чекање за излез од државата е околу 40 минути.
На ГП Табановце и ГП Пелинце се чека околу 1 часа за влез и излез од државата. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од 09.08.2022 до 20.08.2022 на патниот правец раскрсница Маврово – Галичник Р- 2238 поради изведување градежни работи (асфалтирање) сообраќајот е во прекин помеѓу 10:00 и 16:00 часот. Работите се изведуваат само во работни денови.
Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица е отворен за сообраќај до 01.10.2022 за возила со вкупна маса до 3,5 тони.
Македонија
Променливо облачно и свежо, на повеќе места нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер

Денеска се очекува променливо облачно и свежо време, на повеќе места нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Локално ќе има појава на краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер, електрични празнења и услови за појава на град.
На места ќе наврне поголема количина на воден талог. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 21 до 28 степени. УВ=6
Во Скопје променливо облачно со повремен пороен дожд, грмежи и засилен ветер, во делови од котлината со пообилни врнежи. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 24 степени.
Од понеделник ќе настапи постепено стабилизирање на времето со брз пораст на дневните температури.
Македонија
(Видео) Силно невреме го зафати Кавадарци, паднати дрва, поплавени улици и подруми

Силно невреме проследено со интензивен пороен дожд, силен ветер и електрични празнења вечерва го зафати Кавадарци, пишува на социјалните мрежи градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев.
„Според првичните информации, до повикувачкиот центар во општината, се пристигнати дваесетина пријави за поплавени подрумски простории.
Екипи на ТППЕ Кавадарци, ЈП Комуналец и “Мој општинар” се на терен.
За половина час наврнале 40 литри/м2. На улица ,”Беласица” се отстранува паднато дрво од силниот ветер, а се расчистуваат и наноси од кал“, информира Јанчев.
Од силниот дожд вода има навлезено и во зградата на општина Кавадарци.
Од општина Кавадарци ги известуваат сите граѓани кои имаат
било каков проблем да се јават во Кол Центарот на општината на бројот 13 300.
За невремето информираат и од Центарот за управување со кризи.
„Вечерва подрачјето на Кавадарци го зафати невреме проследено со обилни врнежи на дожд. Од невремето поплавени се десетина подруми од куќи, како и средишниот дел од главната ул.7-ми Септември на која во моментот 3 екипи со механизација работат на расчистување, а за испумпување на водата од поплавените подруми на терен се екипи од пожарната од Кавадарци со 2 пумпи и екипа од Комуналец од Кавадарци со две пумпи“, стои во објавата на фејсбук од страна на ЦУК.