Македонија
Роднини на патниците бараат информации, никој не одговара на телефонскиот број на агенцијата
Пред туристичката агенција „Беса транс“ собрани се повеќе роднини на лицата што биле во автобусот, кој од засега непознати причини се запали и изгоре утринава пред два часот на магистрала „Струма,“ во близина на Перник, при што загинаа 45 лица, а седуммина преживеаја.
Агенцијата „Беса транс“ ја обезбедува полиција, вратите се затворени, а на телефонскиот број не одговара никој.
Еден од роднините на лицата што биле во автобусот вели дека утринава на „Фејсбук“ дознале за несреќата. Тие бараат одговори за најблиските и од агенцијата и од институциите.
„Мојот братучед беше во автобусот. Немаме никаква информација ниту, пак, некој ни се јавува. Информацијата за трагедијата ја дознавме од ‘Фејсбук’ околу 6 часот утринава. Ова не е во ред. Знаат да организираат кога треба да се прошетаат луѓе, а сега кога е најтрагично, ги нема. Ги замолувам институциите да ни кажат информации, барем за преживеаните“, изјави тој.
Беким Алити, сопруг на една од патничките во автобусот, вели дека се уште нема информации дали неговата сопруга е жива.
Тој додава дека го видел списокот со имињата на патниците во автобусот, но не знае кои се живи, а кои не.
Во автобусот имало 53 лица, од кои 46 го загубија животот. Седум лица се повредени и се пренесени во болницата во Софија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
