Македонија
Роднини и пријатели од Македонија пристигнаа пред болницата во Бугарија, во која се сместени преживеаните
Пред болницата „Пирогов“ сѐ уште пристигнуваат роднини и пријатели на патниците од автобусoт што изгоре на автопатот „Струма“.
Шабан Рашитовски нема роднини меѓу жртвите, но четворица од патниците се негови соседи. Штом дознал за трагедијата, заминал во Софија да помогне:
„Јас сум од Скопје, овде во болница се четворица од моето село и затоа дојдов да помогнам колку што можам. Ако им треба, затоа сме тука, ќе им обезбедиме сѐ. Двајца мажи, едно девојче и една жена – две семејства. Не сум разговарал со нив. Луѓето се во шок, прашањата се непотребни. Отишле на шопинг во Истанбул. Се јавила 16-годишната девојка да каже дека се случила несреќа. Голема трагедија за сите, тежок ден. Но, ние мора да си помагаме едни на други“, вели тој, пренесе БНР.
Во медицинската установа се сместени седум лица што ја преживеаја несреќата.
Претходно денеска, пред превозникот „Беса транс“ беа собрани повеќе роднини на лицата што биле во автобусот. Еден од роднините рече дека утринава на „Фејсбук“ дознале за несреќата. Тие бараат одговори за најблиските и од агенцијата и од институциите.
„Мојот братучед беше во автобусот. Немаме никаква информација ниту, пак, некој ни се јавува. Информацијата за трагедијата ја дознавме од ‘Фејсбук’ околу 6 часот утринава. Ова не е во ред. Знаат да организираат кога треба да се прошетаат луѓе, а сега кога е најтрагично, ги нема. Ги замолувам институциите да ни кажат информации, барем за преживеаните“, изјави тој.
Беким Алити, сопруг на една од патничките во автобусот, изјави дека сѐ уште нема информации дали неговата сопруга е жива. Рече дека го видел списокот со имињата на патниците во автобусот, но не знае кои се живи, а кои не.
Во автобусот имало 53 лица, од кои 46 го загубија животот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Апасиев: Дали е вистина дека директорот на велешката болница забранил да им се дава инфузија на деца со температура 40 – за да заштеди
„Дали е вистина дека директорот на велешката Болница – Зоран Арсовски од СДС забранил да им се дава инфузија на Детското одделение, на деца со температура 40 – за да заштеди“, прашува претседателот на партијата Левица, Димитар Апасиев преку социјалните мрежи.
„И дали е вистина дека за операција на жолчка, во истава болница, докторите отворено си бараат мито од пациентите – од 500 евра ‘по тарифа’“, додава Апасиев.
Македонија
„Пендаровски ја призна конекцијата со мешетарот Еисин и после се сокри од јавноста“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Пендаровски ја призна конекцијата и комуникацијата со балканскиот мешетар Асаф Еисин и се сокри од јавноста. Го нема со денови да излезе и да даде одговори, дали тој, дали СДС, дали Ковачевски или сите комплет го ангажирале Еисин за консултации“, вели ВМРО-ДПМНЕ.
„Овој скандал е дотолку поголем што постојат сериозни индиции дека овој сомнителен лик е ангажиран за креирање на црната кампања на власта и за тоа според основани сомнежи се плаќа со пари во кеш. Овие црни пари не се водат во ниедна евиденција и се испумпани од криминалните тендери во РЕК Битола.
Надлежните институции треба овој случај детално да го проверат, бидејќи ангажманот на мешетарот Еисин и двете лица кои му помагаат а кои се сместени во еден скопски хотел, не фигурира во ниеден извештај. Доколку актуелните институции не го истражат овој случај, тогаш после промената на власта се ќе биде детално проверено. Време е за промени, а наскоро после тоа ќе дојде и времето за одговорност“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Нема промена во ДПМНЕ, над 80% од листите се истите пратеници кои спроведуваа активни блокади“, велат од СДСМ
„Составот на листите за пратеници на ДПМНЕ потврдува дека во ДПМНЕ нема никаква промена, тоа е партија свртена кон минатото. Повеќе од 80% од кандидатите на листите се истите пратеници, кои спроведуваа активни блокади на Собранието, правеа опструкции и кочеа, сé што е во интерес на граѓаните и државата“, соопшти СДСМ.
„Тоа се истите лица што во време на криза во Собранието ја блокираа помошта за граѓаните и компаниите, кои два дена на собраниска седница ги преместуваа точките на дневниот ред.
Беа и против минималната плата и раст на платите и против членството на државата во НАТО, и против евроинтеграциите, тропаа и вревеа со вувузели додека во парламентот зборуваше Урсула фон дер Лајен.
Нивната работа изминатите четири години ја одбележаа одолговлекувања, бесмислени реплики, штанцање илјадници амандмани за блокада на законите, незакажување седници и неставање на дневен ред на клучни закони во парламентарните комисии, предводени од ДПМНЕ.
Со истите лица на листите Белата палата потврдува дека се определува за блокада на европскиот пат на државата. Со ДПМНЕ е можно само враќање назад.
Изборот пред граѓаните на претстојните избори ќе биде помеѓу надеж и просперитетна европска иднина со СДСМ и безнадежност и враќање 10 години назад со ДПМНЕ“, се наведува во соопштението на СДСМ.