Македонија
Ромите се најдискриминираната етничка група, велат од Левица
Неодамна објавените резултати од годишната публикација на „Балкански барометар“ која го истражува јавното мислење во Македонија за 2023 година квантификува една катастрофална состојба која, како што велат од Левица се чувствува и е институционално потврдена во однос на општествените предрасуди и системската дискриминација кон ромската заедница во Македонија.
„Според сите скали за мерење на социјална дистанца користени во истражувањето (дали би прифатиле Ром за член на семејството, дали би работеле со Ром и сл.), евидентни се и предрасудите кон ромската заедница од страна на сите останати заедници, кои понатаму резултираат со дискриминација – нешто што го има и потврдено и пресуда на Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Во Република Македонија во „борбата против дискриминација на Ромите“ усвоена е и „Стратегија за инклузија на Ромите“, одржани се енормен број на панел – дискусии од кои произлегле огромен број на публикации, отворени се разни државни институции и агенции, па дури и министерство без ресор. Сето тоа чини милиони евра, но случајно или не, не е забележано никакво подобрување во интеграцијата на Ромите“, се вели во рекацијата на Левица.
Од партијата велат дека причините за целосната неинтеграција на Ромите се многубројни, имено: отворените институции служат примарно за вработување на нестручни партиски кадри.
„Идеологијата на буржуазијата за мултукултурализмот целосно пропадна, водејќи повеќе кон сегрегација отколку интеграција; ‘претставниците’ на Ромите во Македонското собрание и во Владата се системски колаборатори кои се богатат од партиски калкулации, додека ромската заедница во Македонија останува убедливо најдискриминираната заедница во државата, и, можеби, најважното – на капитализмот секогаш ќе му биде потребен лумпенпролетеријат, односно една ‘подкласа’, која во Македонија е претставена преку ромската заедница.Единствено, Политичката партија Левица нуди решение за системската неправда извршена врз Ромите, надвор од буржујско-либералната мултикултурна матрица на ‘позитивна дискриминација’ и ‘интеграција’ преку квоти, а тоа е создавање на нов интеркултуралистички општествен вредносен систем, основан врз солидарност, рамноправност, братство и единство“, завршуваат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Савески-Хрицова: разговарано за предизвиците во гонењето на висока корупција, како и за можностите за избегнување на одолговлекување на постапките
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Ненад Савески и амбасадорката на Словачката Република Ивета Хрицова на заедничка средба ги разгледаа можностите за идна соработка особено во областа на реализацијата на европските реформи во работата на Јавното обвинителство.
Меѓу клучните активности во претстојниот период, преку контакти со словачкото обвинителство, ќе биде иницирана размена на искуства во повеќе области, студиски посети, како и испитување на можностите за потпишување меморандум за соработка меѓу македонското и словачкото обвинителство.
Савески и Хрицова разговараа и за предизвиците во гонењето на висока корупција, како и за можностите за избегнување на одолговлекување на постапките.
Македонија
Утре променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер
Утре ќе биде променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи, засилен до силен ветер (над 70 кm/h) и услови за појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 17 до 23 степени.
Во Скопје, променливо облачно и нестабилно време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 21 степен.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Следува период на променливо облачно време со сончеви периоди во текот на денот. Локално ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Утре ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи, засилен до силен ветер (над 70 кm/h) и услови за појава на град. Во недела ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
Македонија
Савески- Палминтери: Италија подготвена да го зголеми нивото на поддршка за обвинителството
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Ненад Савески денеска оствари средба со италијанскиот амбасадор во земјава Паоло Палминтери.
Соработката на Јавното обвинителство со Република Италија е екстензивна, а Италија како еден од најсилните поддржувачи на Македонија во ЕУ е силно заинтересирана за областа владеење на правото.
Италијанскиот амбасадор пред државниот обвинител ги презентираше досегашните активности во таа насока, вклучувајќи ги и двата меѓуинституционални меморандуми за зголемување на ефикасноста на борбата против еколошкиот криминал и против кривичните дела против културното наследство, склучени со поддршка на Италија.
Воедно тие разговараа и за можностите за идни активности, како и за предизвиците со кои се соочува обвинителството поради недостигот на јавни обвинители и ресурси и за обврските од реформската агенда.
Савески и Палминтери се согласија дека од стабилноста и сигурноста на овој регион зависи и европската стабилност, бидејќи криминалните мрежи се поврзани меѓу себе.
Италијанскиот амбасадор ја изрази подготвеноста на Италија да го зголеми нивото на поддршка за обвинителството во следниот период, бидејќи клучните области од идните преговори на земјава за членство во ЕУ се однесуваат на поглавјата за владеење на правото.
