Македонија
Русковска на средба со францускиот амбасадор

Основниот јавен обвинител за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, имаше работен ручек со амбасадорот на Франција во Македонија, Сирил Бoмгартнер, и судијата за врска со седиште во Белград, Фредерик Дибост, која неодамна стапи на оваа функција.
На работниот ручек, кој беше во знак на запознавање, стана збор за надлежноста на судијата за врска при Амбасадата на Франција, кој нема судска функција, туку да ја олесни билатералната кривична и граѓанска судска соработка помеѓу Франција и земјите во нејзина јурисдикција – Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Република Кипар, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија.
Воедно, покрај прашањата поврзани со актуелните состојби во Обвинителството, беа разменети и информации за францускиот правосуден систем и за системот на земјите што се под нејзина јурисдикција, а беа понудени и можности за остварување соработка преку организација, анимација или поддршка за обуки и семинари, учество на размена и состаноци поврзани со кривично-правната материја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Силно невреме го зафати Кавадарци, паднати дрва, поплавени улици и подруми

Силно невреме проследено со интензивен пороен дожд, силен ветер и електрични празнења вечерва го зафати Кавадарци, пишува на социјалните мрежи градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев.
„Според првичните информации, до повикувачкиот центар во општината, се пристигнати дваесетина пријави за поплавени подрумски простории.
Екипи на ТППЕ Кавадарци, ЈП Комуналец и “Мој општинар” се на терен.
За половина час наврнале 40 литри/м2. На улица ,”Беласица” се отстранува паднато дрво од силниот ветер, а се расчистуваат и наноси од кал“, информира Јанчев.
Од силниот дожд вода има навлезено и во зградата на општина Кавадарци.
Од општина Кавадарци ги известуваат сите граѓани кои имаат
било каков проблем да се јават во Кол Центарот на општината на бројот 13 300.
За невремето информираат и од Центарот за управување со кризи.
„Вечерва подрачјето на Кавадарци го зафати невреме проследено со обилни врнежи на дожд. Од невремето поплавени се десетина подруми од куќи, како и средишниот дел од главната ул.7-ми Септември на која во моментот 3 екипи со механизација работат на расчистување, а за испумпување на водата од поплавените подруми на терен се екипи од пожарната од Кавадарци со 2 пумпи и екипа од Комуналец од Кавадарци со две пумпи“, стои во објавата на фејсбук од страна на ЦУК.
Македонија
На Богородица се чека околу 30 минути, на Табановце и Пелинце околу два часа

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
На ГП Богородица времето на чекање за излез од државата е околу половина час. На ГП Табановце и ГП Пелинце се чека околу 2 часа за влез и излез од државата. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од 09.08.2022 до 20.08.2022 на патниот правец раскрсница Маврово – Галичник Р- 2238 поради изведување градежни работи (асфалтирање) сообраќајот е во прекин помеѓу 10:00 и 16:00 часот. Работите се изведуваат само во работни денови.
Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица е отворен за сообраќај до 01.10.2022 за возила со вкупна маса до 3,5 тони.
Македонија
ДУИ: Охридскиот мировен договор ја спаси земјата од идеологиите на уништување и омраза

Демократската унија за интеграција по повод 21-годишнината од потпишувањето на Охридскиот мировен договор, оценува дека тој правен акт кој утврди вистинските вредности на демократијата во земјата и го отвори патот за непрекинатото партнерство со Соединетите Американски Држави и Европската Унија.
„Како политички субјект од своето формирање, ДУИ има примарен приоритет за континуирано спроведување на неговата содржина и денес можеме да констатираме дека прогресивната мисија и цел е целосно заокружена преку воспоставување на вредностите на еднаквост, консензуална демократија, социјална кохезија и зајакнување на мирниот соживот. Реалноста по 2001 година со факти зборува за забележителниот напредок, за правичната застапеност во институциите на државата, за официјалниот албански јазик, за непречената употреба на националните симболи, за универзитетите отворени на албански јазик и за сите ускратени права кои беа некаде пред 2001 година“, нагласуваат од ДУИ.
Во духот на Охридскиот мировен договор, успеавме, велат од таму, да го одржиме прозападниот курс на земјата, станавме дел од НАТО и успеавме да го започнеме процесот на интегративни преговори со Европската Унија.
Демократската унија за интеграција цени дека годишнините од Охридскиот договор им припаѓаат на сите граѓани бидејќи тој историски моментум ја спаси земјата од идеологиите на уништување и омраза, ја воспостави правдата што недостасуваше во земјата и го означи триумфот на вистинската кауза за еднаквост.