Македонија
Салиу по нападот од извршителката Јакимовска: Ме изгреба, физички ме нападна и ми го скина кабелот на микрофонот
Денеска беше физички нападнат новинарот Фуркан Салиу додека подготвувал сторија за извршителката Весна Јакимовска. Како што вели тој за Макфакс, извршителката го изгребала, физички го нападнала и го оштетила неговиот микрофон. „Ќе видите како реагира еден извршител кој си има работа со човечки судбини, ама овде изгледа работи како да ги уништи тие судбини„ рече Салиу во своето обраќање на „Фејсбук“.
„Во конкретниов случај Јакимовска сака да легализира нелегален објект и после да го извршува, иако имотот не е на име на човекот што должи. Едноставно отидовме да побараме одговор затоа што со недели ја бараме да ни даде изјава за да искочи пред нашата камера и одлучивме да отидеме таму каде што ќе извршува. Почнавме да ја прашуваме, зошто и како, кога го виде микрофонот изреагира како што изреагира, го скина кабелот на микрофонот и бевме приморани да викнеме полиција, зошто и микрофоните ни ги зема. Во полиција негираше, два микрофони земавме ама еден негираше дека е кај нејзе и не ни го врати. Додека бевме во полиција имаше големи притисоци, бараше од полицијата да ми се одземат снимките, но тоа не оди така. Не може полиција да ми одземе снимки. Мене ме изгреба, физички ме нападна и како што кажав, го оштети микрофонот“, вели Фуркан Салиу за Макфакс.
Како што додава Фуркан, за целиот случај има сведоци, инциденот е снимен и обвинителството треба посериозно да се занимава со Јакимовска. Очекува да види како ќе изреагира обвинителството и како ќе заврши целиот случај.
„Извршителката Јакимовска е позната во регионот на Гостивар и во Кичево и нејзиниот стил на работа, едноставно бира семејства кои што немаат политички грб, политичка моќ или пак други луѓе што ги поддржуваат, такви жртви бира. Имаше и случај кога извршува долг на трето лице, кое не е вмешано во случајот“, посочува Салиу.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осуди денешниот физички напад кон новинарот Фуркан Салиу од страна на извршителката од Кичево, Весна Јакимовска. ЗНМ веднаш стапи во комуникација со контакт точките во МВР и ОЈО поврзани со вакви случаи за да го следи случајот одблизу.
И самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници со огорченост ја прими информацијата за физички атак на извршителката Весна Јакимовска од Кичево врз колегата Фуркан Салиу од ПорталИкс.
„Особено веста за телесните повреди кај колегата и уништувањето на дел од нивната опрема при вршењето на новинарската секојдневна пракса не поттикнува да бараме итно разрешување на овој инцидент“, рекоа од ССНМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со силен ветер во југозападните делови
Времето денес ќе биде посвежо, преку денот променливо облачно со локални врнежи од дожд особено во западните и северните делови.
Ќе дува умерен ветер од западен до југозападен правец кој претежно во југозападните делови од земјата ќе е силен (над 70 км/час).
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 16 до 24 степени.
Во Скопје променливо облачно со сончеви периоди и услови за слаб краткотарен дожд во делови од котлината. Ќе дува слаб до умерен југозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 20 степени.
Во наредните денови следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. Температурите во следниот период ќе се задржат пониски, а кон средината на неделата наместа се очекуваат и пообилни врнежи.
Македонија
Формирано одделение за сериозен и сложен криминал во ОЈО
Во координација со Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје донесе дополнување на Годишниот распоред за работа на јавните обвинители во тоа обвинителство, со кое формираше посебно одделение за сериозен и сложен криминал.
Ова одделение ќе постапува по предмети за кривични дела за кои е пропишана казна доживотен затвор со поголем број обвинети и обем на докази, предмети во кои се спроведуваат финансиски истраги, сложени предмети со поголем број кривични дела, обвинети или обем на докази и предмети од исклучителен интерес на јавноста.
Со одделението формирано согласно член 15 и член 25 од Законот за јавното обвинителство ќе ракови јавниот обвинител во ОЈО Скопје Владимир Милошески, а покрај него се распоредени уште седум јавни обвинители од скопското обвинителство со повеќегодишно искуство во постапувањето против вакви кривични дела.
Oд Обвинителството информираа дека потребата од организациска промена во работата на Основното јавно обвинителство Скопје и формирањето на новото одделение се наметна поради забележаните состојби и приливот на предмети во текот на 2024 година, кои опфаќаат сериозни и сложени облици на криминал изразени преку неколку индикатори:
– Измените на Кривичниот законик, особено во однос на кривичното дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353, предизвикаа промени во однос на стварната надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поради што голем дел од предметите во претходна постапка за член 353 став 5 од КЗ се доставуваат на стварна и месна надлежност на ОЈО Скопје.
– Понатаму, земена е предвид измената на членот 98-а за проширена конфискација во истиот закон, што бара поинаква внатрешно – институционална поставеност и зголемен ангажман на јавните обвинители уште во предистражна постапка, заради навремени финансиски истраги
– При тековното предметно работење и следење на состојбите по однос на криминалитетот, забележани се облици на сериозен и сложен криминалитет, првенствено поврзани со кривични дела против животот и телото, кривични дела против здравјето на луѓето, кривични дела против службената должност и кривични дела против јавните финансии на територијата под надлежност на ОЈО Скопје. Главна одлика кај овие кривични дела е голем број инволвирани лица и правни субјекти, сложеност на дејствијата кои треба да се испитаат и утврдат и воедно да се детектираат во целина настапените штетни последици како законско обележје на кривичните дела. Имајќи предвид дека сторителите се почесто користат разни механизми за прикривање и на кривично – правните дејствија и на непосредната и посредната противправна имотна корист од казнивите поведенија, тоа ја усложнува истражувачката активност и бара дополнителни познавања и посебна посветеност на јавните обвинители за истражување и гонење на овие облици на криминал.
– Одделението со квалитативен и квантитативен капацитет за гонење на сериозен и сложен криминал треба да даде соодветен стимул и на правосудната полиција во нејзината откривачка функција, како и на сопствените истражителски капацитети во истражниот центар, преку ефективно насочување на дејствијата и мерките во предистражна постапка.
Се додава дека крајната цел на новоформираното одделение е адекватна кривично – правна заштита на граѓаните и ефикасен институционален одговор на сложените облици на кривични дела.
Македонија
Кабинетот на Сиљановска ќе побара објаснување од Радев за знамето
Реакции во земјава предизвика вчерашната фотографија од средбата меѓу претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и бугарскиот претседател, Румен Радев, во Софија, каде изостануваше македонското знаме.
Кабинетот на Сиљановска соопшти дека фотографирањето не било однапред предвидено и ќе побара објаснување од бугарската страна.
„Средбата и заедничкиот ручек поминаа во извонредно пријателска атмосфера, од пречекот до крајот. Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен. Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна“, велат од Кабинет на Давкова.
Претходно денес СДСМ ја опиша средбата како дипломатски дебакл. Од опозициската партија констатираа дека Сиљановска и министрите во Софија биле пречекани како претставници на некои локални бугарски клубови или општински институции, а не како меѓународни високи претставници на држава членка на НАТО и важен партнер на Бугарија.