Македонија
Сали-Кавахара: Јапонската поддршка клучна за реформите и развојот на Северна Македонија
Министерот за европски прашања и прв заменик претседател на Владата, Беким Сали, оствари средба со амбасадорката на Јапонија, Сецуко Кавахара.
На средбата беше ставен акцент на тековната развојна соработка меѓу Северна Македонија и Јапонија, како и на континуираната поддршка на Јапонија за реформските приоритети и социо-економскиот развој на државата.
Сали ја истакна посветеноста на Владата на испорака на конкретни резултати во рамки на Реформската агенда, со посебен фокус на јакнење на институционалните капацитети и подобрување на квалитетот на јавните услуги.
Соговорниците разговараа за спроведувањето на тековните проекти за техничка соработка, вклучително и иницијативите во областа на намалување на ризици од катастрофи, урбаниот транспорт, поддршката на малите и средни претпријатија и развојот на туризмот.
Беа разменети мислења и за новите проекти поврзани со ублажување на климатските промени во земјоделството и јакнењето на капацитетите за итен медицински одговор и подготвеност за кризни ситуации.
Сали изрази благодарност за долгогодишната поддршка на Јапонија преку официјалната развојна помош, вклучително и грантовите за мали проекти, кои имаат директни придобивки за локалните заедници во областите на образованието, здравството, заштитата на животната средина и јавните услуги.
Тој нагласи дека Министерството за европски прашања ќе продолжи со тесна соработка со Амбасадата на Јапонија и ЈИЦА, со цел ефикасна координација на развојната помош и усогласување со реформските приоритети и целите на процесот на европска интеграција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Ако Глигоров одбил 100 милиони долари за промена на името, Заев и Филипче да одговорат колку пари земале тие за продажбата на името“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Ако Kиро Глигоров одбил 100 милиони долари за промена на името на државата како што стои во документите на ЦИА, тогаш се поставува прашањето колку пари земале Зоран Заев и неговиот ученик и другар Венко Филипче за промената на името, поточно за завршување на таа работа. Прашањето следи логично по последните објави на документи на ЦИА“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Дополнително, има ситуација кога говори дека Зоран Заев и Венко Филипче по седумте години власт енормно и необјасниво многу се збогатиле.
Тоа се гледа од тоа што првиот купува удели во авио компании, а вториот има златна виза во Дубаи.
Ова логично прашање заслужува одговор од неколку аспекти. Прво, станува збор за прашање од важност за државата и граѓаните, второ, ако земале пари тоа се нелегални активности.
Граѓаните заслужуваат одговор на ова логично прашање кое се отвори по објава на документи на ЦИА во кои се вели дека Глигоров одбил понуда да земе пари. Значи ако Глигоров одбил, а истото прашање го затворија Заев и Филипче, тие треба да одговорат за колку пари сториле предавство“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Спротивно на националните интереси, власта на СДС, Филипче и Заев стана испостава на режимите на Путин и Лукашенко“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„СДС на Зоран Заев и Венко Филипче седум години на власт водеше антидржавна политика. За личните и бизнис интереси на Филипче и Заев, власта на СДС ги распродаваше националните интереси и ја стави под ризик стратешката ориентација на државата. Наместо про НАТО и про ЕУ ориентирана држава, СДС на Заев и Филипче Македонија ја претворија во хибриден режим и продолжеток на режимите на Владимир Путин и Александар Лукашенко“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Власта на СДС е позната по тоа што спротивно на националните интереси, издаваше македонски пасоши на белосветски наркобосови и криминалци, како што беше и државјанството на рускиот олигарх близок до Путин и осуден криминалец во Украина за перење пари и корупција, Александар Онишченко.
Но, давањето државјанства на светски криминалци не беше единствено што власта на СДС го правеше спротивно на државните интереси, туку и даваше милионски државни тендери на фирми на почесни конзули на држави блиски со руската политика, како што е Белорусија Борче Марковски.
СДС на Заев и Филипче на Марковски му доделиле милионски тендери, 141 на број за кои денес се наоѓа на обвинителна клупа. Од друга страна, пак, рускиот олигарх Онишченко избега од Украина поради перење пари и корупција, за да Македонија под тогашна власт на СДС, како многуте белосветски криминалци, и овој близок човек на Путин го прими со раширени раце.
Случајот со милионските тендери на Марковски и македонското државјанство на Онишченко, се слични по нивната природа, и во двата случаи постојат основани сомненија за коруптивни шеми.
Исто така, двајцата ликови се поврзани со луѓе блиски до Русија и тоа не води до заклучок, дека во времето на СДС, Заев и Филипче, спротивно на државните интереси, се негувале блиски односи со луѓе кои се поврзуваат со кругови блиски до Путин и Лукашенко.
Ваквата антидржавна и ненародна политика на СДС, Филипче и Заев која се води исклучиво од личните и бизнис интереси на поединци, треба да остане таму каде што е сега, во минатото. Време е за достоинствено водење на државата, со заштита на националните и стратешки интереси“, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Без струја денеска делови од Центар и Карпош
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од улицата Мирослав Крлежа, како и корисниците од улиците Наум Наумовски Борче, Антоние Грубишиќ и Орце Николов, општина Центар;
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од улицата Миле Поп Јорданов лоцирани во околината на хотел Гранит, општина Карпош.
