Македонија
Само 3 пациенти примени во ковид центрите во Скопје во последните 24 часа

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје има 3 нови хоспитализирани пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 57 лица сомнителни и потврдени за Ковид 19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка, информира министерството за здравство.
Во последното деноноќие, на Институтот за ТБЦ имало еден прием. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември исто така е примен еден пациент, и еден нов заболен е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во текот на вчерашниот ден.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 3 оздравени пациенти. Во ковид центарот на Институтот за ТБЦ се лекуваат 8 пациенти.
Во ГОБ 8 Септември има вкупно 18 болни, а на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби лежи 31 пациент.
Бројот на приеми во изминативе денови се намалува и утрово до 8 часот имало 88 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места, велат од МЗ.
Објаснуваат дека сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Каевски: Наместо проекти и решенија, градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ги задолжуваат општините

Масовна партизација, поскапи услуги за граѓаните и задолжување на општините, тоа е учинокот на градоначалницитена ВМРО-ДПМНЕ и шпицниот градоначалник Христијан Мицкоски за првите 16 месеци власт, истакна на денешната прес-конференција Дарко Каевски, портпарол на СДСМ и пратеник.
Наместо проекти и решенија за развој, градоначалниците и советничките групи од ВМРО-ДПМНЕ, вели Каевски, ги задолжуваат општините кои важат за едни од најбогатите и финансиски најстабилните.
„Градоначалникот на Гази Баба со обврзница од пет милиони евра ја задолжи општината без при тоа да биде наведено на кој рок ќе биде издадена обврзницата, без да биде наведено колкава е каматната стапка. Тој пример го следи и градоначалникот на општина Бутел, кој ќе издаде обврзница во вредност од два милиони евра или неверојатни 55 отсто од годишниот буџет на општината. Претходно постапка за издавање обврзница издаде и општина Аеродром предводена од Тимчо Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ, а обид за издавање имаше и општина Штип“, рече Каевски.
Според него, освен што овие обврзници се издаваат во период кога каматните стапки се значително високи, заедничко за сите обврзници е што тие ќе можат да бидат откупени од било кој приватен субјект.
Со тоа, оценува Каевски, се создава опасност, обврзниците да бидат купени од големи градежни компании и крупниот бизнис и потоа да можат да влијаат врз работата на градоначалниците, при носењето урбанистички планови или одредени тендерски постапки.
Појаснува дека ваквото масовно задолжување, лично го најави шпицниот градоначалник Мицкоски.
„16 месеци изминаа, а градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ не сработеа ништо. Потрошија милиони за партиски вработувања, за набавка на скапи мобилни телефони и компјутери, се испокараа за провизии и тендери, а интересите на граѓаните се целосно игнорирани. Локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ е најнеспособната и најнеуспешна локална власт досега“, посочи Каевски.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Наместо поддршка на Ахмети и Груби, Тупанчевски да воспостави европски вредности

„Ако министерот за правда и мој колега од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, редовен професор е мотивирачки да сме во друштвото на Суринам, Тунис и Индија наместо во Европската Унија, за мене тоа е девастирачки и понижувачки. Се надевам дека нашите студенти не ги воспитуваме и учиме на вредностите на Тунис, Суринам и Индија со сета почит кон тие држави, туку на вредностите кои што ги споделува Европската Унија“, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на прашање за коментар за Извештајот на „Транспаренси Интернешнл“.
Мицкоски додаде дека уште еднаш власта покажува политичка незрелост.
„Уште еднашка покажува политичка незрелост оваа Влада, и со тие позиции кои што ги рефлектира дополнително го обесхрабрува македонскиот народ. Ние сме држава со висока корупција, висок криминал за жал“, рече тој.
Нагласи дека единствена светла точка во државата се општините каде што градоначалници се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Не сакам да бидам обвинет дека ете за тоа ги форсирам општините каде што имаме градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, но помина доволно време за да можат граѓаните да оценат како работат кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, а како работи централната власт која што е практично раководена од Владата на ДУИ, а поддржана од СДСМ“, истакна Мицкоски.
„Така што јас би апелирал до мојот колега наместо да дава недвосмислена поддршка на Али Ахмети и Артан Груби, да се посвети малку и да ги воспитува студентите на европските вредности наместо да се споредуваме и да сме задоволни и да сме охрабрени со тоа што се наоѓаме во друштво на Суринам, Тунис и Индија“, укажа Мицкоски.
Македонија
Тупанчевски не негира дека ќе го сменат: Беше лиферувано дека министерството ќе биде ставено на берза

Министерот за правда, Никола Тупанчески не е загрижен доколку го сменат од функцијата, ниту негира дека тоа ќе се случи со влезот на Алијанса на Албанците во Владата. Тупанчески, смета дека брзата промена на министри не е решение. Тој ја извршуваше функцијата една година.
„ Беше лиферувано дека Министерството за правда ќе биде едно од министерствата кое ќе биде ставено на ‘Пазар 3’, фигуративно кажано, ќе биде на берза, во однос на одредени рокади, односно замени на министерските места. Апсолутно и јас како министер, но и Министерството за правда не сме оптоварени со овие работи. Јас кажав дека до последниот ден ќе го дадеме својот максимум. Ние сме министерство кое има резултати и замисла како да ги заокружиме претходните замисли за поддржување на ресурсите. Брзата промена на министри не сум сигурен дека претставува најдобро решение, но дефинитивни, не се зависни од Министерството за правда. Има фактори кои не се директно поврзани со Министерството за правда. Не постои оптовареност со развојот на настаните, но подготвени сме да одговориме на предизвиците“, посочува Тупанчески.
Со влезот на Алијанса за Албанците во Владата, ќе следува и реконструкција.