Македонија
Светскиот економски форум го избра министерот Тимчо Муцунски за млад глобален лидер за 2025 година

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, е избран за Млад глобален лидер (Young Global Leader – YGL) на Светскиот економски форум (World Economic Forum – WEF) за 2025 година. Ова престижно признание се доделува на исклучителни личности под 40 години кои демонстрирале извонредни лидерски способности и силна посветеност кон подобрување на состојбите во светот.
Форумот на млади глобални лидери претставува заедница посветена на обликување одговорни лидери кои активно придонесуваат за подобрување на глобалните околности. Секоја година, Светскиот економски форум, преку селекциски процес кој вклучува одлука на специјализирана комисија и консултации со бројни експерти, избира група од приближно 100 лидери под 40 години од целиот свет (од кои 10 се од Европа) кои го добиваат ова признание.
Самиот процес на избор вклучува строга селекција што ги зема предвид личните и професионалните достигнувања на кандидатите, како и нивната етичка посветеност и интегритет во работењето.
Изборот на министерот Муцунски во оваа престижна заедница претставува признание за неговите напори и постигнувања во областа на дипломатијата и меѓународните односи. Како министер за надворешни работи и надворешна трговија, тој игра значајна улога во промоцијата на европските вредности, регионалната соработка, човековите права и доброто владеење.
„Ми претставува особена чест што сум избран за еден од Младите глобални лидери за 2025 година од страна на Светскиот економски форум.
Да се биде препознаен како дел од успешна група лидери под 40 години – кои доаѓаат од политиката, економијата, академската заедница и граѓанското општество од целиот свет – претставува исклучителна привилегија, но и голема одговорност. Во време на глобални предизвици и динамични трансформации, лидерството мора да се темели на визија, интегритет, емпатија и посветеност кон долгорочни и одржливи решенија. Особено се радувам што ќе станам дел од оваа извонредна заедница на креатори на промени – заедно да учиме и да создаваме, со цел да изградиме поправеден и поотпорен свет“, истакна министерот Муцунски во својата видео-објава на социјалните мрежи.
Алумни-членови на оваа престижна група вклучуваат истакнати личности како што се Марк Закерберг – основач и извршен директор на Facebook, Емануел Макрон – претседател на Франција, Питер Тил – коосновач на PayPal и водечки инвеститор, Нико Розберг – поранешен шампион во Формула 1, Александар Стуб – претседател на Финска и Александар Де Кроо – поранешен премиер на Белгија.
Ова признание ја става нашата земја на мапата на глобалното лидерство и ја нагласува посветеноста на државата на развој, иновации и меѓународна соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Крадци корнат бисти од гробишта – по Бутел, бронзена биста украдена и во Ѓорче

Нов случај со кражба на бронзена биста од гробишта бил регистриран во полицијата во текот на вчерашниот ден.
Скопјанка пријавила попладнето дека од гробиштата во Ѓорче Петров со употреба на физичка сила била одземена една бронзена биста.
Само два дена претходно, истото се случи и на гробиштата во Бутел. Тогаш од МВР информираа дека со употреба на физичка сила и подесен алат биле одземени три бронзени бисти.
„Макфакс“ претходно објави и дека во текот на минатата седмица беше откорнатата плоча од споменикот на децата бегалци во паркот „Жена борец“ во Скопје. Украден е релјефот од бакар, мотив на мајка со три деца, прицврстен на постаментот, отстранети се и бронзените букви од натписот „Татковината – копнеж на прогонетите“
Од МВР велат дека се работи на расчистување на случаите.
Македонија
Дрво падна кај Млечен, оштетени три автомобили, скинати кабли од бандера

Дрво попладнево падна на улицата Анкарска кај популано именуваниот реон „Млечен ресторан“.
Паднатото дрво има оштетено три автомобили.
Од Центарот за управување со кризи, информираа дека полицијата е на лице место и настанот е пријавен во ЈП ,,Паркови и зеленило” за да го отстранат паднатото дрво од улицата.
Исто така, дрвото, при паѓањето, има скинато кабли од бандера.
Известени се надлежните институции за санација на скинатите и откачени кабли.
Фото: Илустрација
Македонија
Села му одговори на Таравари: Без доверба и чест нема ниту куќа, ниту врата

Едниот од лидерите на поделената Алијанса за Албанците, Зијадин Села, преку социјалните мрежи му одговори на неговиот поранешен сопартиец, Арбен Таравари за можноста за повторна соработка.
„Според албанската традиција и обичајното право, домот не е едноставно место каде што живееш, туку тоа е име и идентитет! Дали вратата или куќата е голема или мала го прави сопственикот на куќата. Честа, довербата, дадениот и одржан збор и мажественоста се атрибутите кои овој сопственик мора да ги има. А кога ги нема, тоа не се нарекува ниту куќа, ниту врата, а камоли голема“, се вели во објавата на Села.
Таравари претходно вчера рече дека кој сака е добредојден да им се придружи. Одговарајќи на новинарско прашање дали е можно повторно спојување со лидерот на другото крило од Алијанса за Албанците, Зијадин Села, тој изјави: „Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“.

„Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“ – Арбен Таравари
Алијансата за Албанците на Таравари одлучи на локалните избори да излезе со посебни листи за општински советници.