Македонија
СДСМ: Анѓушев се откажа од управувачките функции во компаниите, нема судир на интереси

Неточни се шпекулациите на ВМРО-ДПМНЕ за вицепремиерот Кочо Анѓушев. Вицепремиерот во целост го испочитува Законот за судир на интереси со стапување на функцијата и се откажа од управувачките функции во компаниите каде што има сопственост, во меѓувреме ја продаде компанијата ЕДС за да се избегне токму судирот на интереси, а целосно транспарентно го објави и анкетниот лист, реагира СДСМ на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека Фондот за иновации доделил финансиски средства на фирми на Анѓушев.
„ВМРО-ДПМНЕ шири лаги и за тендерот на Министерството за здравство. За конкретниот тендер се уште нема одлука и смешно е да се бара негово поништување, бидејќи тој сè уште не е доделен“, велат од СДСМ.
Од таму порачуваат ВМРО-ДПМНЕ да не крева паника неосновано. „Правилата важат подеднакво за сите, а доколку се утврди каква било неправилност или судир на интереси ќе следува ревизија на одлуките. Економските политики на Владата предводена од СДМ даваат реални резултати и тоа го гледаат сите, освен ВМРО-ДПМНЕ којашто останува заробена во матрицата на криминал, корупција и расипништво. Наместо да шири измислици и лажни, неосновани обвинувања, додека во позадина бара амнестија за криминалите, ВМРО-ДПМНЕ да одговори како и на кој начин стана најбогата партија во Европа со имот вреден 60 милиони евра додека Македонија тонеше во долгови. Јавноста многу добро знае како братучедот на Никола Груевски, Сашо Мијалков ја киднапираше целата македонска економија, како двоецот Јанакиески и Груевски договараа провизија од над 25 милиони евра за автопатите, како со милионски суми народни пари се поткупуваа и контролираа бројни медиуми“, велат од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ќе ја извршувам функцијата со должна почит и одговорност, рече Џафери кој ќе седне на премиерската фотелја 100 дена пред избори

Претседателот на Собранието од редовите на ДУИ, Талат Џафери, се огласи во јавноста откако партијата му ја даде довербата да биде технички премиер во период од 100 дена пред изборите, односно од 28 јануари до 8 мај.
„Ми претставува особена чест за доделената доверба од партиските органи и секако можам да кажам дека и оваа функција со должна почит и одговорност ќе биде спроведена од моја страна, како одговор на поддршката од партиските органи и граѓаните“, рече Џафери.
Именувањето на технички премиер кој во предизборниот период ќе дојде од редовите на ДУИ , беше дел од коалицискиот договор меѓу екслидерот на СДСМ, Зоран Заев и на Интегративците, Али Ахмети, а по изборите во 2020 година. На тие избори ДУИ водеше предизборна кампања повикувајќи ги граѓаните да го изберат првиот премиер Албанец.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: По дезертерот Ковачевски, доаѓа дезертерот од АРМ и деспот од Форино Талат Џафери, срам за Македонија

СДСМ забега со штетите кои ги предизвикува за Македонија. Ковачевски дезертирал од Армијата, правејќи се болен, само за да не ја отслужи својата обврска, исто како и неговиот наследник на местото технички премиер Талат Џафери, кој 2001-та од Армијата преминува во УЧК, реагира ВМРО-ДПМНЕ по одлуката на ДУИ, Џафери да биде премиер 100 дена пред избори.
„Деспотот од Форино ќе остане запаметен по неговите кршења на законот и процедурите и незаконскиот начин на кој беше поставен на тоа место. Тој одбиваше иницијативи за референдум ставајќи се во улога на врховен и уставен судија, потоа редеше европски знаменциња на сите штетни закони со кои оваа власт на ДУИ и СДС го крадеа народот и државата.
Исто така Талат Џафери ќе остане запаметен и по неуставното и незаконското донесување на законот за јазиците и редица други системски закони.
Сега јасно е зошто Ковачевски не се откажуваше од техничка влада. Дезертерот Ковачевски ќе биде заменет со нов дезертер Џафери“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Талат Џафери ќе биде технички премиер до изборите

Демократската унија за интеграција (ДУИ) на партискиот состанок одлучи актуелниот претседател на Собранието, Талат Џафери, да биде човекот кој ќе ја преземе функцијата технички премиер од 28 јануари до изборите на пролет.
На состанокот истовремено, Фатмир Бесими е избран за шеф на Централниот изборен штаб за изборите 2024. Се овластува претседателот на партијата да продолжи со разговорите со политичките партии и да одлучува за евентуални коалиции за претседателските и парламентарните избори.
Именувањето на технички премиер Албанец во предизборниот период беше дел од коалицискиот договор меѓу екслидерот на СДСМ, Зоран Заев и на ДУИ, Али Ахмети по изборите во 2020 година, откако ДУИ водеше предизборна кампања за премиер Албанец.
Неделава на лидерска средба беше договорено парламентарните избори да се оддржат на 8 мај.