Македонија
СДСМ: За една година ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски направија хаос во Скопје
Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ за една година направија хаос во Скопје. Го доведоа градот до колапс, со блокирани сообраќајници, нефункционални институции, а тие наместо да работат за граѓаните се караат за провизии и тендери, за тоа чии раце да бидат во медот. Од големите ветувања на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори и нивната кандидатка за градоначалничка Данела Арсовска нема ништо, се вели во соопштението од СДСМ.
Од партијата додаваат дека реализацијата на проектите за модерно Скопје е нула, а истовремено се запрени, прекинати, укинати започнатите проекти како Бас рапид транзит, реконструкцијата на Универзална сала, изградбата на мостот на Љубљанска, клучката кај Момин поток и ред други.
Со менаџерските способности на „најдобрата менаџерка во Европа“, како што Арсовска се самопрогласи пред една година и мнозинството во Советот од ВМРО-ДПМНЕ големото ветување за бесплатен јавен превоз се претвори во нефункционален јавен превоз и блокади по крстосниците, штрајк на приватните превозници, намалена фреквенција на линиите, преполни постојки и автобуси.
Од СДСМ додаваат дека нема еколошки автобуси, ЈСП тоне во долгови, им должи на приватните превозници 1,5 милиони евра, а истовремено склучува штетен договор со приватна компанија за купување гориво по цена повисока од реалната.
Скопје денес е киднапиран град на лажните ветувања на Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, кои за една година направија хаос во Скопје. Граѓаните не заслужуваат неодговорна и неспособна локална власт во Скопје, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сериозни пропусти во финансиското работење на Албанскиот театар утврдија ревизорите
Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност на Националната установа Албански театар – Скопје за 2024 година на сметката на основен буџет.
Во конечниот извештај, ревизорите изразиле неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики.
Ревизијата утврдила слабости во процесот на вршење попис на средствата и изворите на средства, како и дека не е воспоставена материјална евиденција за материјалните средства.
Дополнително, биле евидентирани градежни објекти без обезбеден акт за сопственост, како и материјални средства во подготовка и покрај обезбедено Одобрение за употреба и дадени препораки за пуштање во употреба на градежниот објект и опремата.
Во извештајот се наведува и дека не е дефиниран начинот на набавка, прием, издавање и задолжување со материјали и ситен инвентар, констатирани се слабости во начинот на регистрирање и евидентирање на полното работно време, како и намирување на обврски по проекти од минати години за кои не биле предвидени финансиски средства со тековниот Годишен план за работа.
Ревизијата дала препораки за надминување на утврдените состојби и подобрување на работењето на установата.
Во делот „Нагласување на прашања“ се посочуваат состојби поврзани со нерегулиран начин на користење на недвижни и движни ствари, функционирање на Управниот одбор без законски утврдениот број членови, внатрешната организација и систематизација на работните места, начинот на користење на паркинг-просторот наменет за публиката на театарот и судски постапки кои се во тек.
Во делот „Останати прашања“, ревизорите укажуваат на недефинирани механизми во Законот за културата за задолжително ангажирање на давателите на услуги во реализацијата на годишните програми за работа.
Во извештајот е наведено и дека во делот на внатрешните контроли не се донесени интерни процедури за значајни процеси во установата, не е систематизирано работно место за раководител на единицата за финансиски прашања и не се назначени лица за вршење на ex-ante и ex-post финансиска контрола.
Од Националната установа Албански театар – Скопје бил доставен допис во кој се наведува дека одговорното лице нема забелешки на Нацрт-извештајот на овластениот државен ревизор.
Македонија
Мицкоски: Треба да стиснеме заби и сами да го изградиме проектот Чебрен и Галиште
Државата е блиску до одлука самостојно да го гради проектот Чебрен и Галиште како државен, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се финансира проектот за хидроцентралата Чебрен и од каде би се обезбедиле околу 1,5 милијарди евра, колку што, според проценките, би чинела неговата реализација.
„Па јас вчера, во текот на брифингот, реков дека една од иницијативите која што ја имаме е сами, како држава, да го градиме, би рекол, целиот тој комплекс на централи на река Црна, над постоечката Тиквеш, во јавноста познат како проект Чебрен и Галиште. Направивме пресметки и цениме дека овој е стратешки проект, не само за Македонија како држава, туку и за регионот. До сега имаше многу неуспешни тендери, обиди за приватни партнерства, процеси поврзани со многу сомнежи“, рече Мицкоски.
Премиерот посочи доколку, како што рече, успееме да формираме синдикат на меѓународни финансиски институции, а разговорите се во таа насока, тогаш реално е да се очекува дека следната година ќе ставиме камен-темелник на овој историски проект.
„Има многу причини за кои верувам јас, и јас и колегите во Владата, и во компанијата АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ, дека треба да се обидеме, вака народски кажано, да стиснеме заби и да го изградиме сами овој проект. Имајќи ги предвид климатските промени, убеден сум дека не само на Македонија како држава, туку и во регионот, ќе им требаат два резервоари за питка вода. Токму тие се тие акумулации, таков тип на резервоари. Така што, производството на електрична енергија можеби и не е примарен предизвик, можеби е терцијален или четврт по ред, имајќи предвид дека под постоечката хидроцентрала Тиквеш се наводнуваат некаде околу шеесетина илјади хектари земјоделско земјиште“, рече Мицкоски.
Тој истакна дека ова е амбициозна најава, но не е невозможна и рече дека се многу блиску до конечна одлука самата држава да го гради овој проект.
Македонија
Со Клинички центар во близина на обиколницата, може да привлекуваме пациенти и од соседните држави, рече Мицкоски и најави почеток на активностите в година
Премиерот Христијан Мицскоки се осврна на плановите на Владата за изградба на нов клинички центар, коментирајќи дека може да се привлечат пациенти и од соседните држави.
„Сега сме фокусирани на завршување на процедурата на Клиничката болница Штип, студентскиот дом и Факултетот за медицински науки, Здравствениот дом во Кичево со проширена дејност и Клиничката болница во Тетово. Тука веќе имавме меѓународен повик за да најдеме финансиери и веќе имаме понуди кои се необрзувачки и индикативни, кои за нас се поволни и прифатливи. Овие проекти треба да ги завршиме, а логично е дека во меѓувреме размислуваме и за големиот клинички центар, кој би требало да се изгради во Скопје. Разгледуваме една локација пред базенот „Борис Трајковски“. Таа локација е на два булевари, пристап до гас, блиску до обиколницата. Тоа значи дека не само за главниот град и Македонија како држава, туку може и од соседните држави да привлекуваме пациенти кои ќе ги користат услугите на овој, како што е нашиот план, ултра модерен клинички центар“, рече премиерот Мицкоски.
Тој потенцираше дека таа парцела е приватна сопственост и се преговара со сопственикот за замена за земјиштето.
„Планот е под булеварот „Илинденска“ да се направи топол подземен премин, кој што ќе се поврзе со постоечката „8 Септември“. Тука се наоѓа и ПЕТ центарот кој, исто така, во моментов го развиваме и сето тоа е поврзано со поликлиниката „Букурешт“. Тоа значи дека овој проект ќе опфати целосен заокружен комплекс. Знаете дека имавме една голема инвестиција во болницата „8 Септември“, бевте присутни, видовте навистина најсовремена опрема која е единствена на Балканот. Тоа е нашата амбиција и откако ќе ја завршиме процедурата со овие претходни проекти, тоа ќе биде главниот фокус на нашите приоритети. Овој долго најавуван проект да го направиме каде што треба да биде и каде што ќе можат граѓаните да го користат“, истакна Мицкоски и дополни дека ако сè е според плановите, следната година би можеле да започнат првичните активности.
