Македонија
СДСМ: Кавгите на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски и на Данела не се веќе на грбот на скопјани
„Претседателот Ковачевски ја тргна блокадата, сообраќајниците во Скопје им се вратени на граѓаните, кавгите на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и на Данела Арсовска не се веќе на грбот на скопјани. Граѓаните на Скопје не заслжуваат преку нив да се наплатува неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски и на Арсовска“ соопштуваат од владејачкиот СДСМ.
Од таму порачуваат „деблокираните скопски улици се придобивка за граѓаните на Скопје. Очекуваме улиците да останат отворени и граѓаните да може да се движат слободно во главниот град. Во наредниот период сите засегнати страни, од Градот Скопје и превозниците, треба да седнат и да разговараат за изнаоѓање решение преку дијалог, без закани и НЕ врз грбот на граѓаните!“
„Граѓаните на Скопје плаќаа превисока цена со блокадите, само поради кавгите на Мицкоски и Арсовска. Се покажа дека ВМРО-ДПМНЕ е неспособна и деструктивна партија, која не може ниту најнормален дијалог да воспостави, а не да понуди некакво решение“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Невреме во Скопје и Куманово, утре попладне повторно пороен дожд и грмежи
Попладнево има развој на нестабилна облачност која започна најпрво во крајните северозападни и делови од источните предели во земјата, како и полошкиот регион. Нестабилноста во моментов продолжува со развој во Скопскиот и Кумановскиот регион каде има појава пороен дожд, засилен ветер појава на грмежи како и појава на град, соопшти УХМР.
До крајот на денот се очекува локално да продолжи развојот на нестабилната облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а наместа и можна појава на град.
Во текот на ноќта ќе преовладува променливо облачно време. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Времето утре ќе биде променливо облачно и топло со сончеви периоди. Во попладневните часови ќе има локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни со пообилен пороен дожд и услови за појава на град. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 17, а максималната ќе достигне од 25 до 31 степен.
Во Скопје, променливо облачно и топло со сончеви периоди. Попладне во делови од котлината ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 31 степен.
Денес и утре во попладневните часови времето ќе биде нестабилно со пороен дожд, ретки грмежи и засилен ветер. Утре процесите ќе бидат поинтензивни со пообилен пороен дожд, грмежи и услови за ретка појава на град.
Од четврток до почетокот на следната седмица времето ќе биде умерено облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, повремено и засилен ветер претежно од северен правец.
Македонија
Муцунски во Лондон на средба со шефицата на британската дипломатија, Ивет Купер
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Лондон оствари средба со државната секретарка за надворешни работи, Комонвелт и развој на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Ивет Купер.
„На средбата беше потврдена заедничката заложба за натамошно унапредување на стратешкото партнерство меѓу двете земји, како и за продлабочување на соработката во повеќе области од заемен интерес, со посебен акцент на економските односи, трговијата и инвестициите“, соопштија од Министерството.
Министерот Муцунски ја нагласил посветеноста на Владата кон спроведувањето на Договорот Влада со Влада, како и интересот за натамошни заеднички активности насочени кон привлекување британски инвестиции и дополнително зајакнување на економската соработка. Во таа насока, било разговарано и за следните чекори во развојот на стратешкиот дијалог меѓу двете земји.
На средбата станало збор и за Коридорите 8 и 10 како проекти од инфраструктурно и стратешко значење, при што соговорниците разговарале и за прашања поврзани со регионалната и европската стабилност и безбедност.
Притоа, тие размениле мислења и за важноста на соработката и партнерството во рамките на НАТО, актуелните глобални безбедносни предизвици, војната во Украина и состојбите на Блискиот Исток.
Македонија
Владата го изгласа пуштањето во употреба на „One Stop Shop“ со Албанија
Владата денеска го изгласа пуштањето во употреба на системот за заеднички гранични проверки „One Stop Shop“ со Албанија. Со ова се заокружува процесот на воспоставување на овој систем со трите соседни земји на кои не се дел од Шенген зоната, имајќи предвид дека истиот веќе функционира со Србија и Косово. За целосна финализација останува да се потпише договор меѓу двете министерства за внатрешни работи.
Портпаролката на Владата, Венера Азизи, изјави дека воведувањето на системот најпрво ќе започне на граничниот премин Ќафасан, а потоа ќе биде проширено и на останатите гранични премини со Албанија. Ова ќе овозможи поедноставно, побрзо и побезбедно преминување на државната граница, особено во летниот период кога значително се зголемува фреквенцијата на патници и кога во минатото граѓаните често укажуваа на долгите чекања на граничните премини.
Потребата од вакво решение најдобро ја потврдува фреквенцијата на патници на граничните премини со Албанија.
Во текот на 2025 година, на овие гранични премини биле регистрирани вкупно 4.581.724 патници, од кои дури 2.318.080 на граничниот премин Ќафасан. Овие бројки ја истакнуваат важноста од воведување на системот „One Stop Shop“, кој ќе овозможи побрз и поефикасен проток на патници и ќе придонесе за намалување на времето на чекање на границите.
