Македонија
СДСМ: Левица и Апасиев напаѓаат и дисквалификуваат граѓански организации, прекинуваат важни проекти

„Прекинувањето на соработката на Општина Карпош со граѓанска организација, нападите и дисквалификациите кон невладините организации од лидерот и членовите на партијата Левица, само покажува дека оваа партија не е ништо друго освен приврзок на ВМРО-ДПМНЕ.
Денес Левица предводена од Димитар Апасиев се однесува исто како ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски, а претходно од Никола Груевски.
Наместо да поддржат проекти кои им помагаат на ранливите категории граѓани, како оној на Општина Карпош и невладината организација ХЕРА, Левица заради исполнување на хировите на Апасиев исклучува граѓански организации од соработка и прекинува проекти во интерес на граѓаните.
Тоа не само што е удар врз демократијата и отвореноста на инситуциите, потсетува на некои минати времиња кога режимот вршеше хајка кон граѓански организации кои укажуваа на неправилности во работењето на институциите.
Лага е ставот на советничката во Советот на општина Карпош дека за конкретниот проект се трошеле пари од општинскиот буџет.
Како што информираа од невладината организација, ХЕРА не била корисник на финансиски средства од Општината Карпош за каква било активност или проект.
Откако влезе во советите, Левица секојдневно покажува дека е иста како ВМРО-ДПМНЕ, се однесува нечесно и неодговорно, работи на штета на граѓаните“.
Соопштение на СДСМ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ахмети го посети семејството на Хашим Тачи: „Ќе го пречекаме како победник на правдата кога ќе се врати“

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети на социјалните мрежи објави дека го посетил семејството на поранешниот косовски претседател Хашим Тачи, за, како што вели, да им даде срце и сила на неговите родители и роднини во битката за правдата.
„Нивниот син со пријателите го брани достоинството на ОВК. Правдата одложува, но не заборава. Гордо ќе го пречекаме Тачи со пријателите кога ќе се врати како победник на правдата“, напиша Ахмети на социјалните мрежи.
Хашим Тачи се изјасни за невин на судењето за воени злосторства на Косово, заедно со тројцата други членови на Главниот штаб на ОВК, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими, на судскиот процес што пред неколку месеци почна во Хаг по речиси тригодишна истрага и повеќе од 20 години од војната.
Тачи се соочува со 10 обвиненија за апсење, убивање и мачење на оние кои се сметале за непријатели, вклучително и Албанци, Срби и Роми, додека се обидувале да ја преземат власта за време на ослободителната војна во 1998-99 година.
Македонија
Димитров: Северна Македонија да го сфати важното место на историската комисија за пристапувањето во ЕУ

Република Северна Македонија треба да го сфати важното место што го има работата на Мешовитата бугарско-македонска историска комисија во процесот на пристапување на земјата во Европската унија. Ова за бугарската агенција БГНЕС го изјави професорот Ангел Димитров, копретседател на Мешовитата бугарско-македонска комисија за историски прашања.
Во изјавата тој оцени дека на досегашните бројни состаноци не се постигнати резултати.
Темата на која најдолго се задржале било изнајдувањето на заедничка позиција за претставувањето на Охридската архиепископија, но како што кажа Ангелов, за жал не успеале да се договорат, пренесе БГНЕС.
Македонија
Ковачевски се сретна со американската амбасадорка: Важно е сите политички партии да го поддржат европскиот пат

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, денеска имаше средба амбасадорката на САД во земјава, Анџела Прајс Агелер.
Kaко што соопштија од Владата, на состанокот станало збор за суштинските прашања во врска со напредокот на Северна Македонија во евроинтеграциите.
Реафирмирана е јасната порака на Соединетите Американски Држави, дека земјава по членството во НАТО, треба да стане членка и на ЕУ, за што, нашата држава има силна и конкретна поддршка од САД.
Нагласено е дека Северна Македонија е фактор на стабилноста и безбедноста во регионот и е посочено на важноста – сите политички партии во државата да го поддржат европскиот пат на државата.
Притоа, изразено е очекувањето дека сите политички лидери ќе го имаат предвид актуелниот контекст на случувања и дека во таа насока и ќе се носат и претстојните политички одлуки во Собранието.
На средбата со американската амбасадорка Агелер, како и при средбата на премиерот Ковачевски со сенаторот Крис Марфи во Скопје и на средбите со високите американски претставници Блинкен и Ескобар во САД, е потврдено искреното долгогодишно пријателство и успешното стратешко партнерство помеѓу Северна Македонија и САД, кое што се развива на принципите на доверба и разбирање.
„Како Влада, ја почитуваме добронамерноста на нашиот голем и стратешки партнер САД, како и на другите пријателски држави, членки на НАТО и ЕУ коишто нè поддржуваат во следниот исчекор во евроинтеграциите, којшто има одредувачка насока кон полноправното членство на нашата држава во ЕУ. Реално е очекувањето тоа да се случи до 2030 година и подготвени сме со уште посилен интензитет да работиме на потребните реформски процеси. Граѓаните заслужуваат да живеат во држава членка на Европа, со европски квалитет на живот и европска иднина за младите, во родната земја“, рече премиерот Ковачевски, на средбата со амбасадорката Агелер.