Македонија
СДСМ: Мицкоски стравува дека, по Груевски, тој е следен на црната листа на САД?

„Христијан Мицкоски молчи за фактот што САД на својата црна листа го ставија неговиот шеф и осуден криминалец во бегство, Никола Груевски.
Причината за овој потег сите ја знаеме и слушнавме и во бомбите, а тоа е вмешаноста на Груевски во многубројни случаи на корупција и криминал.
На црната листа на САД заедно со Груевски е и братучедот Сашо Мијалков.
Дали тишината, молкот на Мицкоски, можеби значи дека тој стравува оти, по Груевски, тој е следен на црната листа на САД како еден од соработниците на Никола Груевски, негова десна рака, негов советник, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ?
Овие сомневања дополнително ги поткрепува фактот што голем број блиски соработници на Груевски во 11-годишниот режим сега се блиски соработници на Мицкоски.
До денеска Мицкоски се нема оградено за целиот криминал на ВМРО-ДПМНЕ. Не слушнавме осуда за сторените дела, ниту згрозување ниту извинување кон граѓаните. Христијан Мицкоски, наместо повик за одговорност, останува на браникот на криминалот.
Во ВМРО-ДПМНЕ нема никаква промена, тоа е истата режимска и криминална партија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Интервју) Александар Николоски: Бројката што ќе излезе на големиот митинг ќе биде доволна порака до власта

Наместо дијалог на маса, ние добивме во најлоша смисла на зборот едно балканско мачовистичко одбивање на нашиот предлог и немаме друг избор, освен да го правиме ова што го правиме, а тоа се активни блокади во Собранието и голем сенароден протест на 18 јуни, вели Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, во интервју за „Макфакс“.
Најави дека ова ќе биде најголемиот протестен собир што е виден во Македонија во последната деценија.
„Секако дека ќе има и други чекори во следниот период, но главен фокус е големиот протестен митинг по кој јас очекувам дека, конечно, со власта ќе седнеме и ќе ги договориме работите за кои зборуваме, пред сѐ, за датум за предвремени избори“, вели Николоски.
Потенцира дека првпат со овој претседател на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ нема никаква комуникација.
Николоски во интервјуто нагласува дека не е оптимист за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ.
„Сега имам чувство дека Бугарија им служи само како изговор на неколку земји членки на ЕУ, пред сѐ, од помоќните, кои не се убедени дека Македонија треба да почне преговори со ЕУ. Да има друга одлука, еден дипломатски тешкаш ќе отиде во Софија и ќе си ја заврши работата. Тоа, од друга страна, покажува дека нема доволно притисок врз Бугарија“, оценува Николоски.
Појаснува дека идеjата на францускиот претседател Емануел Макрон за паралелна европска заедница е многу лоша.
„Идејата на Макрон за нас е многу лоша. Не е симпатично за Македонија да е во друштво на Косово, БиХ, Албанија, Србија, Молдавија, Грузија и на Украина“, рече Николоски.
За актуелните снимки од Собранието и однесувањето на собранискиот спикер Талат Џафери, за тактиките на помалите политички партии, дали се надминати минатото и расколот во ВМРО-ДПМНЕ, одговара потпретседателот на најголемата опозициска партија, Александар Николоски.
Македонија
Ковачевски: Власите се значајни учесници во севкупниот развој на нашата држава

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска прими делегација на заедницата на Власите од нашата земја, претставена преку членови на политички партии, граѓански здруженија, на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците, како и од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
На средбата во пресрет на претстојниот празник 23 Мај – Национален ден на Власите, претседателот на Демократскиот сојуз на Власите, Никола Бабовски, информира за подготовките на централната манифестација, со која ќе се одбележи празникот на влашката заедница во нашата земја.
Честитајќи го празникот во свое име и во име на Владата, премиерот Ковачевски го истакна придонесот на влашкиот народ во севкупниот развој на нашата држава и ги поддржа активностите на заедницата на Власите за зачувување и промовирање на својот сопствен јазик, култура и традиција.
Членовите на делегацијата на Власите го информираа премиерот Ковачевски за нивното активно учество во креирањето на стратегијата за едно општество и интеркултурализам, со концепт за програма за вклучување на изучувањето на влашкиот јазик и култура во одделни степени на образовниот систем, како и за нивните заложби да биде обновен Влашкиот етнофестивал.
Скопје
Улица во Старата скопска чаршија го доби името „Укшин Хоти“

Во Старата скопска чаршија денеска беше откриена таблата со новото име на улицата Укшин Хоти, која ќе го замени името на улицата Лазар Танев, а меѓу многуте гости беше и лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети.
„Оваа улица се наоѓа во едно од најубавите и најстари места на нашето Скопје и во срцето на Чаир – Старата чаршија“, изјави градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу. Тој потсети дека името на Укшин Хоти ќе го повторат илјадници туристи, кои секојдневно минуваат по оваа улица и доаѓаат од целиот свет.
„’Укшин Хоти’ е само едно од 66-те нови имиња со кои неодамна беа преименувани улиците на општина Чаир, меѓу кои има многу истакнати личности, кои ќе бидат траен белег и потсетување за сите нови генерации. Во оваа пригода сакам неизмерно да им се заблагодарам на сите соработници што помогнаа историскиот Чаир да биде со нови имиња“, рече Ганиу.
На откривањето на плочата со новото име на улицата Укшин Хоти присуствуваа и сестрата на Укшин Хоти, Мирвете Хоти, вицепремиерот Артан Груби, пратеници, претставници на институции, академици и граѓани.
По свеченото промовирање на улицата, во соработка со Општина Чаир, Државната агенција за архива на Косово и Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје, беше отворена изложбата „Направи или умри!“ посветена на животот и делото на Укшин Хоти.