Македонија
СДСМ: После 11 години изолација, Македонија конечно реди историски успеси
По единаесет години порази, Македонија реди историски успеси и граѓаните нема да дозволат деструктивни сили да ја закочат македонската иднина, се вели во ракцијата од владејачката СДСМ во однос на прес-конференцијата на Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.
„После 11 години изолација, поделби, деструкција и назадување заради криминалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, после 11 години порази на внатрешен и надворешен план, Македонија денес конечно реди историски успеси и победи. И покрај деструктивното и анти-државно однесување на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија одлучно оди напред по нејзиниот пат кон ЕУ и НАТО, пат што е точно определен“, се наведува во партиското соопштение.
Од СДСМ истакнуваат дека Македонија добива покана за полноправно членство во НАТО на следниот самит на Алијансата и додаваат дека веќе добила и датум за преговори со Европската унија.
„Тоа е остварување на стратешките интереси на Македонија и нејзините граѓани. Единствено ВМРО-ДПМНЕ не може да го прифати успехот на Македонија што е препознаен, признаен и вреднуван од целата јавност и целиот демократски свет. Му се допаѓало тоа на ВМРО-ДПМНЕ или не, времето на изолација, конфликти и поделби заврши. СДСМ, граѓаните и институциите нема да дозволат деструктивните сили да ја закочат македонската иднина. Македонија тргна напред и враќање назад нема“, стои во соопштението.
Од владејачката партија истакнуваат дека доколку ВМРО-ДПМНЕ навистина е за членство во ЕУ и НАТО тогаш ќе даде поддршка на Договорот со Грција кој, како што велат, го обезбедува идентитетот и ги остварува националните и државни интереси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во Софија на состанок на шефовите на дипломатиите од Југоисточна Европа
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, утре во Софија ќе учествува на Состанокот на министрите за надворешни работи на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), кој се одржува во рамки на бугарското претседавање со иницијативата.
Состанокот ќе биде посветен на одбележувањето на 30-годишнината од формирањето на ПСЈИЕ и ќе се одржи под мотото „Заеднички компас за стабилен, безбеден и одржлив регион – 30 години регионална сопственост и европска аспирација“.
Во фокусот на дискусиите ќе бидат европската перспектива на Југоисточна Европа, унапредувањето на регионалната соработка, зајакнувањето на безбедноста и отпорноста на регионот, како и продлабочувањето на економската интеграција, конкурентноста и поврзаноста во услови на актуелните геополитички предизвици.
ПСЈИЕ претставува највисок политички форум за регионална соработка во Југоисточна Европа и важна платформа за промовирање на добрососедските односи, политичкиот дијалог и европската интеграција на регионот.
Во рамки на состанокот се очекува да биде усвоена заедничка декларација со која ќе се потврди посветеноста на учесниците кон мирот, стабилноста, одржливиот развој, регионалната соработка и европската иднина на Југоисточна Европа.
Македонија
Незаконската наплата за влез во Куклица е симбол на нефункционалноста на државата, велат од Левица
Еден од најпознатите природни феномени во Македонија, локалитетот Куклица или „Камените кукли“, кај Кратово, повторно е во центарот на вниманието, откако граѓани објавија сведоштва за незаконска наплата за влез во локалитетот.
Според Левица, овој локалитет, заштитен како природна реткост и препознатлив симбол на македонското природно наследство со години е оставен на милост и немилост на самоволие, узурпација и институционална негрижа.
„За локалитетот и претходно има поднесени кривични пријави и реакции од граѓани, но нелегалната наплата за влез продолжува непречено. Доколку е точно дека дури ниту полицијата не успева да стави крај на ваквата практика, тогаш проблемот одамна престанал да биде локален инцидент и прераснал во симбол на нефункционалноста на државата“, велат од партијата.
Од Левица наведуваат дека Куклица не е обичен туристички локалитет, туку редок геолошки феномен со над 120 природно формирани камени столбови, место кое со децении се промовира како една од најпрепознатливите природни знаменитости на Македонија и кое претставува дел од нашиот национален идентитет и туристичка понуда.
Според партијата, прашање е како е можно државата да не може да воспостави ред на сопственото заштитено подрачје.
„Ако за еден локалитет од вакво значење институциите со години не можат да обезбедат законитост (а не е единствениот), тогаш каква порака испраќаме за заштитата на културното и природното наследство воопшто Особено загрижува фактот што често слушаме големи зборови за заштита на наследството, туризмот и промоцијата на природните богатства, но кога ќе дојде моментот да се заштити едно конкретно место, институциите остануваат неми. Наместо државата да биде гарант на јавниот интерес, впечатокот е дека се повлекува пред поединци кои со години воспоставуваат сопствени правила“, велат од Левица.
Според партијата, Куклица е тест за капацитетот на државата да го заштити она што самата го прогласила за вредност од јавен интерес.„ А кога еден од најпознатите природни феномени во Македонија станува пример за институционална немоќ, штетата е врз угледот на целата држава“, смета Левица.
фото/Depositphotos
Македонија
Цаневска – Арсовска: Орце не одговори од каде го најде Марјан Цветковски за директор на Фондацијата „Скопје – Град на културата“
Орце Георгиевски го гази деловникот и ја замолкнува опозицијата, наместо дебата – монолог во Советот, обвини координаторката на советничката група на СДСМ во Град Скопје, Катерина Цаневска – Арсовска.
„Она на што не сакаше да одговори Орце Георгиевски е од каде го најде Марјан Цветковски за нов директор на Фондацијата ‘Скопје – Град на културата’. Се работи за вечниот директор во Македонската радио-телевизија, кој 15 години беше директор и за кого имаше многу забелешки во работењето. Не сакаше да одговори ниту за непотизмот во Пожарникарската бригада. Потоа не сакаше да одговори за состојбите во Лајка. Зошто ретерираше од ставот за дивиот пешачки премин во Чаир?Исто така, не одговори конкретно ниту за понудената рака од СДСМ да му дадеме комплетна документација за да може Градот да конкурира за набавка на автобуси“, рече Цаневска – Арсовска.
Најверојатно не сака да одговори, додаде таа, бидејќи тука нема да може да има простор за трошење и злоупотреба на пари.
Цаневска – Арсовска, исто така, рече дека го добиле ребалансот на Буџетот со задоцнување, што, според неа, е кршење на Деловникот.
„Тоа беше и деловничко кршење во работата на Советот. И уште една работа – седницата повторно започнува со кршење на Деловникот. Наместо законските седум дена, материјалите за значајни точки, како што е ребалансот на Буџетот, ги добивме со задоцнување. Орце Георгиевски милува да каже дека тој е избран и дека тој одговара за работата на Советот. Да го потсетиме дека и ние сме избрани од граѓаните и одговараме пред граѓаните. Одговорноста не е само негова, туку и наша. Ние и понатаму ќе се бориме за интересите на граѓаните“, рече Цаневска – Арсовска.
