Македонија
(Видео) СДСМ: Почната е постапка за исклучување на Боро Стојчев од партијата, очекуваме и негова оставка

Во врска со градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев, којшто сега е вратен на функцијата, денеска од СДСМ изјавија дека е почната постапка за негово исклучување од партијата.
„Партијата го разреши Боро Стојчев од претседател на општинската организација на СДСМ во Ново Село. Започната е постапка за бришење за исклучување од партијата, бришење од евиденција, односно отчленување од СДСМ“, изјави Костадин Костадинов, пратеник од СДСМ и коалицијата, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој додаде дека СДСМ како одговорна и државотворна политичка партија се води од принципите на почитување на правото и на законите.
„Оттука го повикуваме Стојчев да си даде неотповиклива оставка од функцијата градоначалник на општина Ново Село. За нас, законите се закони и треба да бидат почитувани и од членството и од функционерите од која било политичка партија“, нагласи Костадинов.
Градоначалникот на Ново Село на 10 јули годинава, заедно со уште четири лица, беше фатен во обид да шверцува цигари во близина на македонско-бугарската граница. Тогаш беа запленети речиси 3 300 штеки цигари во вредност од над 3 милиони денари. Најпрво му беше изречена казна затвор од 18 месеци, но подоцна апелација во Штип му ја намали казната на 6 месеци.
Намалени беа и казните на неговите син и внук, кои исто така учествувале во шверцот на цигари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нерешено кај уставните судии за измените со кои на независните кандидати ќе им биде потешко да влезат во изборна трка

Уставниот суд не донесе одлука за предметот за оспорените членови на Изборниот законик (ИЗ) со кои се штитат од конкуренција големите партии, на штета на независните граѓански организации и групи избирачи. Согласно спротивставените размислувања на судиите, кои беа изнесени и во текот на седницата, но и при гласањето дојде до изедначување на гласовите, имајќи во предвид дека денеска на седница беа присутни 8 од вкупно 9 судии, информираа од Уставен.
Ова значи дека дискусијата е исцрпена за овој предмет, но, постапката и понатаму останува отворена, по што Судот во полн состав од 9 судии ќе гласа за предметот наредната седница.
Подносители на иницијативата се Лилјана Поповска, Ѓорѓи Танушев, Костадин Ристоманов, Стојанчо Велков, Невена Георгиевска, Татјана Стојановска, Дејан Димитровски, Драгана Велковска, Горјан Јовановски, Јана Белчева-Андреевска, Јане Димески преку полномошник адвокатска канцеларија Петрушева.
Подносителите сметаат дека со оспорените членови се прави измена на членовите 61 и 62 од Изборниот законик , кои се однесуваат на условите за поднесување листи на независни кандидати за пратеници, како и за членови на совети и градоначалници. Се тврди дека е драстично подигнат прагот за поднесување на независни граѓански листи на изобри на 1 % од гласачкото тело, што според нив предизвикува нееднаква положба на граѓаните при здружување во иницијативни групи за поднесување на независни листи за учество на изборите. Се наведува дека овие измени создале нееднаквост на граѓаните и дискриминација во корист на партиите, имајќи предвид дека секоја партија која исто така претставува група граѓани, може да поднесе листи со кандидати, а е регистрирана со 1000 гласачи. Дополнително, според подносителите спорно е што измените се донесени во нетранспарентна и скратена постапка, без претходни консултации и јавна расправа.
Македонија
Симулациска вежба на македонската и грчката полиција за прекугранична контролирана испорака

Директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи Александар Јанев денеска во Дојран присуствуваше на средбата по повод вчера одржаната симулациска вежба за прекугранична контролирана испорака, што во организација на мисијата на ОБСЕ во нашата земја беше реализирана од страна на македонските и на грчките полициски служби.
Симулациската вежба, во која што од македонска страна учествуваа полициски службеници од повеќе организациони единици при Министерството за внатрешни работи, примарно беше насочена кон надградба на оперативните механизми и протоколи за операции во рамки на граничната соработка, како и детектирање на областите за подобрување на интероперабилноста, споделувањето разузнавачки информации и друго.
Јанев го поздрави одржувањето на вежбата, констатирајќи дека меѓуграничната соработка на полициските служби на двете држави е важна како за натамошно подобрување на билатералната соработка, така и во поглед на градењето на заеднички европски систем во сферата на интегрираното гранично управување.
Македонија
(Видео) Цветановски: Продолжува голготата на онколошките паценти, не работи единствениот државен ПЕТ-скенер

Со месеци трае хаосот во македонското здравство поради неспособноста на Таравари и ДПМНЕ. Најпогодени се онколошките пациенти, чии животи се загрозени поради катастрофалниот менаџмент, вели Симона Цветановски, членка на извршниот одбор на СДСМ.
„Катастрофални услови, неизвесност, чекање, недостиг на кадар, голготата што ги засега пациентите од целата држава продолжува. Веќе со недели недостига биолошката терапија на Клиниката за онкологија, а сега еден месец не функционира ниту единствениот државен ПЕТ-скенер“.
Поради ова, како што наведува, пациенти од целата земја, чии терапии директно зависат од оваа дијагностичка процедура, се оставени без неопходното скенирање.
Според неа, наместо соодветен третман во јавното здравство, тие се принудени да бараат алтернативни решенија во приватните болници, каде што цените се екстремно високи, или во здравствени установи во регионот, што дополнително го зголемува нивниот финансиски и психолошки товар.
„Министерот Таравари и Владата на ДПМНЕ покажуваат целосна неспособност во управувањето со здравствениот систем, а цената за тоа ја плаќаат граѓаните и пациентите. За ова мора да има одговорност“, нагласува таа.
СДСМ бара одговорност од директорката Невена Маневска и од министерот за здравство, Арбен Таравари.
Министерството за здравство мора, додава Цветановски, веднаш да ја стави во функција дијагностичката апаратура и да обезбеди континуирано снабдување со неопходните терапии.
Граѓаните, како што оценува, не смее да бидат жртви на неспособноста и негрижата на оваа власт!