Македонија
СДСМ: Противпожарната бригада има гориво за уште неколку дена, загрижувачка е неспособноста на Арсовска

Секојдневно на виделина испливува неспособноста на Данела Арсовска. Според јавно достапните информации, Противпожарната бригада има гориво за уште една недела. Ваквата неодговорност е загрижувачка затоа што се работи за основен ресурс на еден од најважните сервиси на Градот, се вели во соопштението од СДСМ.
Од партијата додаваат дека во ваква ситуација може да дојде до попречување на редовното функционирање на противпожарната бригада, со што во опасност може да се доведат општата безбедност и здравјето на граѓаните.
Поради неспособноста на Арсовска, претходно Град Скопје остана без печатачи, а неколку дена граѓани на цели општини останаа без јавен превоз затоа што Град Скопје не им плаќаше на приватните автобуски превозници.
Скандали, неработа и неспособност, тоа ги одбележа првите седум месеци од мандатот на Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ.
Арсовска е, дефинитивно, најнеуспешниот градоначалник на град Скопје и едно од најголемите разочарувања за граѓаните, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Владата излажа, сепак историските прашања се предмет на договарања

Власта на Ковачевски бесрамно ги лажеше граѓаните дека историските прашања и теми не се дел од пристапниот процес на Македонија кон ЕУ. И како за многу работи така и за ова излажаа без око да им трепне.
Прво Ковачевски на 30 јуни убедуваше дека „Историските прашања не се дел од преговарачката рамка и тоа е содржано во овој предлог-документ(францускиот предлог)“. По него и министерот Османи на 2 јули излажа „Лага е дека историските и билатералните прашања се влезени во францускиот предлог“. Но, вистината е дека токму овие двајца излажаа, а по нив и сите останати функционери од СДСМ и ДУИ. Лажеа-сушеа се дури не дојде денот да се дознае вистината, за жал болна и тешка за Македонија. Историските прашања за жал се предмет на договарања и оваа власт за жал е страната која распродава историски личности и настани.
Брзо се покажа дека ВМРО-ДПМНЕ биле во право кога говореа дека Ковачевски и владата прифатија штетен предлог во кој обврските од Протоколот и историската комисија ќе доведат во ситуација државата или да се соочува со вечни преговори или со асимилација по бугарски диктат.
Историската комисија пред два дена објави пакет одлуки со кои неколку историски личности, Цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски се поврзуваат со средновековната бугарска држава, а дополнително за Македонија се предвидува минимализирање на конекциите со антиката на сметка на зголемено изучување на античките Дарданци и Тракијци.
Со ова безмалку целата средновековна историја на Македонија се поврза со средновековна Бугарија. Како тргнале Ковачевски и СДСМ во исполнување на бугарските желби за една година ќе ја ретушираат целата историја, па ќе остане после и нивните лични биографии да ги прилагодуваат на бугарските барања. Срамно и бедно. Оваа власт ја доведе Македонија во подредена положба. Оваа власт ги исплука сите оние кои се жртвуваа во нејзинито градење. Очигледно Ковачевски со Заев е во тесна трка кој е поверен следбеник на бугарскиот живковизам.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Табановце се чека околу 20-30 минути за влез во државата. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони.
Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сончево и топло со мала до умерена локална облачност

Сончево и топло со мала до умерена локална облачност и со слаб до умерен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 19 до 20, а максималната ќе достигне од 29 до 37 степени. УВ=8
Во Скопје, сончево и топло со мала локална облачност и со слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 34 степени.