Македонија
СДСМ: Скршнување од стратешките правци – Мицкоски и Стоилковиќ ја водат Македонија во изолација
„СДСМ со длабока загриженост ги следи контрадикторните сигнали што ги испраќа актуелната влада на премиерот Христијан Мицкоски. Додека официјално се изјавува дека Северна Македонија е стратешки партнер на Соединетите Американски Држави, во срцето на владата седи Иван Стоилковиќ, вицепремиер и најблизок соработник на Мицкоски, чии отворени проруски ставови и директни врски со Москва се сериозна закана за евроатланската ориентација на земјата“, велат од СДСМ.
„Ова не е само политичка хипокризија, ова е директно загрозување на националната безбедност и иднината на нашата земја во НАТО и ЕУ.
Уште полошо, самиот премиер Мицкоски, и покрај јавните изјави за стратешка соработка со САД, со своите постапки и блиски врски со српскиот претседател Александар Вучиќ, прави сѐ спротивно, водејќи ја Северна Македонија кон изолација слична на онаа во Србија, за да продолжи пљачката на државата и да се избегнат реформите.
Иван Стоилковиќ, со години е клучна фигура во руските обиди да го дестабилизира Балканот.
Уште во 2017 година, за време на политичката криза во нашата земја, Стоилковиќ патувал во Москва каде што, заедно со други балкански политичари, потпишал „Декларација за воена неутралност на Балканот“, документ поддржан од руски дипломати со јасна цел да се спречи пристапувањето во НАТО“, соопштуваат од СДСМ.
„Оваа посета била дел од поширокиот руски план да се осуети нашата интеграција во западните структури. Стоилковиќ бил активно вклучен во координацијата со српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ од БИА, кој очигледно дејствувал и по руски инструкции.
Живаљевиќ, според истражувањата на OCCRP (Organized Crime and Corruption Reporting Project) и македонските контраразузнувачки документи, дури престојувал во станот на Бранко Героски Геро, новинар и тогашен главен уредник на големи дневници (сега уредник и сопственик на Plusinfo.mk), кој е дел од мрежата на влијание поврзана со српските и руските интереси во регионот.
Оттаму и оркестрираниот напад врз СДСМ од страна на Героски, кој преку своите колумни и координација на активности со Деспотовски се обиде да го руши СДСМ одвнатре.
Неговата лојалност кон Москва не престанала ни по влезот на Северна Македонија во НАТО во 2020 година.
Напротив, Стоилковиќ отворено го критикувал влезот во Алијансата и се противел на Преспанскиот договор, клучен за решавање на спорот со Грција и отворање на патот кон НАТО и ЕУ.
Во мај 2023 година, присуствувал на „11. Меѓународен состанок на високи претставници за безбедносни прашања“ во Москва, организиран од Советот за безбедност на Руската Федерација.
Таму бил во друштво на Александар Вулин, тогашен директор на српската БИА и познат проруски политичар, како и Милорад Додик, претседател на Република Српска, кој повеќепати е обвинет за промоција на сецесионизам и блискост со Кремљ.
Овие средби не се случајни, тие претставуваат директен канал на руско влијание врз нашата влада.
Како најблизок соработник на премиерот Мицкоски, Стоилковиќ го промовира концептот „српски свет“ (критикуван во извештајот од Европскиот парламент), кој е тесно поврзан со руската геополитичка агенда на Балканот.
Идејата за „српски свет“ настанала уште во времето на Слободан Милошевиќ, а најдобар ученик на оваа доктрина е токму Александар Вучиќ.
Поддршката на Стоилковиќ и на владата на Македонија за Милорад Додик, особено вклучувајќи го присуството на Стоилковиќ на контроверзната прослава на „Денот на Република Српска“, од пред два дена, и покрај одлуката на Уставниот суд на БиХ, покажува нивна подготвеност за дестабилизација на регионот.
На прославата присуствувал Едвард Хусон, универзитетски професор и геополитички аналитичар.
Еве накратко за професорот, за граѓаните на Македонија…
Што се однесува до неговите анти-ЕУ ставови, Хусон е остар критичар на Европската унија, која ја гледа како потчинета на американските интереси и лишена од стратешка автономија.
Тој ја обвинува Европската комисија, особено Урсула фон дер Лајен, дека ги пречекорила своите овластувања со наметнување санкции кон Русија и дека текстот на санкциите е усогласен со Американците.
Хусон често ја критикува ЕУ поради поддршката за Украина, нарекувајќи ја „нео-фашистичка“ и обвинувајќи ја за хистерија кон Русија.
Ова не е само внатрешна политика, ова е директна поддршка на руските интереси, кои ги користат таквите врски за да ги ослабат НАТО и ЕУ на ниво на Западен Балкан.
Овие врски се протегаат до самиот премиер Мицкоски, кој длабоко ги развива односите со Вучиќ, гледајќи го како клучен регионален партнер, и покрај критиките од ЕУ упатени кон Вучиќ поради блискоста со Москва.
Мицкоски, иако јавно зборува за ЕУ интеграции, со своите постапки ја води Македонија кон изолација, слична на онаа што Вучиќ ја применува во Србија, избегнувајќи длабоки реформи (меѓу кои и реформите на правосудството) за да продолжи корупцијата и пљачката на државните ресурси.
Оваа изолација доаѓа од страв од новиот американски закон за Западен Балкан, кој подготвува задолжителни санкции за лидерите и бизнисмените во регионот вмешани во криминал, корупција и дестабилизација.
Наместо да се соочиме со овие предизвици преку реформи и приближување кон САД и ЕУ, Мицкоски и неговите соработници избираат пат на изолација, (како Вучиќ во Србија), за да ја зачуваат моќта и да продолжат со пљачката на државата.
На граѓаните на Македонија треба да им биде јасно дека Мицкоски ја враќа државата во времето на Груевски.
Оваа „тендер коалиција“ и влада што ја сочинуваат, е подготвена на сѐ (како што се „мигранти за пари“), за да останат на власт, со тоа штитејќи се себеси од одговорност пред лицето на правдата. Нашата иднина е во Европа и НАТО, а не во сенките на Кремљ. За нас Европа и НАТО немаат алтернатива!“, се наведува во соопштението на СДСМ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Касами: Собранието го разреши раководството на партијата, важен чекор кон спојување на ВЛЕН во еден субјект
Централното собрание на Движењето Беса со мнозинство гласови ја одобри одлуката за распуштање на Централното претседателство на Движењето Беса, во продолжение на процесот започнат за спојување на ВЛЕН во еден субјект, објави на социјалните мрежи лидерот на движењето Беса, Билал Касами.
„Собранието на Движењето оцени дека треба да се отвори патот за структурирање на ВЛЕН и ја донесе оваа одлука врз основа на мораториумот за партиски активности од страна на субјектите што го сочинуваат ВЛЕН.
Во оваа прилика, Собранието ме овласти мене како претседател да продолжам со разговорите за иднината на ВЛЕН, давајќи поддршка на спојувањето во еден субјект, со решение што го почитува принципот на правда и го слуша гласот и волјата на гласачите на ВЛЕН и сите Албанци“, соопшти Касами.
На состанокот на Собранието, како што вели, била дискутирана и работата на функционерите на Движењето Беса во Владата.
„Членовите на собранието ја поддржаа мојата изјава дека Беса има капацитет за многу повеќе работа отколку што е сработено досега.
Анализата на работата на функсионерите ќе продолжи во наредните денови, додека наодите ќе бидат одразени во идната реконструкција на Владата.
Движењето Беса верува дека позициите во Владата се средство за наша најдобра и најефикасна служба на сите граѓани, а особено на Албанците, и сите идни одлуки ќе бидат засновани на овој принцип“, додава Касами.
Македонија
Од утре Мицкоски во Минхен на безбедносната конференција: во фокусот, геополитичката стабилност и улогата на Македонија како столб на стабилност во Западен Балкан
Oд утре (петок) премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе биде во неколкудневна посета на Сојузна Република Германија, каде ќе присуствува на 62-та Минхенска безбедносна конференција.
Во рамки на конференцијата, Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со европски лидери, високи претставници како и челни луѓе на меѓународните безбедносни организации.
Во фокусот на разговорите ќе бидат геополитичката стабилност на регионот, нагласувајќи ја улогата на Македонија како столб на стабилноста во Западен Балкан и активен придонесувач во НАТО алијансата.
Исто така премиерот Мицкоски на средбите и состаноците ќе ја реафирмира позицијата на државата за неопходноста од предвидлив и фер пат кон полноправно членство во ЕУ, без наметнати билатерални пречки.
На маргините на конференцијата, предвидени се средби со високи претставници на Европската Унија како и со шефови на влади и држави.
Македонија
Филипче да каже зошто со Заев дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и кој и колку профитирал, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Филипче жестоко се обидува да го одбрани својот ментор Заев и поврзаноста на луѓето блиски до СДС во последниот скандал со запленетата марихуана, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче и кланот Заеви, Македонија ја претворија во Балкански „нарко-центар“, каде наместо медицинска се произведувала марихуана за црниот пазар. Запленетите 40 тони марихуана, директно водат до фирми блиски до Заев и Филипче.
Венко Филипче е без кредибилитет. Нема афера и скандал, а тој и Заев да не се вплеткани. Филипче и Заев се синоним за криминал, корупција, импровизации, нетранспарентни одлуки и контроверзи. Филипче е човекот кој го уништи здравствениот систем во државата“.
Македонија во време на владеењето на СДС, додаваат од владејачката партија, Зоран Заев и Венко Филипче, наместо строго контролирано производство на канабис за медицински цели, беше претворена во балкански нарко центар за шверц на марихуана на црниот пазар.
Според нив, факт е дека темелите на бизнисот за марихуана ги постави владата на Зоран Заев во 2020 година, додека Филипче беше министер за здравство.
„Владата на СДС делела лиценци на фирми поврзани со Зоран и Вице Заев, а резултат на тоа, денес се тони дрога и сериозни безбедносни последици за државата.
Факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев.
Медицинската марухуана била параван за организиран криминал во огромни размери“.
Прашуваат, зошто Заев лично се интересирал за случајот со петте тони марихуана запленети во Србија?
„Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале?
Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Одговорност мора да има“.

