Македонија
СДСМ: Сомнителен молк на Мицкоски за Груевски на црната листа на САД, има ли поврзаност со фирмата?

Само една недела по посетата на Христијан Мицкоски на Унгарија, САД објавија дека неговиот шеф Никола Груевски е ставен на црната листа. Нашите граѓани многу добро ги знаат причините поради оваа постапка, тоа е вмешаноста на Никола Груевски во криминал и корупција од невидени размери, се вели во соопштението од СДСМ.
Од партијата додаваат дека сето ова се случува во време кога Мицкоски оди во посета на Унгарија, а пратениците на ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште ги блокираат законите за Академијата за судии и обвинители. Се противеа на Законот за Јавното обвинителство, го блокираа изборот на нов јавен обвинител.
Оттука е и сомнителниот молк на Мицкоски.
Тој ниеднаш не се извини за криминалот на ВМРО-ДПМНЕ и неговите соработници ниту, пак, побара одговорност од сите за кои има пресуди, а се дел од неговата партија.
Целата јавност знае дека Христијан Мицкоски му бил советник на Груевски, а потоа и секретар на ВМРО-ДПМНЕ во време кога се правени сите овие криминали.
Мицкоски да излезе пред граѓаните и да одговори која е поврзаноста со унгарската компанија на Груевски, која се најде на црната листа на САД?
Што знаел за матните зделки на Никола Груевски и зошто молчи со години?
Дали стравува дека и тој може да се најде на црната листа, се вели во соопштението од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Османи во Киев на средба со Кулеба

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес e во работна посета на Киев, каде ќе оствари средба со својот хомолот, Дмитро Кулеба и други високи државни претставници на Украина. Предвидено е министрите да разговараат за руската воена агресија и начините како меѓународната заедница, вклучително и Северна Македонија можат да помогнат.
Во Киев Османи беше пречекан од македонскиот амбасадор, Крум Ефремов кој деновиве се врати во украинскиот главен град и заедно со останатите членови на дипломатската мисија продолжува да ја врши својата функција.
Македонија
СДСМ: Аферата „Криминални парцели“ води директно до Мицкоски

Криминалниот случај со препродажба на парцели во Делчевско за кои целата јавност беше информирана пред локалните избори конечно добива епилог. Кривични пријави се поднесени против седум лица, меѓу кои и функционери на ВМРО-ДПМНЕ и блиски соработници на Христијан Мицкоски, соопшти СДСМ.
„ Сите овие лица се под сомнение дека со однапред договорена зделка противправно се стекнале со 1,5 милиони евра. Аферата „Криминални парцели“ води директно до Мицкоски и Белиот дворец.
Апелираме до надлежните институции докрај да се расчисти овој криминал,а одговорните да бидат соодветно санкционирани. Одамна заврши времето на недопирливите за законот.
Денес пред законите сите се еднакви, секој кој сторил какво било криминално дело мора да одговара за своите постапки“ се наведува во соопштението.
Македонија
Денес сончево и многу топло, викендов пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде сончево и топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Попладне ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на невреме. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16, а максималната ќе достигне од 28 до 34 степени, јави УХМР.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Доцна попладне во делови од котлината ќе има краткотраен пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 32 степени.
Во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силни електрични празнења, силен ветер и појава на град. В недела дневната температура ќе се намали за неколку степени.