Македонија
СДС сервилна знае само за патлиџан дипломатија и предавнички политики, руските играчи се во СДС и оние кои му дадоа државјанство на Онишченко, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Тоа што геополитичките интереси на големите геополитички актери во даден момент се поклопиле со државните интереси на Македонија нема никаква врска со „државничка“ политика на СДС.
Бидејќи СДС-сервилна од дипломатија и меѓународни односи знае само за патлиџан дипломатија, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС сервилна знае само да ги распродава државните и национални интереси.
СДС на меѓународен план и екипата на Бујар Османи, Маричиќ, Ковачевски нема држава, настан или организација каде не ја понижија Македонија со сервилната и погубната дипломатија која ја водеа.
Руските играчи на македонската политичка сцена се СДС Заев и Филипче. Доказ за тоа е скандалот со доделување државјанство на рускиот државјанин Онишченко осуден за корупција и перење пари во Украина.
Надворешната политика што ја водеше СДС беше обележана со сервилност и отстапки на штета на државните и националните интереси“. Наместо, како што додаваат од владејаќката партија, цврста и достоинствена дипломатија, граѓаните беа сведоци на политики предавнички и недоволна заштита на националните позиции и интереси.
Државата, според нив, заслужува стратегија што ќе се темели на јасно дефинирани национални интереси, самопочит и партнерства изградени врз взаемна почит, а не на политика на постојани отстапки. Според ВМРО-ДПМНЕ, само преку конзистентна, достоинствена и принципиелна дипломатија може да се заштитат долгорочните интереси на Македонија и нејзините граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меџити: Започнува трансформацијата на Старата чаршија, инвестиција од околу 29 милиони денари
Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, го означи почетокот на работите за реконструкција и трансформација на Старата чаршија, една од како што велат од неговиот кабинет, најзначајните инфраструктурни интервенции во ова историско подрачје во последните децении.
Проектот опфаќа површина од 1.567 м² и предвидува реставрација на калдрмата со травертински камен, со што се зачувува историската автентичност на Чаршијата, како и целосна модернизација на подземната инфраструктура, вклучувајќи водовод, канализација, електрична мрежа и оптичка инфраструктура.
Интервенцијата вклучува и ново осветлување во традиционален стил, уредување на пешачките површини и поставување на урбана опрема, со што се создава функционален и атрактивен простор за граѓаните и посетителите.
„По повеќе од пет децении без сериозни интервенции, започнуваме вистинска трансформација на Старата чаршија. Ова е инвестиција што го враќа урбаниот достоинство, функционалноста и живоста на овој историски простор“, изјави Меџити.
Како што е соопштено, вкупната вредност на инвестицијата изнесува околу 29 милиони денари, со цел Чаршијата повторно да стане модерен, функционален простор со зачуван историски идентитет.
Македонија
(Видео) Мицкоски нема никакви очекувања за Груевски, но ако се врати веднаш ќе оди во затвор
Веднаш откога ќе се појави во земјава Никола Груевски ќе биде упатен на издржување на затворската казна, рече денес премиерот Христијан Мицкоски. Одговарајќи на новинарски прашања по свеченоста по повод 34 години Царинска у, премиерот Мицкоски рече дека нема никакви очекувања за Никола Груевски по смената на власта во Унгарија.
„Јас немам никакви очекувања, но доколку Никола Груевски се појави во Македонија, тој има правосилна пресуда и тој веднаш откога ќе се појави во Македонија, нормално, органите на редот ќе го обезбедат и ќе го упатат на издржување на затворска казна која што е согласно правосилна одлука. Ние сме Влада за која што сите закони важат и Влада која мора да ги почитува законите и институциите во државата, а нормално секое лице има право да ги користи институциите, да ги користи своите права, да поднесува жалби и така натаму. Ние како Влада имаме пред нас правосилна пресуда со која што лицето за кое вие говорите сега е упатено на отслужување на затворска казна. Дали ќе се врати и кога ќе се врати јас немам такви очекувања“, рече премиерот Мицкоски.
Тој ја искористи можноста и преку медиумите му ја честиташе победата на Петар Маѓар. Нагласи дека со досегашниот премиер соработката беше „исклучително блиска и непосредна“, а поддршка очекува и од новиот премиер.
„Политиките кои тој ќе ги води очекувам да бидат проевропски, проинтегративни и очекувам бескомпромисна поддршка за интеграцијата на регионот, вклучително и нашата држава во рамките на Европската Унија. Специфичните политики вклучително и прашањето со поранешниот претседател на Владата Никола Груевски се одлука на унгарската Влада така што јас не би имал што да кажам. Екстрадиција е побарана уште во 2018 година, а е одбиена во 2019 година од страна на унгарските власти. Од она со кое сум запознаен постои процедура доколку лицето има право на азил поради определени причини и мислам за повеќе детали да се обратите до Министерството за правда. Јас не сум министер за правда, јас сум претседател на Влада“, рече денес премиерот Мицкоски.
Мандатарот за состав на новата Влада во Унгарија, Маѓар, кажа дека нема да обезбедува засолниште на лица кои се барани од правосудните органи во други држави, а опозициската СДСМ веќе побара од власта да поднесе ново барање за екстрадиција на Груевски.
Македонија
Вежбата „Блесок 26“ ќе се изведува на повеќе локации во државата
По повод отпочнувањето на активностите за вежбата „БЛЕСОК 26“ (Б-26), која ќе се изведува на повеќе локации во државата во периодот од 19 до 27 април 2026 година, денес во Генералштабот на Армијата се одржа брифинг за претставниците на медиумите.
На брифингот присуствуваа: началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, командантот на Командата за операции (КО) бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, директорот на вежбата полковник Игор Арсовски, портпаролот на ГШ на Армијата и дел од клучниот персонал од ГШ на Армијата и КО, кој е вклучен во процесот на планирање и подготовка на вежбата.
Началникот на Генералштабот истакна дека оценувањето на Лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ), кое ќе се реализира во рамките на оваа вежба, претставува кулминација на долгогодишната подготовка на најголемиот и најважниот НАТО капацитет – ЛПБГ, кој го развиваме уште пред зачленувањето на нашата држава во НАТО.
Од страна на полковникот Арсовски беа презентирани најважните информации за видот, целите, активностите и учесниците на вежбата, како и можностите за медиумско презентирање на активностите во текот на изведувањето на вежбата.
Вежбата „БЛЕСОК 26“ претставува продолжение на серијалот вежби „Македонски Блесок“ и е значаен сегмент во процесот на оценување на Лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ), единица која е дел од пакетот на НАТО цели на способности. Главна цел на вежбата е оценување на нивото на борбената подготвеност на ЛПБГ, како НАТО цел на способност.
На истата ќе учествуваат околу 1500 припадници од Армијата на Република Северна Македонија, НАТО монитори и тим набљудувачи од Мултинационалните копнени сили (Multinational Land Forces – MLF).
