Македонија
Се одложи судењето за убиството на бездомното куче Феликс, активистите в недела излегуваат на протест

Се одложи судското рочиште за свирепото убиство на бездомното куче Феликс. Поради тоа, актвистите за заштита на правата на животните повикаа на мирен протестен марш, што ќе се одржи на 15 јуни (недела), со почеток во 12 часот, пред Министерството за внатрешни работи.
„Судот немаше друг избор почитувајќи го начелото на правичност, освен да ја одложи главната расправа поради наводни здравствени причини на бранителот на обвинетиот, токму во момент кога требаше да се произнесе одбраната. Случајност или сепак не?“, велат од граѓанската иницијатива ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД, која е организатор на протестот.
„Вчера, требаше да сведочи Злате Димески, предложен од одбраната и присутен на самото место на убиството. Злате Димески го донесе стапот со кој беше убиен Феликс и на видеоснимките се гледа како немо набљудува со рацете зад грбот додека Феликс беше немилосрдно претепуван и, за жал, подоцна им подлегна на повредите“, се наведува во соопштението.
Давањето можност убиецот да го брани лице што со право може да се смета за соучесник – нем набљудувач, кој не само што во ниеден момент не се обиде да го спречи насилството врз недолжно животно туку тој е оној што го обезбеди оружјето за извршување на убиството, според „Зелен хуман град“, претставува дополнителна неправда и болно извртување на правото на фер судење.
„До кога ќе ја чекаме правдата за Феликс имајќи ги предвид сите одложувања, годишни одмори, судска ферија? Ќе ја добиеме ли воопшто?“, прашуваат од здружението.
На протестот ќе побараат итно расчистување на случајот и максимална затворска казна за сторителот Љубе Крстевски, како и за неговиот соучесник Бранко Билбиловски, воведување минимум од 1 година задолжителна затворска казна за кривичното дело убиство и мачење животни од Кривичниот законик, формирање локални (општински служби за заштита на животните), донесување закон за комунална полиција (со полиција за животни), превентивни мерки за редуцирање на насилството врз животните и системска едукација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Успешна спасувачка акција на Пелистер

По пријава на повредено лице од страна на граѓанин преку телефонскиот број за итни повици 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побара организирано извлекување со хеликоптер на планинар од Велес, кој се здобил со повреда на Пелистер планина, во близина на Битола.
Во 12:30 часот успешно интервенираа припадници на Министерството за внатрешни работи, со хеликоптер и специјалната единица „Тигар“. Повреденото лице беше извлечено и безбедно транспортирано до Градскиот стадион во Битола, каде што беше преземено од екипа на Итната медицинска помош – Битола, и пренесено во Клиничката болница Битола, на Одделот за ортопедија.
Лицето во текот на целата акција било свесно и во контакт со спасувачките служби, велат од ЦУК.
Македонија
(Видео) Лефков: Структури од СДС делуваат со бугарската антимакедонска пропаганда

До нас стигнаа информации кои укажуваат на јасна поврзаност на бугарската антимакедонска пропаганда и политички структури поврзани до и од СДС, кажа денеска на прес-конференција, Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Лефков истакна дека „според тие сознанија, постои целосна поврзаност и соработка кон негирање на македонскиот идентитет и јазик, и напад на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски, кои се единствена брана за македонските интереси“.
„Информациите говорат дека одредени кругови во СДС и блиски до нив, се целосно финансирани од бугарски фондови, а до цел оркестрирано измислување и ширење на лаги и конструкции за политичари од ВМРО-ДПМНЕ и државниот врв. Ова што го зборуваме, многу јасно се гледа и од брзината со која фабрикациите за ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Мицкоски од бугарските медиуми, се шират во македонскиот етер од структури блиски до СДС. Како поткрепа на оваа антимакедонска пропаганда, стои Венко Филипче и неговата скриена за јавноста позиција, дека ќе прифати внесување на Бугарите во Уставот, без било какви барања“, кажа Лефков.
Според него, „целта на целиот напад и акцијата е да се нанесе штета на ВМРО-ДПМНЕ, а во игра се и пари“.
„СДС се обидува да се наметне како фактор во целиот процес, од кој подоцна би зависела надворешната политика на државата. Ваквата пропаганда покажува само едно, а тоа е дека СДС нема намера да се наметне со програма на избори, туку својата безидејност ја заменува со распродажба на македонските интереси, обидувајќи се да одигра на страната на Бугарија“, рече пратеникот Лефков.
Македонија
(Видео) Кузеска: Тошковски кога ќе порасне сака да биде како Груевски – со партиска милиција под своја контрола

Очигледно министерот Панче Тошковски оди по стапките на својот идол – Никола Груевски и делува како негов партиски клон, рече денеска на прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Според неа, „со предлог законските измени кои Тошковски ги предлага во Законот за полиција, тој готви партиска милиција на ВМРО-ДПМНЕ под негова контрола“.
„Наместо модерна, професионална, европска полиција – Тошковски го претвора Министерството за внатрешни работи во пара-полициски апарат на ВМРО-ДПМНЕ. Ова не е реформа, ова е отворање на вратите за криминалци, послушници и партиски војници.
Ова е рецепт за полициска држава! Законот за измени на Законот за полиција што го предлага Тошковски е опасен за целиот безбедносен систем, антиевропски и длабоко корумпиран обид за партизација на полицијата, елиминација на кариерниот систем и уривање на безбедносниот поредок“, вели Кузеска.
Таа рече дека „наместо полиција што штити граѓани, Тошковски прави партиска милиција што штити криминалци“.
„Бараме итно повлекување на законот, прекин на узурпацијата на МВР и отворање јавна дебата за департизација на полицијата. Полицијата мора да биде сервис на граѓаните, не оружје во рацете на партиската мафија. Ова не е политичка борба – ова е борба за безбедност, за државата и за правото! Македонија не смее да си дозволи нова верзија на режимот на Груевски, со Тошковски во улога на негов партиски клон“, кажа Кузеска.