Македонија
Силјановска-Давкова очекува судот и Обвинителството да постапaт по црната листа на САД
Лицата што се нашле на црната листа на САД не треба да продолжат со редовни активности, смета претседателката Гордана Силјановска-Давкова откако на црната листа на САД осамнаа имињата на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и на судијата Енвер Беџети. Тие се означени дека биле вклучени во значителна корупција со прифаќање мито за нарушување на судските процеси поврзани со кривичното осудување на Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК, соопшти Стејт департментот.
Силјановска-Давкова смета дека ако јавните обвинители постапуваат по допрен глас, тогаш треба да постапуваат и по случајот со црната листа бидејќи со тоа САД испратиле јасна порака, а во случајот тоа е поткрепено со факти и докази.
„Во меѓународното право и во меѓусебните односи постојат начини да се дојде до тие докази и да се почне постапка тука бидејќи во спротивно ние не рагираме кога мора да реагираме и со тоа го толелираме беззаконието. Очекувам судот, т.е. јавниот обвинител да почне да постапува“, изјави Давкова.
Претседателката дополнително како загрижувачки момент го истакна и тоа што на листата на САД се најде и името на судија од Македонија бидејќи, како што рече, судот треба да биде синоним за почитување на правото и правдата.
„Чинам дека неправдата и владеењето на присилни луѓе ги направиле сите институции слаби и во тој случај потребни се во духот на оценската мисија итни чекори и реформи во сите органи“, рече Давкова додавајќи дека треба да се размисли дали во текот на годините е креиран партизиран судски систем.
Според неа, треба да се тргне не само од конкретниот случај, туку да се види и како сите во судскиот систем се нашле на определени позиции. Давкова вели дека најголемиот дел од вината лежи во двата најважни органа – Судскиот совет и Советот на јавните обвинители, кои треба да бидат чуварот и филтерот на независноста на судството.
Во врска со одлучувањето на Уставниот суд за Законот на јазиците, претседателката рече дека нивните одлуки се конечни и лидерите на партиите и политичарите треба да се воздржат од коментари. Најмалку што може да сторат е да го остават Уставниот суд да си работи во согласност со Уставот и Деловникот, заклучи Давкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Врнежи од снег низ целата држава, забрана за тешки товарни возила на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенцијата на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат. Врнежи од снег со променлив интензитет во утринските часови се бележат низ целата држава.
Од 05:45 часот тешките товарни возила поради врнежи од снег превентивно ќе се пренасочуваат од автопат А1 кај клучка Демир Капија до Смоквица по регионалниот патен правец (стариот пат) Р1102.
Активни забрани за тешките товарни возила:
· Гостивар – Маврово – Дебар
· Гостивар – Стража – Кичево
· Пресека
· Плетвар
· Ѓавато
· Струга – г.п. Ќафасан
· Тетово – Попова Шапка (за останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема)
· Струмица – Берово
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно и студено со повремени врнежи од снег
Времето денеска ќе биде претежно облачно и студено со повремени врнежи од снег со слаб до умерен интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од -3 до 3 степени.
Во Скопје претежно облачно и студено со повремен снег со послаб интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 2 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе провејува слаб снег и ќе дува слаб до умерен северен ветер. Утринските температури насекаде ќе бидат негативни, а и дневните наместа ќе се задржат под нула. Потоа во следните денови ќе преовладува стабилно и натаму студено време, со ниски утринските температури кои поради разведрувањето дополнително ќе опаднат и наместа ќе се спуштат под -10 степени.
Скопје
Без вода дел од Центар
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација – Скопје, информира дека поради уличен дефект на водоводна мрежа со пречник од ф-80мм на улицата Партениј Зографски бр 23, без вода ќе останат корисниците од дел од истата улица во општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на интервенцијата.