Македонија
(Видео) Силјановска: Уставниот суд да собере сила и да каже дека прашањето за името е нејасно и неуставно
Крајно време е Уставниот суд на Република Македонија да собере сила и да рече дека прашањето за промена на името на референдумот е неуставно, нејасно и непрецизно, рече професорката по Уставно право, Гордана Силјановска на денешната трибина „Договорот меѓу Грција и „втората страна“: Пандорина кутија или излез од лавиринтот, која се одржа на Филозофскиот факултет во Скопје.
Таа исто така во своето излагање имаше конкретни забелешки за договорот кој е потпишан со соседна Грција и целокупниот повеќе децениски проблем помеѓу двете земји.
„Никаде во Преспанскиот договор не пишува што ќе се менува во Преамбулата, никаде не пишува во што се состои промената на членовите 3 и 49. Роман од 20 страници не може да реши прашање какво што е ова за името. Уште во насловот се гледа дека наместо да се преговара за разликите за името, се преговара и се регулира историјата, македонскиот идентитет, меморија, уставниот и политичкиот систем, културата. Во правото за ваквите договори велиме дека се октруирани односно наметнати решенија, рече Силјановска.
Според професорката, ниту македонската ниту пак грчката страна не се способни сами да изнајдат решение за проблемот со името, туку ова е спроведено од некоја голема надворешна сила, идентично со Рамковниот и Дејтонскиот договор.
„Кога ќе ги споредите решенијата со оној во Рамковиниот и Дејтонскиот договор ќе видите многу слични решенија затоа што Стејт билдерот е ист. Ова води кон бездушна држава затоа што странците се креаторите. Убедена сум дека еден ден ќе слушнеме кој е творец на овој договор, но јасно е дека грчкиот и македонскиот преговарач не се во хотлајн, тие и да сакале не би можеле да се договорат. Ова е уште еден глобализациски инструмент кој нема за намера да го реши измислениот проблем меѓу Македонија и Грција. Судбина ни било да сме на линијата на огнот, рече Силјановска. Според Силјановска во сите наброени конвенции на кои се темели Преспанскиот договор, се прекшени, посебно членот 4 од повелбата во кој вели дека ниту една држава која аплицира за членство во ЕУ не може да се бараат дополнителни критериуми.
„Преспанското езеро беше спектакл демократија, видеократија, идиократија во која учествуваа и претставници на Обединетите нации и ЕУ. Името на една држава е инхерентен елемент на правото на самоопределување, а правото на самоопределување е темелот на Обединетите нации и Унијата“, рече Силјановска по што додаде дека се што е напишано во договорот е директно мешање во внатрешните работи на една суверена држава.
„Идентитетските прашања не можат да бидат предмет на меѓународен договор, тоа е право на секоја нација па и на македонската. Придавката значи негирање на идентитетот. Тоа што се вели дека термините Македонија и македонски имаат значење врзано за сопствената сеанонимна историја апсолутно ништо не значи, до придавките е. Толкувањето за националноста Македонец/Државјанин на Република Северна Македонија е непознат феномен, ако се признава нешто тогаш треба да е како за сите, Грк, Французин“, вели Силјановска.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Работилница на ЗНАМ и ИФЕС: Спречување на насилство врз жените во политичкиот живот
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, во соработка со Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), организираше еднодневна работилница на тема „Одговорна, инклузивна и резистентна организација: Справување со насилството врз жените во политиката“.
Работилницата обедини претставници од скопските општински организации, со цел зајакнување на капацитетите за препознавање, превенција и справување со различните форми на насилство врз жените во политичкиот живот.
Учесниците имаа можност да разменат искуства и практики, како и да дискутираат за унапредување на внатрепартиските механизми за заштита, поддршка и промоција на родовата еднаквост.
На работилницата се обрати Мирослав Лабудовиќ, претседател на Градската организација на ЗНАМ, кој ја истакна важноста од системски пристап во справувањето со насилството врз жените во политиката и потребата од континуирано јакнење на организациските капацитети. Обучувач на настанот беше Каролина Леаковиќ, меѓународна консултантка за родова и социјална инклузија, која преку интерактивен пристап ги презентираше современите стандарди и алатки за градење инклузивни и отпорни политички организации.
Македонија
Филипче-Санчез: Прогресивните сили мора да дејствуваат заеднички
Претсеседателот на СДСМ, Венко Филипче, во рамки на конференцијата во Барселона, организирана од Партија на европски социјалисти (ПЕС), имаше кратка и пријателска средба со премиерот на Шпанија, Педро Санчез.
На средбата Филипче и Санчез разговараа за актуелните предизвици со кои се соочуваат прогресивните сили во Европа и потребата од силна соработка, солидарност и заеднички одговори во време на неизвесност.
„Ваквите контакти се важни за зајакнување на позицијата на нашата земја и за градење партнерства со лидери кои споделуваат исти вредности – социјална правда, економски развој и европска иднина”, вели Филипче во објавата на социјалните мрежи.
Македонија
Балканската платформа за мир како форум за конкретни резултати, порача Муцунски во Анталија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска, на покана на неговиот турски домаќин, Хакан Фидан, учествуваше на 3-тиот министерски состанок на Балканската платформа за мир, кој се одржа во Анталија, Турција, на маргините на Дипломатскиот форум во Анталија.
На состанокот, на кој учествуваа министрите за надворешни работи на сите земји од Западен Балкан и Турција, беа разгледани актуелните глобални случувања и регионалната динамика. Посебен акцент беше ставен на теми од непосреден интерес за граѓаните, како што се координацијата во ЕУ-интеграционите процеси, справувањето со природни катастрофи, регионалната поврзаност, како и младите и образованието. Министрите разменија мислења за можни решенија и споделија искуства од најдобрите практики.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја потврди силната поддршка на Северна Македонија за иницијативи што ја унапредуваат регионалната стабилност и отпорност. Тој ја поздрави соработката во справувањето со природни непогоди, како и проектите насочени кон младите, образованието и иновациите, вклучително и идејата за регионален технолошки фестивал, нагласувајќи дека вложувањето во младите е директна инвестиција во иднината на регионот.
Осврнувајќи се на европската перспектива на регионот, министерот ја истакна важноста од реформите, усогласувањето со европските стандарди, како и развојот на иницијативи во транспортот, инфраструктурата, здравството и дигитализацијата на образованието.
Министерот заклучи дека Балканската платформа за мир треба да продолжи да функционира како форум што продуцира конкретна соработка и видливи придобивки за граѓаните.
Балканската платформа за мир е иницијатива покрената од турскиот министер Хакан Фидан во јули 2025 година, со цел унапредување на регионалниот мир, стабилност и благосостојба преку заеднички пристап во решавањето на регионалните прашања. Досега се одржани два министерски состаноци во Истанбул.
