Македонија
Синдикатот на контролата на летање: Наводите на М-НАВ дека Тасевски признал оти штрајкот е незаконски се невистинити
Синдикатот на контрола на летање ( ССКЛ) демантира дека во било кој исказ, изјава или писмена форма, од било кој член на ССКЛ, вклучувајќи го и претседателот на синдикатот, е изнесено признание дека штрајкот најавен од страна на ССКЛ за 20 октомври, кој, како што велат, беше забранет како наводно незаконит од страна на Основниот граѓански суд Скопје, е незаконит, ниту, пак, дека се свесни оти постапуваме надвор од закон.
„Наводите на М-НАВ АД Скопје дека претседателот на ССКЛ, Тасевски, признал дека штрајкот што го најавил е незаконски се целосно невистинити и имаат за цел да го дефокусираат јавниот дискурс од реалниот проблем кој постои уште од 2023 година, а кој сегашниот менаџмент нема капацитет да го надмине. Со овие дезинформации, М-НАВ АД Скопје свесно ја манипулира јавноста, со цел да се наруши угледот на претседателот Александар Тасевски и на ССКЛ – синдикат кој доследно и единствено се спротивставува на секој обид, внатрешен или надворешен, што има за цел да ја поткопа професионалноста на компанијата“, сенаведува во демантот.
Од Синдикатот наведуваат дека не е вистина дека ССКЛ нема право на штрајк. „За истиот овој штрајк, во 2024 година, целата јавност беше сведок дека претставници на тогашната Влада и на надлежните министерства јавно ја изразија својата поддршка за истите барања што важат и денес. Како може тогаш штрајкот да бил легитимен, а денес не? Не е вистина дека не е завршена постапката во фазата на помирување. Не е вистина дека ССКЛ има политички цели или позадини“, се наведува во демантот.
Од Синдикатот најавија дека ќе продолжат да ја докажуваат вистината и пред медиумите и пред институциите.
Тие велат дека не добиле можност да се произнесат по наводите во тужбата и дека ниту еден медиум не добил пристап до оригиналните документи кои, како што велат, ја потврдуваат законитоста на штрајкот.
„ССКЛ ја обжали одлуката на Основниот граѓански суд Скопје со која се изрекува привремена мерка за забрана на штрајкот, а ние истата ја почитуваме, кое не значи дека со тоа потврдуваме дека најавата за штрајк е противзаконита и нелегитимна. Воедно напоменуваме дека за легитимитетот и уредноста на најавата и одржувањето на штрајкот постојат бројни писмени докази, кои се веќе доставени до Основниот граѓански суд Скопје. Да беше одржано рочиштето закажано за 17.10.2025 година, овие докази ќе беа јавно изложени и разгледани, но наместо тоа, судот донесе решение за времената мерка еден ден порано, на 16.10.2025 година, без да им даде можност на тужените да се произнесат и да ги приложат своите аргументи. И не само што ние како странка во постапката не добивме можност да се произнесеме по наводите од тужбата, туку и јавноста остана лишена од вистинската слика за настаните, бидејќи ниту еден медиум не добил пристап до оригиналните документи кои ја потврдуваат законитоста на најавениот штрајк кое и воопшто не треба да е фокус на медиумите во овој момент“, се наведува во демантот.
Од ССКЛ укажуваат дека е недозволиво и недопустливо во јавноста да се пренесуваат искази вадени од контекст, без писмена поткрепа и без проверка на фактичките докази.
„ССКЛ располага со автентични документи кои ја потврдуваат вистината, и затоа апелираме до сите медиуми и јавни институции кои сакаат да ја претстават реалната состојба — да ги побараат овие докази и да известуваат објективно и професионално“, велат од Синдикатот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.
Македонија
Никаде во Европа нема ваква корумпирана Влада, техничка влада мора да остане, бараат од СДСМ
„Споредбите со земјите од ЕУ како аргумент за укинување на техничката влада се класична манипулација. Никаде во Европа нема ваква корумпирана влада“, велат од СДСМ.
„Тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не ја сака техничката влада, затоа што кога ќе влезе министер од опозиција, ќе има увид во сите документи, во сите злоупотреби во целиот коруптивен систем.
Скандалот со ИПАРД 3 и злоупотребите на европските пари, за кои е приведен директор од ВМРО, се уште еден пример дека влез на опозициски министер ќе значи отворање и на другите криминални шеми во министерството.
Од тоа се плаши тендер коалицијата. Не сакаат техничка влада, затоа што тоа ќе значи отворање на пандорината кутија на криминалните тендери.
Без техничка влада не може да има праведни избори, нема контролен механизам и нема фер избори и затоа мора да остане“, соопшти СДСМ.

